Скопје пред локалните избори 2017: Зеленило во отчетите, сивило на улиците

 

 

Додека во отчетите на градскиот татко и општинските градоначалници врие од бројки за новозасадени дрвја и нови зелени површини, градот е преплавен со нови згради, катни гаражи, фонтани, споменични и партерни објекти и сето тоа за сметка на претходно постоечкото зеленило. Дури ни Вардар, ни Водно не се поштедени од градежната експанзија. Каде тогаш се засадени новите дрвја и зеленила и колку ги има?

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Поздраво и зелено Скопје е нашата определба, изјави Коце Трајановски обзнанувајќи им ја на Скопјани својата програма и барајќи го од нив својот трет по ред мандат за градоначалник на македонската престолнина. Освен стандардните најави за инфраструктурни проекти, проширувањето на сообраќајниците, изградба и доизградба на фекална и атмосферска канализација, евидентно е дека во фокусот на предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ и на Трајановски, како нивен кандидат на овие локални избори за главниот град на Република Македонија, е екологијата. Поточно, сето она што на некој начин го допира горливото и горчливо прашање на енормното аерозагадување на Скопје. Воопшто не зачудува што изборната програма на Трајановски за овие локални избори „позелене“ како никогаш порано:

Посебен акцент давам на загадувањето на нашата околина, проекти за зелено Скопје, со цел подигање на свеста на граѓаните за користење на велосипедот како превозно средство. Денови без автомобили во градот Скопје и другите општини. Големо внимание и на јавниот превоз. Скопје е град и на младите, тие се нашата иднина, посебни проекти и за нив. Ќе се продолжи и со градбата на булеварите. нов луна парк, градба на прочистителна станица. Ќе се инсталираат уреди за намалување на загаденоста на воздухот. Ќе се субенционираат велосипеди, ветува во својата изборна програма Трајановски, најавувајќи изградба на нови паркови и зелени површини на повеќе од 300.00 метри квадратни, засадување на повеќе од 250.000 нови садници.

lOK-IZB

 

МИЛИОНИ ЗАСАДЕНИ ДРВА, А ЗЕЛЕНИЛО НА ЛАЖИЧКА

Токму на темата на загадувањето и зеленило во Скопје Коце Трајановски ги доби најнегативните оценки од јавноста за изминатиов мандат. Паралелно со неколкуте последователни зими во кои беше забележана енормно висока загаденост на воздухот, Скопјани се сведоци на рапидното намалување на зелените површини во градот за сметка на изградбата на објектите од контроверзниот проект „Скопје 2014“ во најтесното централно подрачје дури и тогаш кога граѓаните директно се спротивставуваа на уништувањето на градското зеленило за сметка на градежната експанзија во ерата на Никола Груевски. Во овој период се случи уништувањето на паркот пред хотел „Бристол“, кога полицијата најгрубо се пресмета и уапси група еко-ентузијасти, која кампираше таму во надеж дека ќе го спаси паркот, а истовремено исчезнуваа десетици и десетици дрвја на и околу градскиот плоштад, по булеварите, помеѓу зградите, на другата страна на Вардар, еден цел парк сосе 47 огромни дрва во кампусот на Универзтитетот „Светите Кирил и Методиј“, боровите околу зградата на Владата на РМ, паркот пред Домот на АРМ, боровите насади на патот за Сончев град на Водно, исечените дрва за етно-селото кај св.Пантелејмон во Нерези и многу други помали или поголеми дрвоциди во главниот град на државата.

Она што е за мене особено важно, рече Трајковски претставувајќи го својот градоначалнички отчет на сработеното, е дека на јавните зелени површини Градот Скопје насади 256.000 листопадни и зимзелени садници, набавени со сопствени средства. Во текот на изминатите четири години на територијата на градот се подигнати околу 330.000 квадратни метри нови зелени површини, каде како најзначајни можам да ги издвојам новиот парк во Аеродром долж бул. АСНОМ, новото зел енило долж бул. Февруарски поход, 3-те дела на Паркот Македонија долж бул. Митрополит Теодосиј Гологанов и многу други.

 

ШТО НЕ Е ВО РЕД СО БРОЈКИТЕ?!?

Овие бројки звучат импресивно, но кога ќе се навлезе во нивна анализа, се појавуваат нелогичности. Имено, ако земеме дека едно дрво со просечна големина има крошна во радиус од 5 метри и покрива површина од 6,5 квадратни метри, под услов да се садени така да крошните им се допираат (а не би требало), тогаш 256-те илјади дрва, кои Коце Трајановски тврди дека ги засадил во Скопје од 2013 до 2017 година, би требало да покријат површина од околу 1,6 милиони квадратни метри во централното градско подрачје, густо засадени со листопадни и зимзелени дрва. За подобра илустрација на оваа импресивна бројка, еве споредба: еден стадион според димензиите пропишани од ФИФА има во просек околу 7.140 квадратни метри површина, што значи дека Коце Трајановски за време на својот мандат во Скопје засадил околу 224 фудбалски стадиона преполни со дрва!

И, кога сме веќе кај бројките и дрвата, уште еден збунувачки податок. Имено, само за денот на дрвото во ноември 2016 година, за сите единици на локалната самоуправа, според податоците од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) како главен „домаќин“ на активноста,

вкупно беа дадени вкупно 1.350.568 садници, од кои 1.000.568 за Скопје, урбаните делови на општините и на страничните делови на обиколницата на главниот град.

Прашањето е јасно – каде се насадени тие 1,3 милиони дрвца (само за 2016!) во Скопје и кој ги садел нив кога Коце засадил „занемарливи“ 256 илјади дрвца за сите четири години колку му траеше мандатот. Кога не би било со голо око видливо сивилото на градот, чиешто зеленило систематски и неповратно исчезнува изминативе десетина години, гледајќи ги бројкиве, човек би помислил дека Скопјани живеат буквално среде амазонска џунгла со милиони дрва! Реалноста, за жал, не можеше да биде поинаква од надуваните бројки. Таа зборува за забрзано девастирање на градското зеленило, па така, според некои согледувања, Скопјани веќе живеат опкружени со минимални 9 квадратни метри зеленило по глава на жител, колку пропишува Светската здравствена организација дека се неопходни за преживување вo урбана средина.

 

ЕКОЛОГ ОД НОВАТА ЕРА ИЛИ ДРВОСЕК ОД СТАРАТА?

„Започнува нова ера во екологијата“ е мотото на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за овие локални избори, која за Скопје го кандидираше човекот од „старата ера“, Коце Трајановски. Но, зошто граѓаните на Скопје би му верувале на Трајановски од новата ера, кога од старата сè уште им се свежи сеќавањата на човекот кого по социјалните мрежи го нарекуваа „Коце Дрвосек“?

Сеча на дрва во скопска Автокоманда за да се ослободи простор за подземни контејнери за отпад. Фото: Вистиномер, декември 2014
Сеча на дрва во скопска Автокоманда за да се ослободи простор за подземни контејнери за отпад. Фото: Вистиномер, декември 2014

Само мала прошетка низ центарот на Скопје, како и низ повеќето урбани градски населби ќе покаже нешто сосема поинакво. Во реалноста, освен запуштениот втор дел од Градскиот парк, кој со години е буквално заборавен од градските власти (односно од Трајановски како градоначалник последниве осум години, па во својата најнова изборна програма ветува токму негова ревитализација) и неколкуте паркови и новозазеленети површини како онаа во Ново Лисиче, промовирана минатата година, како и паркот покрај булеварот Теодосиј Гологанов на местото на некогашен стар засад на тополи, речиси и да нема поголеми засади од дрва на потесното градско подрачје во вид на паркови. Секако, ако се изземат 138-те палми кои со многу ентузијазам, но очигледно без нималку стручна експертиза за целисходноста од нивното засадување, се насадија во Скопје, за во рок од 3 години речиси сите да се исушат и за пролетва официјално да бидат испратени на депонија, заедно со значителен дел од половината милион евра, колку што чинеше зделката со набавката на палми и нивното садење во Скопје и неколку други градови во државата. Нив Трајановски бргу ги прежали со образложение: купени се од буџетот на ЈП „Македонски шуми“.

Во својот отчет Трајановски се фали и со комплетно уредениот преден дел на Градскиот парк како и на Жена парк, но во реалноста, не станува збор за засади на нови дрвја, туку за партерно уредување на парковите и нови пешачки патеки и парковска инфраструктура, што тешко може да се вброи во некаков дрвен фонд на главниот град.

Според официјалните податоци од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, достапни на страницата www.skopje.gov.mk, во градот има вкупно околу 3,8 милиони квадратни метри таканаречено градско зеленило, додека на вонградското (Водно) отпаѓаат 47 милиона квадратни метри зелени површини. Според ова, излегува дека Коце Трајановски само во четирите години од вториот мандат како скопски градоначалник е заслужен за постоењето на нешто помалку од половина од вкупните постоечки зелени површини во градот?!?

За време на градоначалничкиот мандат на Коце Трајановски во Скопје, планината Водно, која му припаѓа на градот и која отсекогаш била белите дробови на македонската метропола, засадена со стотици илјади дрва во текот на 50-те и 60-те години на минатиот век токму за да придонесе за здравјето и безбедноста на скопјани, беше нападната од градежната мафија, но и од неартикулираните идеи за „разубавување“ на поранешниот премиер Никола Груевски.

Најпрвин беше проектот Сончев Град, кој ги девастираше источните падини на Водно и беше повод за безмилосна сеча на стотици садени борови заради изградба на патот кој треба да ја поврзе оваа населба со градот. Потоа следуваше проектот за ски-центар, кого многумина го сметаат за еден од поналудничавите проекти (заедно со парапетчињата на охридските плажи, галиите и врбите во Вардар и панорамското тркало) инспирирани директно од екс-премиерот. Како што истакна на средбата со активистите од граѓанската иницијатива Спас за Водно во мај 2014, Коце Трајановски, тој нема да се откаже од проектот без оглед што ќе треба да се исечат стотици дрва меѓу кои и столетните коштани, но дека

со ски-патеката, довршувањето на жичницата, кулата на АЕК и патот, како и со изградбата на Сончев град, за кој тврдел дека се наоѓа надвор од границите на парк-шумата „Водно“, завршуваат сите урбанистички проекти на Водно.

Новата постава на раководството на ЕЛЕМ (кој го доби во наследство несреќниот проект откако Град Скопје не успеа да го реализира) веќе најави дека ќе наскоро ќе одлучи што ќе прави со прескапиот и нерентабилен проект за ски центарот на Водно. Голема е веројатноста да реши да го стави ад акта, со што ќе заштеди цели 15 милиони евра, но ќе спаси од уништување и голем дел од водњанското зеленило. Со тоа симболично би бил означен крајот на една политика на узурпирање на животната средина која на Скопјани им ја донесе „ерата на Коце Трајановски“.

 

ИЗВОРИ:

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *