СЈО во кривична обработка има 30 предмети со 80 лица за три месеци

После три месеци ефективна работа наскоро првите обвиненија. Фото: СЈО

Првиот извештај до Собранието на РМ за работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) покажува дека иако ефективната работа на Обвинителството трае околу три месеци, веќе има голем број предмети кои се во фаза пред подигање обвиненија и покрај несоработката на голем број институции кои требало да соработуваат со СЈО. Покрај ова разјаснето е што предала СДСМ – над половина милион аудио фајлови од прислушкувани разговори

 

Првиот извештај до Собранието на РМ за работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) покажува дека иако ефективната работа на Обвинителството трае околу три месеци, веќе има голем број предмети кои се во фаза пред подигање обвиненија и покрај несоработката на голем број институции кои требало да соработуваат со СЈО. Покрај ова разјаснето е што предала СДСМ – над половина милион аудио фајлови од прислушкувани разговори

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Специјалното јавно обвинителство за период од три месеци активна работа има во кривична обработка 30 предмети против 80 лица, од кои најголемиот дел се однесуваат на дела поврзани со изборите, како и вкупно 120 предмети кои се во разна обработка.

Ова се наведува во Извештајот на СЈО кој согласно законот е доставен до Собранието на РМ за работата во изминатите шест месеци, од кои, како што вели Обвинителството, ефективно се работи три месеци.

Во извештајниот период од основањето на ова Јавно обвинителство па до 15.03.2016 година во уписникот НСК-КО запишани се вкупно 30 предмети против 80 лица, од кои 29 предмети во 2015 година против 77 лица и 1 предмет во 2016 година против 3 лица.

Според структурата на кривичните дела, најголем број лица се сомничат за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ – 37 лица, 12 лица за кривично дело „Повреда на слободата на определувањето на избирачите“, а за 10 лица се води постапка и за кривично дело „Злосторничко здружување“. Во овие предмети и лица спаѓаат и постапките против лицата од случајот „Пуч“, предмет кој е во фаза на судска постапка започната уште пред формирањето на СЈО.

Од вкупно 120 предмети кои се во фаза на разна обработка, 50 биле запишани во уписникот во 2015 година, додека 70 во текот на 2016 година:

Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите -прислушкувањето, испитување на изборни нерегуларности, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.

 СЈО ја наведе и бројката на вкупно сослушаните лица во извештајниот период од неколку месеци. Станува збор за над 200 сослушани лица и составени записници:

Во извештајниот период имајќи го предвид целокупното постапување составени се вкупно 221 записници за испитани лица, поднесени се вкупно 140 барања за собирање потребни податоци, известувања и докази по член 287 од ЗКП, издадени се вкупно 29 наредби по член 284 од ЗКП, поднесени се и 34 барања по разни други основи до физички и до правни лица, донесени се вкупно 5 наредби за вештачење и упатени се писмени известувања во 19 предмети до повеќе физички и правни лица, поднесено е едно барање за издавање наредба за претрес и одземање на предмети, поднесени се два предлога за привремено одземање на предмети, во 3 предмети издадени се наредби за спроведување на истражна постапка против вкупно 25 лица, дадени се 9 предлози за определување на мерка притвор, издадена е една наредба за посебна истражна мерка од ЗКП и поднесени се вкупно 10 жалби на решенија. 

 

СДСМ ДОСТАВИЛ НАД ПОЛОВИНА МИЛИОН АУДИО ФАЈЛОВИ

Во Извештајот потпишан од специјалната обвинителка Катица Јанева се нотира и примопредавањето на прислушкуваните материјали од страна на политичката партија СДСМ на последниот ден од 2015 година. Според Јанева, СДСМ предале над половина милион аудио фајлови и шест кутии со транскрипти од телефонски разговори, СМС пораки и друг материијал.

По прегледувањето и класифицирањето на дадениот материјал од СДСМ, што завршило на 11 маерт годинава, СЈО го констатирало следново:

На екстерниот хард диск се содржани вкупно 546.948 (петстотини четириесет и шест илјади деветстотини четириесет и осум) фајлови, од кои 540.646 (петстотини четириесет илјади шестотини четириесет и шест) се аудио фајлови и 6.302 (шест илјади триста и два) фајлови се со различен формат (word, excel, PDF и други).

Во печатена форма доставени се вкупно 23 (дваесет и три) спирално укоричени книги со вкупно 18.155 (осумнаесет илјади сто педесет и пет) страници, на кои се содржани вкупно 119.088 (сто и деветнаесет илјади осумдесет и осум) транскрипти од разговори и СМС пораки. Доставени се и вкупно 1.828 (илјада осумстотини дваесет и осум) листови со испечатен текст кои не беа нумерирани, а кои Комисијата ги нумерираше со бројки од 1 до 1828.

СЈО за ова составило записник од 619 страници, а воедно формирана е комисија која ќе ги преслушува материјалите:

По завршување на процесот на евидентирање на материјалите, формирав Комисија за преслушување на материјалите. Воедно воспоставени се интерни постапки за евидентирање на процесот на преслушување на материјалите, како и постапки за издвојување на разговорите кои се исклучиво од приватна природа, а во насока на почитување на приватноста на лицата кои се опфатени со таквите разговори. Оваа комисија својата работа ја започна на крајот на извештајниот период и статистички податоци за обемот на преслушаните материјали ќе биде доставен во наредниот шестмесечен извештај.

Патем, оваа бројка од над половина милион аудио фајлови одговора на поголемиот број јавни изјави на лидерот на СДСМ за тоа со колку телефонски разговори располага СДСМ, но не и на последната дадена во јавноста, кога Зоран Заев рече дека партијата имала во посед над 1 милион разговори и ги предала во СЈО . Ова значи дека или изјавата на Заев не е точна или на Јанева не и ги доставиле сите разговори кои им биле во посед или пак во еден аудио фајл се залепени повеќе телефонски разговори.

 

БАРАЛА 5 ДОБИЛА 33 ПРЕДМЕТИ

Катица Јанева не е задоволна од својата досегашна работа во однос на динамиката на работниот план што го има донесено СЈО, но за тоа вината ја гледа во необезбедени услови за навремено започнување со работа на СЈО и во несоработката со институциите:

 Динамиката предвидена со Општиот работен план не е реализирана според планираните рокови поради фактот што не беа обезбедени сите услови за навремен почеток на работата на ова Јавно обвинителство и поради ненавременото комплетирање на обвинителскиот тим. И покрај ваквата состојба успеав да реализирам дел од предвидените работи од овој план.

 Во извештајот Јанева наведува дека најголеми проблеми има со јавните обвинителства и со Судот:

Имено, со постапувањето на дел од јавните обвинителства во Република Македонија спротивно на моето барање за доставување на само пет предмети и доставувањето на сите предмети содржани во статистичкиот преглед на Јавното обвинителство на Република Македонија, изразено е непочитување на динамиката на работа и автономноста на ова Јавно обвинителство. Воедно истите овие јавните обвинителства и во наредниот период одбиваа да соработуваат со ова Јавно обвинителство, одбивајќи да ми достават предмети на увид без да имаат законски основ за таквото одбивање и воопшто одбивајќи да ми ги достават предметите кои ги имам побарано со цел да се произнесам за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство.

Јавноста досега беше запозната дека дел од предметите што ги бара СЈО , основните обвинителства ги имаат дадено до Советот на обвинители да процени дали тие спаѓаат во делокругот на работата на Јанева, како што е предметот поврзан со аферата Телеком. Таа пак, е децидна дека само СЈО може да реши за надлежноста, имајќи предвид дека само СЈО поседува незаконски прислушкувани разговори. Оттука, Јанева во Извештајот констатира дека ако Советот продолжи со игнорирањето, таа ќе ја вoспостави стварната надлежност врз основа на индициите што ги има во разговорите:

Доколку продолжи праксата на недоставување на предмети на мое барање, јас ќе бидам приморана да воспоставам надлежност врз предметите врз основа на прислушкуваните материјали и да се легитимирам во постапките по таквите предмети, а се со цел исполнување на моите законски обврски.

Јанева се жали и на соработката и со Кривичниот суд во Скопје и со другите институции:

Во извештајниот период и Основниот суд Скопје 1 Скопје, не ги достави доказите на ова Јавно обвинителство како овластен тужител со што предизвика одолговлечување на почетокот на главната расправа за предметот познат во јавноста како „Пуч“ (со одбивањето да постапи согласно правилата на меѓуинституционалната соработка, регулирана во членот 81 од ЗКП и да обезбеди копии на доказите од предметот за ова Јавно обвинителство). Истото се случува и при доставување од ова Јавно обвинителство барање за увид во архивирани предмети. Несоодветен начин на постапување имаат и други државни институции и органи кои не постапуваат по барањата и роковите определени од Специјалниот јавниот обвинител. 

Сепак, дел од институциите редовно и коректно соработувале ос СЈО, вели Јанева. Во завршниот дел од извештајот Јанева изразува оптимизам и најавува дека наскоро ќе бидат подигнати првите обвиненија:

Предметното постапување на ова Јавно обвинителство говори дека во извештајниот период започнати се многу предистражни постапки, од кои дел се во поодмината фаза, а дел поминаа и во фаза на истрага. Воедно за краток временски период преземени се голем број процесни и административни дејствија. Анализата на работата на ова Јавно обвинителство во извештајниот период јасно покажува дека во најскоро време може да се очекуваат и првите обвиненија.

Специјалното јавно обивнителство е формирано формално со изборот на Јанева за нејзин прв човек на  на 15 септември 2015, а фактички целосно со изборот на 12 Јавни обвинители на 4-ти ноември 2015 од страна на Советот на јавни обвинители. Согласно договорот за решавање на политичката криза од Пржино, основна цел на СЈО е да ги расчисти делата поврзани со наводите од прислушкуваните телефонски разговори. Во Извештајот се наведени и други детали, како што се финансиските аспекти и односите со јавноста, а претставен е и веб сајтот на СЈО.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција