„Скопје-Блаце“ нема да ја следи динамиката на „Арбен Џафери“

sdsm-logo

 

 

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, пред два месеца во Приштина даде ветување во форма на изјава која од денешна перспектива е недоследно:

Се надеваме наскоро да го завршиме автопатот Скопје-Приштина. Настојуваме делницата Скопје-Блаце, во должина од 12.5 км, да ја следи динамиката на работите на делницата од Приштина до границата.

[Извор: Веб сајт на Влада на РМ, датум: 12.12.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Премиерот Зоран Заев изјавата ја дал по средбата со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по што заеднички присуствувале на средба со бизнисмени од Косово на кои им се обратиле. Патем и по средбата со Харадинај, на прес конференција со новинарите во врска со автопатот Скопје-Блаце, Заев дал слична изјава:

Во име на граѓаните, а особено на бизнисмените во Република Македонија, на средбата со премиерот Харадинај ја пренесов пораката за интензивирање на економската соработка и зголемување на обемот на трговска размена меѓу двете соседни земји.

Се согласивме дека е неопходно да ја подобриме инфраструктурата која не поврзува. Од наша страна, изразивме подготвеност да продолжиме со изградбата на делницата на автопатот Блаце-Скопје.

Зошто изјавата/ветување од денешна перспектива е недоследно? Само пред еден ден, на 14.02.2018 година, Владата на РМ на својот веб сајт објави две информации – една од 54-та седница на Владата и втората од средбата на македонскиот министер за економија Крешник Бектеши и косовскиот министер за претприемништво и иновативност, Бесим Бечај.

И во двете информации се потврдува дека автопатот од Скопје до Блаце, во должина од 12-13 км (има различни информции околу оваа должина), ќе се гради безмалку 4 години:

Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за напредокот на активностите во реализацијата на Акцискиот план за проектот „Изградба на автопат Скопје-Блаце“ со проекција работите да започнат во втората половина на 2019 и да бидат завршени до крајот на 2022 година (Соопштение од 54 седница на Влада).

Од другата страна, пак, автопатот од Приштина до границата со Македонија во должина од 60 километри, кој официјално ќе се вика „Арбен Џафери“ по некогашниот лидер на ДПА, ќе биде завршен до крајот на 2018 година. Иако на оваа делница сè уште треба да се довршат некои елементи, и од очевидци што редовно патуваат по трасата и од официјални извори се наведува дека крајот на 2018 година ќе бидат завршени градежните работи кои се започнати во јули 2014 година:

Ела Ручи, портпаролка на турско-американскиот конзорциум “Бехтел-Енка”, компанијата за изградба на овој пат, вели дека работите на овој автопат се развиваат според динамиката што се предвидува со договорот.

 “Работата се одвива според однапред дефинирана програма со Министерството за инфраструктура, со која се согласивме дека конечната церемонија на отворање, односно завршувањето на градежните работи ќе биде на крајот од 2018 година.” (Изјава на Ручи за РСЕ, што ја пренесува Порталб)

Истражувајќи малку за времетрањето за изградбата на патот Блаце-Скопје, може да се дојде до следниве податоци: автопатското решение е замислено од пред повеќе години, а е ветувано уште во 2013-2014 година од претходната Влада на Никола Груевски кога изјавил дека се бара концесионер за тој автопат:

Годинава се очекува да биде распишан повик за концесионер на автопатските делници Гостивар-Кичево и Скопје-Блаце.

Гостувајќи на „Топ тема на Ваша страна“ на ТВ Телма, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески неодамна изјави дека имало проблеми со претходниот проект на автопатот, кој навлегувал и во индустриска зона и во зона на гробишта:

Очигледен пропуст има уште при правењето на проектот. И затоа кога ми е поставувано прашањето за Скопје-Блаце, кога ќе биде готов, јас велам – ние таму правиме препроектирање, бидејќи основано е, дека дел од трасата влегува во зоната на Визбегово, влегува во гробишта… И ние тоа мора да го направиме со препроектирање. Ете, обезбедивме пари од милион евра, да се препроектира, за да кога ќе се влезе, се влезе со расчистена ситуација со тие 13 километри…. Препроектирањето ќе трае до септември или октомври (2018-н.з.), за да можеме после брзински да објавиме тендер, на кој што ќе се пријават и меѓународни фирми, меѓународен тендер зборувам, за да одма после тој тендер почне изградбата.(околу 9-та и околу 20-та минута од разговорот)

Според досега јавно објавените податоци, акциони планови и информации, сосема е јасно дека сегашните планови на надлежните се дека автопатот ќе се гради безмалку 4 години – сегашните активности за препроектирање во 2018, па објавување тендер, па почетокот на работите во втората половина 2019 г., па нивен крај, ако се тече како што треба „при крајот на 2022 година“.

Поради овие аргументи, сосема е јасно дека динамиката на изградба на автопатот Скопје-Блаце не може да ја следи динамиката на работите на автопатот „Арбен Џафери“, па оттука, изјавата/ветување на премиерот Зоран Заев дадена во Приштина пред два месеци го оценуваме како недоследно.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *