Сменет кровот на ОУ „Мирче Ацев“, но не и на ОУ „Ѓорче Петров“

ОУ „Мирче Ацев“ во Општина Ѓорче Петров Фото: Принтскрин

Проект: „Реконструкција на средни и на основни училишта со средства обезбедени од Банката за развој при Советот на Европа и од Владата на Република Македонија“.

Со цел обезбедување просторни услови за одвивање на квалитетна настава во основните и во средните училишта на територијата на Република Македонија, ќе продолжиме со реконструкција на училишната инфраструктура. Со овој проект предвидуваме реконструкција на вкупно 132 основни и средни училишта, a во општина Ѓорче Петров ќе извршиме реконструкција во: ОУ „Ѓорче Петров“ –  реконструкција на покривна конструкција. ОУ „Мирче Ацев“ – реконструкција на покривна конструкција. ( Рок: септември 2015 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Реконструкција на покривните конструкции на основните училишта „Ѓорче Петров“  и „Мирче Ацев“   вети  градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, во Изборната програмата (2013-2017) „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Ѓорче Петров“ (Образование и наука стр. 22). Во Програмата со која Митровски  на локалните избори во 2013 година побара и доби трет градоначалнички мандат во Општината Ѓорче Петров, е наведено дека овој проект треба да се реализира до септември 2015 година.  ОУ„Мирче Ацев“ доби нов кров во јули 2015 година, но  иако, рокот за реализација посочен во програмата на Митровски (септември 2015)  е поминат, сепак, во ОУ „Ѓорче Петров“ досега (16.06.2016) нема  сменето покривна конструкција, така што  ова изборно ветување го оценуваме како  делумно исполнето.

На  29 јули 2015 година медиумите информираа дека е направена  реконструкција на кровот на ОУ „Мирче Ацев“  со средства од МОН, а од општинскиот буџет се направени и други зафати со што се подобрени условите за настава. Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски тогаш  изјави:

Како ресорно министерство во договор со градоначалникот на општината заеднички пристапивме во комплетна реконструкција и санација на училиштето, за што заедно со општината инвестиравме безмалку 30 милиони денари. Најпроблематично беше потребата од комплетна промена на покривот за што МОН одвои посебно 10,2 милиони денари. Покривот е целосно заменет, со што  училиштето сега е во исклучителна кондиција подготвено да го дочека стартот на учебната година, рече Ристовски.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Митревски рече дека со капиталните зафати кои се направени, училиштето без проблеми ќе функционира во идните 30-40 години.

Најголем проблем беше покривната конструкција која е заменета со средства од МОН. Општината направи и други зафати – целосно е реновирана трпезаријата и е направена нова кујна за децата во училиштето, по 50 години целосно е реконструирана и оспособена спортската сала и масовно се користи од учениците,  променети се прозорците, вратите, санитарните јазли, така што училиштето е во добра кондиција, рече Митревски, кој додаде дека со поддршка на МОН ќе бидат подобрени условите и на другите основни училишта на територијата на општината.

За основното училиште „Ѓорче Петров“, пак, на веб-страницата на Општината има информации за тоа дека училиштето добило комплетно нова кујна и трпезарија (13.11.2014), дека се прават  три нови училници (0.5.08.2015), како и за градежните активности поврзани со адаптација, реконструкција и опремување на простор ( за градинка ) во рамки на  училиштето „Ѓорче Петров“. Во објавата насловена Нови три училници во ОУ „ Ѓорче Петров”  може да се прочита и информацијата дека во Општината:

  се прават  напори и за изнаоѓање на средства за реконструкција на кровот, а со тоа азбестните табли ќе бидат заменети со пластифисирани лимени табли. (август 2015 година)

Меѓутоа,  на веб-страницата на Општината не може да се најде друга- понова инфорамција поврзана со реконструкцијата на кровот на училиштето „Ѓорче Петров“.

Реконструкцијата на кровот на уличиштето „Ѓорче Петров“ не се споменува ниту во Отчет за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” (стр.302), даден во март оваа година (2016), каде е посочено  дека е направена „реконструкција на покривот“ само на училиштето „Мирче Ацев“.

Имајќи го предвид сето ова,  ветувањето на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски  за реконструкција на покривните конструкции на основните училишта „Ѓорче Петров“  и „Мирче Ацев“,  го сметаме за  делумно исполнето.

 ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција