СЈО е болката на ВМРО-ДПМНЕ – двојазичноста само патриотски изговор

vmro-dpmne-logo

ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот, ние сите сме дел од тие луѓе и мислам дека како политичка партија најмногу комуницираме со обичниот народ, ги чувствуваме неговите радости, неговите таги, неговата грижа, и токму чувствувајќи го тој импулс ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли тиранската платформа, не се согласи за двојазичност во Македонија и затоа не создаде влада. Инаку доколку ги прифатеше ВМРО-ДПМНЕ тие работи во овој момент ќе зборувавме за друга реалност.

[Извор: Курир: Николовски: Семето на пропагандата на СДСМ против Груевски нема да изрти во ВМРО-ДПМНЕ, датум: 25.05.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во рамките на гостувањето во емисијата „Фактор 24“  на „Телевизија 24“, експратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски, меѓу другото, зборуваше за преговорите кои неговата партија ги имаше со својот коалициски партнер во претходната македонска влада – Демократската Унија за интеграција, за формирање на идната влада по изборите во декември минатата година и за причините зошто преговорите не беа успешни. Притоа, Николоски кажа дека неговата партија ја отфрлила политичката платформа, потпишана од  трите партии на Албанците во Република Македонија,  и дека поради тоа не успеа да создаде влада. Меѓутоа, бројните изјави на челни луѓе на ДУИ, извештаите на медиумите од текот на преговорите и неофицијалните брифинзи од двете партии, покажуваат дека двојазичноста не била проблем во преговорите помеѓу ВМРО -ДПМНЕ и ДУИ, туку коалицијата не се направи поради тоа што ДУИ барала поддршка за продолжување на мандатот на СЈО, а исто така,  и не прифаќала вонредни парламентарни избори заедно со локалните. И, дури откако пропаднаа преговорите за составување заедничка влада,  партијата на Груевски почна да ја експлоатира двојазичноста како причина за неуспехот на преговорите за да се претстави себеси како бранител на македонските национални интереси. Поради што оваа изјава на Николоски ја оценуваме како невистинита.

 

ШТО (НЕ) ПРИФАТИЛО ВМРО ДПМНЕ ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО ДУИ?

Темата наречена „Тиранска платформа“ со месеци доминира меѓу темите поврзани со предвремените парламентарни избори во Република Македонија одржани во декември 2016 година и со преговорите за формирање на коалициската влада. Објавена на 7 јануари преку заедничка изјава на партиите на Албанците во Република Македонија, оваа политичката платформа требаше да биде основ за преговорите на сите партии потписнички за формирање на идната македонска влада, со нивните македонски политички партнери ВМРО ДПМНЕ или СДСМ. Првата од клучните точки на овој документ, наречена: Постигнување целосна рамноправност во согласност со Охридскиот Договор и Уставот,  е:

Постигнување целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија,

што, всушност,  беше пресудно за имиџот на контроверза кој веднаш по објавувањето се поврза со овој документ.

И додека ДУИ, Алијансата за Албанците и БЕСА уште од самото објавување на Тиранската платформа  тврдат дека нема ништо спорно или антидржавно во овој документ (со вистинско име „декларација“), ставот на ВМРО ДПМНЕ за декларацијата –платформата се менуваше во зависност од политичкиот момент. Само ден по објавувањето на платформата на албанските партии, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, одговарајќи на прашање на весникот „Дневник“ дали со креирањето на платформата на албанските партии се создава атмосфера тие овојпат да не коалицираат со ВМРО ДПМНЕ, тој не се изјаснува децидно против тој документ туку потсетува дека неговата партија предводи коалиција од околу 25 партии со заедничка платформа.

 Ако сакаме да ја играме играта со платформи, нема проблем, така ќе тераме отсега, 

додека за двојазичноста вели:

На Албанците во Македонија нема да им помогне ако имаат двојазичност на цела територија, вклучувајќи ги и Делчево, Берово, Гевгелија или Кавадарци. Ним може да им помогне ако во наредните четири години се отворат уште 100 или 150 нови фабрики, и се вработат илјадници луѓе, ако стандардот почне да расте и имаат поубав и поквалитетен живот, ако пораснат пензиите, платите, субвенциите, социјалната помош, ако се изгради потребната инфраструктура, ако добијат поддршка за градба на куќи, ако се направат многу реформи и земјата се придвижи напред.

Иако на почетокот (13.01.2017) излезе со став дека нема да прифати промена на Устав за воведување на двојазичност на целата територија на  Македонија, откако доби мандат за составување на нова Влада, Груевски со својот преговарачки тим ги почна преговорите со ДУИ, за што екстензивно известуваа медиумите, па така, на 23 јануари јавија дека ВМРО ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција „начелно ги усогласиле ставовите околу двојазичноста“ на начин што

Уставот нема да се менува, а ова прашање ќе биде регулирано со измени на Законот за употреба на јазиците,

брифирале изворите на Телма. Со ова, формално, ВМРО ДПМНЕ си остана доследно на ветувањето дадено на своите гласачи, дека нема да дозволи промена на Уставот заради воведување на двојазичноста на целата територија на државата, а суштински го прифати она што албанскиот коалиционен партнер, тргнувајќи токму од „Тиранската платформа,“ го барал во преговорите.

Дека ВМРО ДПМНЕ и ДУИ биле пред нов коалиционен договор беше кажано и на вестите на „Сител“ телевизија (која важи за една од најблиските до ВМРО ДПМНЕ и редовно брифирана од највисоките партиски кругови), каде беше  најавено  дека:

Централното претседателство на ДУИ донело одлука да влезе во коалиција со ВМРО ДПМНЕ за формирање влада, откако лидерот Никола Груевски претходно ја прифатил платформата на ДУИ.

 

 

ЗА ВМРО ДПМНЕ ДВОЈАЗИЧНОСТА ПРИФАТЛИВА, СЈО – НЕ!

Меѓутоа, по пропаѓањето на преговорите помеѓу овие две партии стана јасно дека пресудни биле несогласувањата околу статусот на СЈО. ВМРО ДПМНЕ останале на ставот да нема продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство додека интегративците биле за или тоа што ВМРО ДПМНЕ инсистирало на нови вонредни парламентарни избори што на ДУИ не му одговарало, но не се споменуваше дека прифаќањето на двојазичноста воопшто била проблем за партијата на Груевски. И додека ВМРО ДПМНЕ подготвуваше стратегија како на своите гласачи да им го објасни неуспехот, неговиот дотогашен коалиционен партнер ДУИ беше многу поконкретен:

Главниот проблем се јави бидејќи ние поставивме некои услови. Ние се залагаме сите партии да го прифатат СЈО, а ВМРО-ДПМНЕ тоа не го  направи. Не можевме да брзаме со одлуката само затоа што некому му се брзаше. Не можевме да преземене незамислени чекори, се работи за иднината на земјата. Реков во некои медиуми дека Албанците нема да бидат разочарани. Имавме отворена внатрепартиска дебата и не можевме да отстапиме од петте барања кои ги имавме,

рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети на 2.02.2017, одговарајќи на прашањето зошто пропаднаа преговорите со ВМРО-ДПМНЕ.

Но, од таборот на ВМРО- ДПМНЕ дојде поинакво толкување. Главните разлики, според ВМРО-ДПМНЕ, биле околу барањето на ДУИ за измени на Законот за употреба на јазиците.

Во разговорите со ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ беше изрично против воведување на двојазичност на целата територија, а покажавме интерес да се води дискусија околу одредени идеи за унапредувања на законот за употреба на јазиците во оние општини каде живеат етнички заедници различни од македонскта во висина од најмалку 20 отсто во рамките на општината, прашање за што исто така имаше многу разлики.

Дека на ВМРО ДПМНЕ нема да им помине така лесно купувањето на популистички поени кај гласачите со глумење патриотизам покажуваат и бројните изјави на нивните дотогашни коалициони партнери  кои инсистираа дека тоа не е вистина, наведувајќи дури и дека ДУИ добиле писмени гаранции од ВМРО ДПМНЕ дека

се согласиле со сите барања од Платформата на партиите на Албанците со исклучок на продолжување на мандатот на СЈО,

како што за Телма изјави Рафиз Алити, на 15 фебруари 2017 година.

Во интервју за Телма Бујар Османи, портпаролот на ДУИ имаше пофални зборови за партијата на Груевски:

Сакам да кажам дека во историјата на РМ првпат немаме никаква разлика со ВМРО ДПМНЕ и СДСМ за етничките прашања. Ако досега целата дилема беше околу членот 5 од Уставот дали употребата на албанскиот јазик е на локално ниво или на ниво на целата држава, ви кажувам дека немаме разлика по етничките прашања.

Потсетување до Груевски, дека не може едноставно со пласирање невистини да купува патриотски поени кај граѓаните, стаса и од Тирана:

Никола Груевски ја прифати декларацијата на партиите на Албанците, но потоа го прекрши договорот,

тврди премиерот на Албанија, Еди Рама.

Има уште многу медиумски материјал, главно изјави на претставници на Демократската унија за интеграција, во кој јасно се кажува зошто навистина пропаднале преговорите и зошто наводната патриотска позиција на ВМРО ДПМНЕ како бранител на унитарноста и противник на воведувањето двојазичност не е ништо друго освен вешто осмислена маркетинг-стратегија. Имаше и барања од самата Коалиција за подобра Македонија, ВМРО ДПМНЕ да се произнесе за тоа дали навистина ја прифатило двојазичноста во преговорите со ДУИ и што навистина било пресудно преговорите да пропаднат.

ТМРО како дел од коалицијата „За подобра Македонија“, смета дека официјално треба да се произнесе и ВМРО- ДПМНЕ, и отворено да каже дека заедничкиот став на коалицијата „За подобра Македонија“ е отфрлање на секаков вид на уцени кои се однесуваат на унитарниот карактер на македонската држава,

побара претседателот на ТМРО, Ванчо Шехтански.

Потоа следуваше дефинитивно разидување на позициите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ,  и бетонирање на патриотската платформа на ВМРО ДПМНЕ, која потоа ќе биде жестоко наметнувана како од собраниската говорница, така и на улица, преку протестите организирани од таканаречените Тврдокорни и други само формално независни здруженија и поединци, обединети под мотото „За заедничка Македонија“. Во согласност со менувањето на стратегијата, во вокабуларот на ВМРО ДПМНЕ се менуваше и терминологијата со која се користеа во изјавите поврзани со декларацијата на партиите н Албанците – од „платформа“ до „Тиранската платформа“.

Поради сето ова, оваа изјава на Александар Николоски може да се оцени како демагошка, наменета за партиски маркетинг, и пред сè како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *