Скопјани сè уште го чекаат продолжението на булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“

Состојба со булеварот на крајот на август. Фото: Веб - портал на Град Скопје

 

 

Ветување: Во насока на олеснување на сообраќајот во овој дел од градот, Град Скопје ќе изработи техничка документација за продолжување на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ од подвозникот и ќе ја поврзе оваа витална сообраќајница со заобиколницата. Со ова ќе се добие ново сообраќајно решение и алтернатива за жителите од општините Чаир и Бутел. (Вредност на инвестиција: 200 мил денари. Рок 2016 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалниците на Скопје и на Бутел, Коце Трајановски и Петре Латиновски во 2013 година имаат ветено активности околу доизградба на булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ во Општина Бутел и тоа од подвозникот, каде што завршува и прераснува во улица „Цетинска“, до Обиколницата околу Скопје. Активностите се во тек, иако инвеститотрот, град Скопје, признава дека се доцни со изведбата.

Во предизборната програма на градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, ветувањето (стр. 54) е нешто поконкретно за разлика од ветувањето (стр.45) на неговиот партиски колега, градоначалникот на Бутел Петре Латиновски. Имено, Трајановски покрај изработката на докумантацијата, ветува дека ќе ја поврзе оваа витална сообраќајница со заобиколницата, со што ќе се добие ново сообраќајно решение и алтернатива за жителите на општините Чаир и Бутел. Тоа е сосема нормално ако се има предвид дека главните сообраќајници во Скопје се под надлежност на градот, додека општините издаваат урбанистички согласности и други документи.

Во Отчетот на Латиновски, на стр.41 се споменува само дека во 2016 година продолжило проширувањето и пробивањето на булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“:

Продолжува изградбата (прва фаза) на новиот булевар, односно продолжението на новата делница на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ од Бутел 2 до големиот вијадукт на скопската обиколница. (Овој проект се реализира во соработка со Град Скопје)

Впрочем, двајцата градоначалници го промовирале овој проект пред јавноста уште во април 2014 година  за што сведочат дел од медиумските архиви.

Изградбата на овој булевар, всушност започнала со проширување на постојниот и тоа од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“, до крстосницата со улицата „Натанаил Кучевишки“ (кај пазарот во Бутел), уште при крајот на 2015 година. Градот за проширувањето и сите работи во должина од 1000 метри за оваа прва фаза требало да издвои околу 2,6 милиони евра, плус уште околу 1,6 милиони евра за расчистување на имотно-правните пречки за изградбата. Но,  согласно  временските услови – настапува зима, па овој потег,  најверојатно, е од маркетиншка природа за градот и за општините Чаир и Бутел, зашто вистинските активности започнале неколку месеци подоцна, во април 2016 година.

Целата постапка, според медиумите, требало да трае 13 месеци за завршување на градежние работи на оваа прва фаза, значи некаде до мај 2017 година. Потоа, новата траса на булеварот треба да продолжи во насока на поврзување и со скопската обиколнаца, што е втора фаза од овој проект.

Првиот сегмент од првата фаза може да се каже дека е во тек, иако работите доцнат, според признанието и на самиот Трајановски. Тоа го констатираат и медиумите, а една од причините е дека станувало збор за пробивање и изградба на целосно нов булевар , за првпат по подолго време на реконструкција само на постоечки. Така вели градоначалникот Трајановски во неодамнешната изјава за медиумите. Тој во таа изјава не споменува дека во меѓувреме имало и протест на дел од жителите каде што минува трасата, бидејќи им биле узурпирани паркинг местата пред нивните живеалишта.

Асфалтирањето практично започнало во јули годинава (2017), а последниот ден од август и Трајановски и градоначалникот на Бутел Латиновски извршиле увид во работите.

Според проверката на информациите од Општина Бутел, од Град Скопје, како и од медиумите, може да се констатира дека ветувањето – проект за проширување и доизградба на булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“, е во тек, се реализра со големо задоцнување, иако првите почетни активности започнале уште во 2012 година, практично една година пред ветувањето на Трајановски дадено во предизборието за локалната власт во 2013 година.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција