СЈО: УБК прислуслушува(ла) 6000 луѓе, само Груевски поштеден!

СЈО: Со „Таргет“ се демаскира „Пуч“ Фото: Принтскрин

 

Истрагата „Таргет“ и доказите што ги поседува СЈО, а во кои тие се сигурни, де факто го демаскира случајот „Пуч“ и тврдењата на поранешниот премиер Никола Груевски дека зад незаконското прислушување стојат странски служби, чадори, жолти комбиња, за кои работел лидерот на опозицијата Зоран Заев. Се разбира ова ќе треба да се докаже и во суд

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Целата вистина за скандалот со масовното незаконско прислушување лежи во злоупотреба на позицијата и овластувањата на повеќе лица од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), а таргет биле најмалку околу шест илјади граѓани за периодот од 2008 до 2016 година, при што постојат докази дека  незаконската активност продолжила и во 2016 година

Ова се основаните сомневања на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое денеска соопшти дека е покрената истрага за главното прашање за кое се формирани – расчистување на скандалот со прислушувањето и давање одговор на тоа кој незаконски ги следел комуникациите во РМ.

Истрагата под кодно име „Таргет“, како што соопшти на почетокот специјалната обвинителка Катица Јанева, се водела повеќе месеци, а сознанијата се плод на макотрпна работа на целото Обвинителство. Докази има, осомничени има, а истрагата сè уште се води за прецизно утврдување на мотивот за делото.

 

ВРВОТ НА УБК СЛУШАЛ НОВИНАРИ, ПОЛИТИЧАРИ, БИЗНИСМЕНИ

Обвинителката Фатиме Фетаи која го презентираше случајот изјави дека станува збор за 10 осомничени лица, сите вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, при што тројца се меѓу прво осомничените. Тие биле или сè уште се на највисоките позиции на УБК, додека останатите осомничени лица се соученици и извршители. По налог на првоосмничениот и второосомничениот, преку третоосмничената биле внесувани бревите кои треба незаконски да бидат прислушувани, по што третоосомничената ги давала наредбите и за тоа кои се крајните корисници, а тоа биле најчесто прво и второ осомничениот.

Доказите со кои во овој момент располагаме, упатуваат на основано сомнение дека преку системите за следење на комуникации во периодот 2008-2015 година незаконски била следена комуникацијата на најмалку 4286 телефонски броеви, за кои воопшто не биле издадени судски наредби за нивно следење. Следена е комуникацијата и на телефонски броеви во период, пред да биде издадена судска наредба, а истата е следена и по завршување на траењето на наредбата. На ваков начин незаконски била следена комуникацијата на  најмалку 1541 телефонски броеви или вкупно на најмалку 5827 телефонски броеви. Притоа, незаконски биле следени и сите лица кои комуницирале со телефонските броеви кои биле таргет на незаконско прислушување во тој период.

Според СЈО, најмногу налози за незаконско следење на комуникациите давал поранешниот раководител на оваа служба, а второ осомничениот иако и самиот на своја рака следел, најчесто го организирал следењето преку апаратите во 5-тата Управа на УБК и преку телеком операторите.

Според доказите, постои основано сомнение дека првоосомничениот кој бил на раководна позиција во УБК, иако немал никакво законско право, пристапувал кон слушање на телефонски разговори за кои не биле издадени посебни истражни мерки, а воедно давал и наредби за внесување на телефонски броеви во системот за следење на комуникации кои припаѓале на лица кои биле во блиски приватни односи со првоосомничениот, лица припадници на политичката, бизнис и новинарска фела во Република Македонија и други лица.

Второосмничениот ги поседувал сите лозинки и кориснички профили на тие што слушале, креирал посебен начин на внесување на податоците за тоа кој е слушан незаконски, а во тоа му помагала тетосомничената. Други две лица ги внесувале броевите во машините за слушање, додека останатите лица ги транскрибирале разговорите за потребите на првите двајца.

fireshot-capture-126-sjo-ima-dokazi-za-nezakonski-prislushu_-http___mk-voanews-com_a_3602249-html
Графичкиот приказа на СЈО како се прислушкувало по години

СЛУЧАЈОТ ГО ОТКРИЛ ВРАБОТЕН ВО УБК

Целиот случај со незаконско прислушување го открил вработен во УБК, кој преку уште две лица, аудио записите и транскриптите во крајна инстанца му ги предале на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој пак на крајот од 2015 година му ги предаде на СЈО.

Ваквите дејствија биле забележани од лице вработено во УБК, кој прибавил дел од транскриптите што ги правеле овие осомничени, а воедно прибавил и дел од аудио записите на незаконски следените комуникации. Овие аудио записи и транскрипти лицето вработено во УБК, ги предавало на друго лице, а крајно преку трето лице биле предадени на лидерот на една политичка партија, кој на 30.12.2015 година ги предаде на ова јавно обвинителство.

Предмет на анализа и истражување беше и работата на третиот систем за следење на комуникации, кој моментално е сеуште во употреба во Управата за безбедност и контраразузнавање, а чија работа ја истражувавме за периодот од 21.01.2015 година до 31.12.2015 година – соопшти Фетаи.

Подоцна при одговорите на новинарските прашања, обвинителката Ленче Ристеска објасни дека тоа значи дека незаконски се прислушувало и во 2015 година, откако е објавена аферата од страна на опозицијата, а дека постојат докази дека се прислушува и во 2016 година, со тоа што мандатот на СЈО е откривање на злоупотреби до 31.12.2015 година.

Воедно, од прибраниот доказен материјал произлегува и сомнение дека незаконското следење на комуникациите продолжило и после обелоденувањето на аферата со прислушкувањето и како податок може да Ви презентирам дека на ден 31.12.2015 година незаконски биле прислушкувани вкупно 138 телефонски броеви, а доказите кои ги поседуваме покажуваат дека процесот на злоупотреба на системот за следење на комуникациите продолжил и во 2016 година – рече Ристеска

Одговарајќи на новинарско прашање Ристеска кажа дека доказите со кои располагаат – материјални и вербални, укажуваат на тоа дека оваа истрага ќе влијае и врз процесот „Пуч“, во кој осомничени се шест лица од кои тројца порано вработени во УБК, кои се товарат за шпионажа, додека другите, вклучувајќи го и лидерот на опозицијата Зоран Заев за насилство врз највиоски претставници на државната власт.

Според Ристеска, токму обвинетите во Пуч биле цел на долгогодишно незаконско прислушување и може да се сметаат за оштетени.

Оваа истражна постапка неминовно ќе има свои импликации и во постапката по предметот познат во јавноста како „Пуч“. Конкретно, според податоците со кои во моментов располагаме, телефонските комуникации на обвинетиот Зоран Верушевски во истражуваниот период незаконски биле следени најмалку 600 денови и тоа пред издавањето на судските наредби, додека комуникациите на телефонскиот број кој го користела обвинетата Соња Верушевска се незаконски следени најмалку 816 денови.

Кај обвинетиот Бранко Палифров, телефонските комуникации незаконски биле следени најмалку 90 денови и тоа пред издавањето на судските наредби.

Еден од телефонските броеви на обвинетиот Зоран Заев незаконски бил следен најмалку 1150 денови, од кои најголемиот дел во периодот пред издавањето на судските  наредби, а околу една година и по истекот на периодот определен во судската наредба, додека другиот негов телефонски број незаконски бил следен најмалку 400 денови – рече Ристеска.

 

ГРУЕВСКИ ПОШТЕДЕН – ВМРО ДПМНЕ И ДУИ НЕ

Од досега сообраните докази СЈО констатирало дека биле прислушувани не само функционери на опозицијата, туку и функционери од владејачките партии. На конкретно прашање обвинителката Ристеска појасни дека таргет биле и министри, а дека доказите што ги поседуваат укажуваат дека тогашниот премиер Никола Груевски бил поштеден од прислушувањето.

Неговиот глас го слушате затоа што бил во комуникација со оние што биле таргет – односно лица чии телефонски броеви биле слушани, објасни Ристеска. Меѓу слушаните и тоа долго време, биле и најверните соработници на Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски.

Екс-министерката Гордана Јанкуловска била прислушувана 732 дена незаконски, а екс-министерот Миле Јанакиески, кој поседувал неколку броеви, бил следен 732 дена на едниот, 553 на вториот, додека 816 дена на третиот број .

Таа додаде дека се следени и функционери на коалицискиот партнер во Владата  – ДУИ и тоа долго време. Според соопштените податоци, најдолго незаконски бил следен Муса Џафери, долгогодишен вицепремиер и во самиот раководен врв на ДУИ од нејзиното формирање до денес.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети бил следен најмалку 338 денови на едниот број и 867 денови на другиот свој број. Муса Џафери од ДУИ бил следен 1658 денови и слично. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи и на едниот и на другиот телефонски број бил следен 1257 денови. Лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски, на едниот број бил следен 320 дена, а на другиот број 92 дена, итн. – рече Ристеска.

Како пример за долго следење на комуникациите без законска основа меѓу бизнисмените го издвои првиот човек на Комерцијална банка Хари Костов, кој бил следен 732 дена. Од бројните следени новинари од кои некои уште од порано поднесоа оштетно побарување против непознат сторител, Ристеска на прес-конференција ги издвои новинарката Мери Јордановска и новинарите Борјан Јовановски и Горан Михајловски.

Така на пример, едниот телефонски број на оштетениот Борјан Јовановски незаконски е следен во периодот од 03.12.2010 до 10.01.2013 година, додека другиот негов телефонски број е незаконски следен во периодот од 25.12.2012 година до 10.03.2015 година. Оштетената Мери Јордановска е следена незаконски во периодот од 15.02.2014 година до 10.03.2015 година, додека оштетениот Горан Михајловски незаконски е следен во периодот од 01.02.2013 година до 10.03.2015 година – рече Ристеска

fireshot-capture-125-obrakane-na-premierot-nikola-gruevski-do-gra_-https___www-youtube-com_watch
Од прес конференцијата на тогашниот премиер Груевски за „жолтите комбиња“ – 31.01.2015

ОПШТЕСТВОТО ГО ВОЗВРАЌА УДАРОТ

Прес конференцијата започна со израз на жалење на специјалната обвинителка Катица Јанева, дека масовно е кршен Уставот на Република Македонија, донесен пред точно 25 години.

По точно 25 години од денот на донесување на Уставот како највисок правен акт со кој се гарантираат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, со длабоко жалење може да се констатира дека темелните вредности на уставниот поредок се уништени. Со незаконското следење на комуникациите на повеќе илјади лица кои живееле во Република Македонија во периодот од 2008 до 2015 година, ниту им се почитувани приватноста на личниот и семејниот живот, ниту пак била гарантирана тајност на комуникациите.

Јанева додаде дека ниту ќе дозволи некој да ја обесхрабри, ниту да се откаже од гонењето на криминалот, без оглед кој стои зад него и на кого ќе се однесуваат обвиненијата.

Повторувам и во оваа прилика дека се чуствувам слободна и цврста во мојата работа бидејќи на моја страна се уставот, законите, правдата и вистината, и што е многу важно чувствувам широка подршка од јавноста. Јасно и гласно кажувам дека нема да молчам ниту за една нерагуларност, ниту пак некој ќе биде заборавен во борбата што ја водам против беззаконието.

Обвинителката Фетаи, пак, и на почетокот и на крајот од своето излагање, потенцираше дека „е време цивилизираното општество да го врати ударот“ нанесен со незаконското кршење на човековите права.

Нападот врз човековите слободи и права е најсилниот удар врз едно цивилизирано демократско општество. Сега е ред на таквото општество да возврати – рече Фетаи.

Осомничените се истражуваат за злоупотреба на службена положба и овластување по член 353, став 5 од Кривичниот законик, за што предвидената казна е најмалку 5 години затвор.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција