СЈО премиерно со случајот „Пуч“

Courtroom, Court of First Instance, Skopje 1.

Случајот „Пуч“ е еден од 34-те предмети за кои Специјалното јавно обвинителство (СЈО) соопшти денеска дека е надлежно и дека ќе постапува во натамошните процесни дејствија, што значи дека е прв предмет со кој ќе се занимава конкретно во судница.

Имено, случајот „Пуч“ произлезе по апсењето на пет осомничени, а потоа и обвинети лица за шпионажа, соработка со странски служби и закани и уцени кон највисоки носители на државни функции, а од притвор единствено беше „поштеден“ лидерот на опозицијата Зоран Заев, кој во кривичната пријава  беше четврто-осомничен.

Така, од 34 предмети што  произлегоа од незаконски следените комуникации на политичари, јавни личности и обични граѓани, обвинителите на СЈО, за шест дена, најпрво ќе ги видиме во Основниот суд Скопје 1, каде се одвива судењето на обвинетите за случајот „Пуч“.

Од она што се знае досега, сигурно е дека случајот ќе продолжи таму каде што застанал на последното судење, на кое досега не се појавуваше г. Заев. Тој порано изјави дека има намера да се појави во судница само кога предметот ќе го преземе СЈО.

Покрај појавувањето на Заев во судница, на 21.12.2015 може да се очекува од СЈО или да остане на обвинението што досега го застапуваше Основното јавно обвинителство (ОЈО), одделот за организиран криминал, или да се откаже од обвинението, или да го измени во насока на негово проширување, или обратно – откажување од барањето за судење за некои од делата што им се ставаат на товар на обвинетите.

Одбраната, воедно, очекува од СЈО да побара и ослободување од притвор на обвинетите, со образложение дека ниту еден од трите услови за определување на мерката притвор веќе не важат и тие може да се бранат од слобода. Во притвор останаа двајца обвинети, Зоран Верушевски и Ѓорѓи Лазаревски, откако други двајца беа ослободени на крајот од јули.

„Вистиномер“ на два пати во изминатите три дена побара изјаснување на СЈО како ќе постапува генерално со овој предмет, но оттаму засега не можат да одговорат на нашата љубопитност.

Во овој момент не би сакале да го коментираме начинот на нашето постапување во предметот Пуч. Секако, штом ќе се создадат услови, благовремено ќе Ве информираме, кратко одговорија од СЈО.

 

Извори:

  1. Радио Слободна Европа (http://www.makdenes.org/archive/news/20151214/428/428.html?id=27426153), пристапено на 14.12.2015
  2. Призма (http://prizma.birn.eu.com/%D0%BC%D0%BA/%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%80%D0%B8%D0%B8/%D0%BA%D0%BE%D0%BC%D0%BF%D0%BB%D0%B5%D1%82%D0%B5%D0%BD-%D0%BC%D0%B0%D1%82%D0%B5%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0%D0%BB-%D0%BE%D0%B4-%D1%81%D0%B8%D1%82%D0%B5-33-%D0%B1%D0%BE%D0%BC%D0%B1%D0%B8-%D0%BD%D0%B0-%D0%BE%D0%BF%D0%BE%D0%B7%D0%B8%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B0), пристапено на 14.12.2015
  1. Мета (http://meta.mk/sdsm-ako-janeva-ne-go-prezeme-puch-do-2-dekemvri-zaev-nema-da-se-pojavuva-vo-sudot/), пристапено на 14.12.2015
  1. Вистиномер (http://vistinomer.mk/%D1%81%D0%BB%D1%83%D1%87%D0%B0%D1%98-%D0%BF%D1%83%D1%87-%D0%BF%D0%BE-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%B7%D0%B5%D0%BC%D0%B0%D1%9A%D0%B5%D1%82%D0%BE-%D0%BE%D0%B4-%D1%81%D0%BF%D0%B5%D1%86%D0%B8/), пристапено на 14.12.2015
  2. Нова тв (http://novatv.mk/index.php?navig=8&vest=23707&cat=2), пристапено на 14.12.2015