Сменети се лектирите за основците, во тек е ревизија на учебниците

Сменети се само лектирите во основното образование, во тек се консултации и за учебниците Фото: pixabay.com

 

ВЕТУВАЊЕ: Ревизија на учебниците, наставниот план и програмите, како и консултативен процес за соодветноста на изборот на лектирите со цел подобрување на образовниот процес. Ќе се почне со основното, а потоа ќе се продолжи и со средното образование.

[Рената Дескоска, министер за образование и наука, датум: 01.09.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ревизија на учебниците и на лектирите, најави  министерката за образование и наука, Рената Дескоска во септември минатата година (01.09.2017). Ова ветување е во тек.

Имено, Дескоска уште тогаш на прес-конференција кажа дека се прават консултации со наставниците и дека тие преку апликација која веќе е подготвена треба да дадат мислење за одредени учебници и да укажат на проблемите.

Потсети дека досега се повлечени два учебници, но како што рече, одлучиле да не се оди натаму во процес на индивидуално повлекување, туку на целосна ревизија, на наставниот план програмите и на учебниците. Нови учебници, рече, може да се очекуваат најрано идната година, затоа што, како што истакна, учебник не се пишува за еден месец, пренесе А1 он.

Учебниците по Граѓанско образование за осмо одделение и Општество за четврто одделение, како што информираше Дескоска, се повлечени и не треба да се користат.

На 26.02.2018 година, од Министерството за образование и наука информираа дека е ревидиран списокот на лектири за основното образование.

Ве информираме дека Бирото за развој на образованието изготви нов предлог-список на лектири за основното образование (од второ до деветто одделение). Списокот на лектири се освежува и дополнува за да биде во чекор со интересите на учениците, односно да го поттикне и зголеми интересот за книгата кај младите читатели преку зближување на содржините на лектирите со современите трендови и интереси на ученикот.

МОН ги објави и линковите на кои може да се преземат списоците со лектири.

Веста ја пренесоа и дел од медиумите.

Покрај задолжителните лектири, учениците ќе имаат многу повеќе изборни од досега. Дел од претходните книги остануваат, како на пример Зоки Поки, но меѓу лектирите не е веќе на пример Волшебното самарче. Некои од насловите, особено меѓу изборните во голем дел ги следат современите трендови и отвораат теми кои до сега беа табу, јави Телма.

Имајќи предвид дека досега  (01.03.2018) се сменети само  лектирите во основното образование, а во тек се консултации и за учебниците, (досега само два се повлечени), може да се заклучи дека ветувањето на министерката за образование и наука, Рената Дескоска, за ревизија на учебниците, наставниот план и програмите, како и консултативен процес за соодветноста на изборот на лектирите, е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција