Ски центарот на Водно само пуста желба

Само најави за скијачки патеки на Водно Фото: Принтскрин

По пат на јавно-приватно партнерство, Градот Скопје ќе најде приватен партнер, кој ќе изгради ски-центар на Водно, кој во согласност со студијата би требало да изгради (скијачки патеки, ски-лифтови, подвижни теписи, ресторани, административна зграда, каде што ќе има ски- рент и ски-школа ,технички објекти). Вредност на проектот: 5 милиони евра (Рок: 2014-2016 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ски-центарот на Водно што го вети градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски  за локалните избори во 2013 година, досега (22.04.2016) не е изграден, а нема изгледи дека тоа ќе се случи до крајот на оваа година (2016), кога е проектираниот рок за неговата реализација. Овој проект владејачката партија го вети и во Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014-2018) (Туризам, стр.146) со која излезе на предвремените избори во 2014 година.  Изградба на ски –патека на Водно вети и во 2011 година  во  Манифестот за реформи и развој – Изборна рограма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2014) ( Туризам, стр.137).

Со проектот „ Ски центар на Водно“ најпрво раководеше Градот Скопје, кој во 2012 година објави и тендер за воспоставување на јавно – приватно партнерство за ски-центарот. По неуспешниот обид од градската власт, ЕЛЕМ ја презеде улогата да ги гради ски – терените на Водно. А тендерот за избор на концесионер за иградба и управување со скијачката патека на Водно беше распишан  на почетокот на 2013 година.

По завршувањето на подготвителните активности од страна на Градот Скопје, државната компанија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ)  во почетокот на феруари 2014 година објави тендер за пронаоѓање приватен инвеститор што ќе ги гради четирите ски – патеки со должина од 3.850 метри, трите ски – лифта со должина од 1.350 метри и двата подвижни тепиха со вкупна должина од 160 метри.

Во проектот за скијачкиот комплекс е предвидена и изградбата на административна зграда со површина од 240 метри квадратни, во чии рамки ќе има ресторан, скијачка школа и оддел за изнајмување скии. Највисоката точка на планираниот скијачки центар е на надморска височина од 1.050 метри, додека најниската точка е на 570 метри, каде е и почетната станица на постоечката жичара.

Проектно – техничката документација за ски – центарот на Водно во 2014 година  ја изработи Градежниот институт „Македонија“, за што беа потрошени околу 220.000 евра. Во октомври 2015 имаше  информација дека ревизијата на проектот ја прави  фирмата „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“.

На почетокт на  оваа година 2016 година (19 јануари) медиумите информираа дека Електрани на Македонија повторно  распиша јавен повик за концесија за изградба на скијачките терени на Водно. Но, истиот ден (19.01.2016) од Електрани на Македонија (ЕЛЕМ)  демантираа   дека е објавен повик за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на скијачки центар на Водно. Од државната компанија соопштија дека  не е донесена одлука околу моделот за финансирање.

Допрва ќе се одлучува дали зимско – рекреативниот центар ќе се гради по пат на јавно – приватно партнерство, или пак, самата компанија ќе ја финансира неговата реализација.

Проектот „Ски- центар Водно“ не се спомнува во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија” 2016, ниту пак, во Отчетот за 2015 година на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Имајќи го предвид сето ова како и фактот што во моментот нема достапни информации дека се започнати некакви конкретни активности за изграба за ски-центарот на Водно, ова изборно ветување го оценуваме како неисполнето.

Забелешка

Оваа тема  „Вистиномер“  ја анализираше во февруари 2013 година (пред локалните избори), како проект од Манифестот за реформи и развој – Изборна рограма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2014) ( Туризам, стр.137), кој  тогаш  беше оценет како „ неисполнет“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција