Со повикување народ на улица не се чува мирот и стабилноста

Груевски: Сите кои планираат да седат дома во влечки и да гледаат телевизија, верувајќи дека друг ќе им ја заштита државата, се во заблуда Фото:commons.wikimedia.org

 

Изјавата (соопштението) на ВМРО-ДПМНЕ дадена на  средбата со  британскиот министер Алан Данкан, дека ќе направат сè за да го зачуваат мирот и стабилноста, не соодветствува со ставот на лидерот на партијата, Никола Груевски,  искажан три дена подоцна, дека само народот е тој кој може да ја одбрани државата

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, заедно со членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски и секретарот на ВМРО-ДПМНЕ за меѓународна соработка Александар Николоски,  доцна вечерта на 23.02.2017  во седиштето на партијата имаше  средба со  британскиот министер за Европа и Америка, Алан Данкан и амбасадорот на  Велика Британија во Република Македонија, Чарлс Гарет. Како што соопштија од партијата, на прашањето од Данкан, што ќе се случи ако ДУИ решат да одат со СДСМ и со другите помали албански партии, од ВМРО-ДПМНЕ било посочено дека во нашето општество на тоа се гледа како на нелегитимна влада заради нарушениот принцип „победник со победник“:

Ние ќе направиме се што е во наша моќ да ги задржиме мирот и стабилноста, но не знаеме како ќе се одвиваат работите. Ќе има тензија, луѓето се вознемирени, тоа е главната тема во нашата држава. Македонците поради тоа се длабоко фрустирани особено што ова се прави поради неуставен закон за двојазичност на целата територија. Не сме убедени и дека една таква влада може да ги постигне тие цели во една таква атмосфера. Затоа предложивме дека е добро да се направат нови парламентарни избори

[Извор: Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ, датум: 23.02.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквата изјава, која е дел од соопштението  на ВМРО-ДПМНЕ во врска со  средбата на партискиот лидер Никола Груевски со британскиот министер за Европа и Америка, Алан Данкан, во кое, меѓу другото, се вели: „Ние ќе направиме се што е во наша моќ да ги задржиме мирот и стабилноста“, не соодветствува со неговата изјава дадена три дена подоцна. Имено, Груевски на својот Фејсбук профил на 26.02. објави апел во кој, зборувајќи за наводниот обид на СДСМ да ја редефинира државата, повика:

Кога државата е нападната, само народот може да ја одбрани. Сите оние кои планираат да седат дома во влечки и да гледаат телевизија верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда – изјави Груевски.

Истото го повтори и еден час подоцна во интервју за телевизија Сител. (1:47 – 2:00 минута од видеото). Тој во неколку наврати во текот на интервјуто порача дека само народот е тој кој може да ја одбрани државата.

Имајќи го предвид ваквиот став на Груевски, искажан двапати во ист ден, неговата изјава дека ќе направи сè за да ги зачува мирот и стабилноста, ја оценуваме како недоследна.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција