СЈО има мандат и за истраги, и за обвиненија до 2020 година

 

Законот е јасен – СЈО има надлежност да постапува со целиот свој обем до последниот ден од истекувањето на мандатот – 15.09.2020 година

 

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, преку свој претставник, Бојан Стојановски, вчера, 23.07.2017, даде изјава во јавноста во која има манипулативен и невистинит дел околу рокот за постапување на Специјалното јавно обвинителство (СЈО):

Изјава: СЈО не смее да се става над законот. Согласно член 22 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, овој орган за селективен прогон не смее да води истражни постапки по истекот на 18-те месеци од денот на превземањето на предметите и материјалите во негова надлежност. Секој нов прогон и тормозење кој СЈО ќе го врши врз граѓани, членови на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде противзаконски и ќе биде основ за одговорност на вработените на СЈО.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб странадатум: 23.07.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Првиот дел од изјавата на претставникот на ВМРО-ДПМНЕ се однесува на изнесување на тврдења за политичкиот карактер на постапувањето на СЈО, нешто што и овој пат немаше поткрепа со ништо и нешто што повеќепати сме го деспинувале и разјасниле на страниците на „Вистиномер“. Но, вториот дел се однесува за една помалку шематизирана и поретко лиферувана невистина од страна на партијата и на нејзини блиски експерти, а го допира рокот на постапување на СЈО.

Како што генерално е познато во јавноста, на 30.06.2017 истече рокот од 18 месеци ставен во Законот за СЈО, по кој ова обвинителство требаше да покрене обвиненија или да нареди запирање на веќе покрената истрагата за можни сторени кривични дела, а кои се поврзани со материјалите од прислушуваните телефонски разговори што ги објавуваше опозицијата и со материјалите за одредени предмети што ги водеше редовното јавно обвинителство. Ден пред 30.06.2017, специјалната обвинителка Катица Јанева на прес конференција соопшти дека покренуваат нови три обвиненија, дека две истраги ги спојуваат во едно обвинение и дека вкупно СЈО има 20 обиненија за повеќе лица, кои сe предадени на судскиот систем. Но, тука воопшто не завршува рабоотата на СЈО, не само во смисла на водење на постапките за веќе покренатите обвиненија, туку и во смисла на натамошни предистраги, истраги и за покренување на нови обвинителни акти. Ова произлегува од самиот закон, но и од можниот развој на настаните во праксата со веќе покренатите обвиненија.

Што ако, на пример, во текот на една судска постапка за која постои обвинителен акт, дојде до нови кривични дела од страна на обвинетите, а поврзани со предметот за кој се води постапка? На пример, ако дојде до уништување на докази или заплашување и тормзење на сведоци? Се разбира дека СЈО во овој случај е сосема овластено да поднесе предлог за покренување обвинение за новото сторено кривично дело и да го спои со постојното, т.е. да го прошири обвинението во самата постапка.

Сепак, суштината на невистината искажана од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е во две јасни одредби од законот.

Првата е во Член 5, став пет од Законот за СЈО, во кој се наведува како Специјалното обвинителство (СЈО) ќе постапува со дела што не се од неговата надлежност, а ќе има сознанија за такви дела:

(5) Сите докази за кривични дела кои не се во обемот на овластувањата и надлежностите на јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, или се релевантни за постојни кривични предмети, ќе бидат предадени на Јавниот обвинител на Република Македонија и обвинителот кој го води предметот. (Член 5, став 5 од Законот за СЈО)

Ова значи дека низ досегашното прислушување на материјалите, а преслушани се како што кажа Јанева само 45 посто од добиените материјали, може се откриени индиции или докази за други кривични дела кои „не се во обемот на овластувањата и надлежностите“ на Јанева или пак можeби се „релевантни за постојни крвични предмети“ и таквите информации, индиции, докази, ќе му бидат предадени на редовното ОЈО или на надлежен обвинител од редовното обвинителство.

На пример, при истрага поврзана со нелегално финансирање на политичка партија, ако се барало и чекало информација и од странство, па се дојде до сознание и за друго кривично дело, кое не се однесува за финансирањото на партијата, таквата информација СЈО може и треба да му ја даде на редовното обвинителство. Ова ни го потврди и високопрофилиран правен експерт со кого се консултиравме при пишувањето на овој текст.

Второ, ако се разгледа Членот 22, кој го регулира рокот за постапување на СЈО во смисла на истраги или обвиненија, тој стриктно се однесува на покренување обвинение или запирање на истражна постапка, во рок од 18 месеци, но од „преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност“.

Што значи ова најдобро се гледа од случајот „Сопот“. Бидејќи Јанева и нејзиниот тим сметаа дека овој случај потпаѓа под нивна надлежност, затоа што имаат индиции од прислушкуваните разговори што ги добија за периодот 2008-2015, СЈО уште далеку пред 30 јуни 2017 г. побара од ОЈО и од Советот на обвинители да ја преземе надлежноста врз предметот „Сопот“, кој е во фаза на жалбени постапки на некогаш осудените 11 лица. Колегиумот на ОЈО, поточно на Обвинителството за организиран криминал и корупција, донесе одлука на почетокот на јули годинава, поточно на 5 јули, предметот да му го предаде на СЈО.

Според недвосмислено јасните одредби од Законот за СЈО, од Членот 22, рокот на СЈО тече од оној момент кога физички го презеле предметот од ОЈО:

Член 22

Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност.

Сосема е јасно дека законодавецот размислувал дека можеби материјали од надлежност на СЈО ќе бидат добиени дури и на истекот од петгодишнината од неговото формирање, на пример, некаде летото 2020 година. Оттука надлежноста на СЈО да се занимава со својата работа и да бара докази, да покренува предистраги, истраги и нови обвиненија, според Законот, трае се до истекот на петгодишнината од негово формирање, а тоа е 15 септември 2020 година.

Поради погоре наведените аргументи изјавата на полтичката партија ВМРО-ДПМНЕ искажана од нејзиниот претставник, а во врска со завршената надлежност на СЈО да води истражни постапки, ја сметаме за невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *