СЈО: Имаме извесен напредок и покрај тешката соработка со сите субјекти

Катица Јанева. Фото: Мета.

 

Пишува: Тео Блажевски

 

Специјалното јавно обвинителство постигнало „извесен напредок“ во повеќе предмети, кои се во надлежност на ова обвинителство и покрај опструкциите од „сите субјекти“ со кои треба да соработуваат.

Сепак и покрај ваквата состојба на отежната соработка, Ве известуваме дека во тек се повеќе предистражни постапки по предметите за кои е воспоставена стварна надлежност и постои извесен напредок во истите, но, во овој момент не сме во можност да соопштуваме детали, а сето во интерес на истрагата“, се наведува во соопштението на СЈО.

Обвинителството појаснува дека со сите субјекти со кои треба да соработува има отежната соработка.

Во изминатиот период особен интерес беше изразен за нашето постапување по однос на бараните материјали од СДСМ. Повторно укажуваме дека ние очекуваме материјалите да ни бидат предадени и сите субјекти да започнат активно да соработуваат со ова Јавно обвинителство. Појаснуваме дека соработката со субјектите до кои се обраќаме, без оглед за кого станува збор,  е отежната и во оваа насока наш конкретен став за ваквата отежната соработка и мерките кои ќе бидат преземени од наша страна, ќе биде соопштен во средината на јануари.

Специјалното јавно обвинителство апелира до јавноста да не се политизира нивната работа, да се избегнуваат етикетирање, бидејќи нивната основна дејност се независни и професионални истраги.

Апелираме до сите субјекти да се воздржат од етикетирање на ова Јавно обвинителство и негово ставање во функција на реализација на различни политички и други цели, бидејќи најважно во овој момент е спроведување на независни и професионални истраги, во рамки на кои доследно ќе се почитуваат начелата на тајност на предистражната постапка, објективност и легалитет во постапувањето, се вели во соопштението.

Од Обвинителството информираат дека во тек се добивањето на безбедносните сертификати за обвинителите што работат со класифицирани информации и дека дел од нив веќе ги поседуваат.

Воедно Ве известуваме дека во тек е постапка за добивање на безбедносни сертификати за јавните обвинители, при што на дел од обвинителите веќе им се издадени сертификати за работа со класифицирани информации со степен на класификација „Државна тајна“.

За тешкотиите со кои се соочува Специјалното обвинителство во својата работа јавноста е сведок од самиот почеток, кога специјалната обвинителка Катица Јанева се соочи со опструкции околу бројот на замениците обвинители што ги предложи и кој неколку пати и беше одбиван од Советот на јавни обвинители. Потоа, долго време се чекаше на објектот, кој откако беше избран дури сега се реновира преку тендерска постапка, за која денеска од СЈО соопштија дека е распишана.

Пред неколку дена СЈО беше одбиено од мнозинството во Собранието да добие свој посебен закон за јавно-обвинителска служба, а како еден вид отстапка, мнозинството се согласи дека Јанева може сама да ги определува висината на надоместоците за замениците обвинители.

Новинарот на „Фокус“, Љубиша Арсиќ, кој ги откри аферите за фалсификуваните пасоши од минатата година и за личните карти од пред неколку недели, во интервју за Нова ТВ порталот, наведува дека е уверен во желбата за контролата на власта врз СЈО.

Знам дека звучи страшно и кога ќе го изговорам, а не и да се случува, но мислам дека власта има, можеби свои тајни агенти за специјалните обвинители, што претпоставувам дека го следат секој нивни чекор, вели Арсиќ.

Истовремено, денеска Специјалното јавно обвинителство извести дека одбраната на Зоран Верушевски до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 побарала замена на мерката притвор против него со други мерки на претпазливост. Еве што известува СЈО:

Од страна на одбраната за обвинетите предложено е укинување на мерката притвор и определување на гаранција, по однос на што, а постапувајќи по барање на Судот, ние дадовме позитивно мислење во кое појаснивме од кои причини сметаме дека постојат услови мерката притвор да биде заменета со гаранција. Воедно од наша страна предложено е и определување на мерки на претпазливост и тоа мерка на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште или престојувалите и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа за поминување на државна граница.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција