Со пробивањето на истрага на СЈО се штитат и другите потенцијално осомничени лица

 

Објавувањето на барањата за соработка во предистражна постапка од СЈО до државни органи не е прашање за политички квалификации, туку кршење на Законот за кривична постапка

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во рамките на бесконечното оддолжување на мирната постизборна транзиција на власта, пратеникот Антонио Милошоски на 4 април ја информираше јавноста дека е под истрага на Специјалното јавно обвинителство. Тој на својот Фејсбук профил ги објави и оригиналните документи што ги добиле Министерството за транспорт и врски и Централниот регистар по службена должност од СЈО, а според кои ова обвинителство бара фирми кои гласеле или гласат на негово име, односно воздухопловни средства регистрирани на негово име. Тој ова го искоментира како притисок врз него да биде замолчен  и слично, не навлегувајќи воопшто во тоа дали тој смеел сето тоа да го објави или не.

Ова секако не се измислени документи и не е спорно дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО ) води предистражна постапка против познати јавни личности. „Целта на овие предистражни постапки е да се провери имотната состојба на сите лица за кои се отворени постапки и нивното севкупно финансиско работење“, соопшти СЈО. А, дека споменатиот пратеник е во тој круг на лица специјалната јавна обвинителка Катица Јанева му навести на овој пратеник уште на 22 септември минатата година, со зборовите дека преслушува нелегално снимени телефонски разговори и со него.

Тоа практично беше за време на седницата на Комисијата за политички систем во Собранието, каде Јанева го презентираше извештајот за тогашните 6 месеци работа. Во таа расправа која изобилуваше со некоректни коментари, на прашањето на Милошоски какви случаи работела во Основното јавно обвинителство во Гевгелија, односно дали имала случаи за организиран криминал и за злосторничко здружување, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева му одговори: „Го слушам внимателно и концентрирано, исто како и во бомбите, зашто неговиот глас е чест на снимките“.

 

ПОВЕЌЕ ДИЛЕМИ

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, објави прислушувани разговори на Антонио Милошоски. Во една од бомбите, според Заев, Милошоски нарачува кај претседателот на тогашната лустрациска комисија Томе Аџиев, лустрација на судија од Кичево, а во другата со експремиерот Никола Груевски договара најсоодветни називи и разменува идеи за ново, изменето име на Република Македонија, во рамки на скриените преговори за името со Грција. Јавноста не знае кои се другите телефонски разговори кои веројатно постојат и што тие содржат.

Од овој случај произлегуваат неколку правни прашања. Најпрвин, кој е одговорен за тоа пробивање на предистражната постапка, како и дали Милошоски има право да се „брани“ така што ќе објавува документи кои се дел од постапка, која, пак, е тајна и која вообичаено во себе инкорпорира и дејствија кон повеќе физички лица?

Од специјалното обвинителство имаат информации кој ги доставил нивните барања поднесени до Централниот регистар и до Агенцијата за цивилно воздухопловство, што се дел од предистражна постапка за финансиски криминал, тврдат извори на „Телма“ Телевизија, според кои СЈО ќе преземе законски предвидени мерки за злоупотреба на службената положба, доколку државните институции од каде излегле документите, не преземаат нешто. Документите ги објави пратеникот Антонио Милошоски и се однесуваат на него, а тој оцени дека станува збор за притисок на СЈО врз него поради своите политички ставови. На барањата стои и бројот НСК-РО 54/17.

 

НOВ ПРЕДМЕТ НА СЈО

Што значи овој број? Најпрвин дека има основи за сомнение за кривично дело (ако постои основано сомнение, нели, тоа е веќе истражна постапка). Дали предистражната постапка е помалку тајна од истражната и дали казнивоста не постои или е намалена во тие одделни случаи, го прашуваме искусниот адвокат и поранешен јавен обвинител Јован Јоанидис.

Согласно ЗКП, предистражната постапка е тајна. Тоа подразбира дека податоци во оваа фаза на постапката имаат само јавното обвинителство и МВР. По правило тајноста на предистражната постапка ја опфаќа тајноста на дејствијата кои се преземаат и тајноста на информациите и податоците до кои се доаѓа. Сепак, доколку одредени информации не штетат на истрагата, а се од значење за јавноста, истите можат да бидат соопштени, но само ако одлучи јавниот обвинител (во случајот Катица Јанева), а никако самостојно и на своја рака – вели Јоанидис.

 

Член 289 од ЗКП

Тајност на предистражната постапка

Сите дејствија преземени во предистражната по стапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна.

Ако една постапка е тајна, сите субјекти во неа мора да се однесуваат соодветно. Во спротивно ќе сносат последици, укажува Јоанидис. Тој нагласува дека нема полутајна и тајна постапка или дека таа за некого е тајна а за некого не е! Одлучен е во тоа дека без оглед како Милошоаски дознал дека против него се води предистражна постапка, тој не смее да ја обзнани (инаку тој е и нотар, што значи треба да има малку поголемо познавања од правото! – н.з.).

Може СЈО во рамки на еден отворен предмет да води постапка против група или за повеќе поединци, поврзани во едно дело и на овој начин Милошоски им сигнализира тие, да речеме, да сокриваат докази, да се дадат во бегство или да се договараат околу исказите – смета Јоанидис.

Според бројот, пак, на објавените документи, ова е 54-та по ред предистражна постапка која е отворена во СЈО во оваа година. И ова значи дека е тоа нов предмет (бидејќи, постоеја гласови дека можеби се работи во неговиот случај за проширување на аферата „Титаник“).

 

АРХИВСКИТЕ БРОЕВИ СЕ ЗНАК ДЕКА БАРАЊАТА СЕ ПРИМЕНИ

На барањата се гледа печатот од архивата на двете институции каде се заведени документите Централниот регистар и Агенцијата за цивилно воздухопловство. Во специјалното обвинителство потврдија дека барањата се нивни, но не откриваат дали надлежните им одговориле (законскиот рок е 30 дена од приемот на барањето). Бидејќи станува збор за обемна постапка, тие испратиле повеќе стотици барања за повеќе функционери за проверка на стекнат имот и во моментот веќе добиваат одговори од банки и од државни институции.

СЈО, инаку, ја прашува Агенцијата за цивилно воздухопловство дали Милошоски бил сопственик или корисник на авион во периодот помеѓу 2008-ма и и 2016-та година, додека за истиот временски период од Централниот регистар бара одговор во колку фирми пратеникот Милошоски бил сопственик, управител или овластено лице.

Пратеникот тврди дека податоците (документите) ги добил од „свиркач“ во самата СЈО, додека од оние кои ги добиле документите се огласи подоцна Централниот регистер со негација дека предавањето на документите на Милошоски го сторил некој од кај нив, додека од Агенцијата за воздухопловство засега молчат. Од СЈО само рекоа дека знаат кој е „свиркачот“, но не го лоцираат.

Александар Наков, поранешен јавен обвинител за „24вести“ го издвои прашањето за одговорноста на институциите каде дошол дописот од СЈО, кој е таен по својата природа.

 

СЛУЖБЕНОТО ЛИЦЕ ГИ ЗНАЕ ОБВРСКИТЕ ЗА ТАЈНОСТА

Во секој случај она што го бара СЈО и протекувањето на тие информации во јавноста е спротивно на Кривичниот законик, бидејќи лицето кое што има задача да даде одговор на барањето на Специјалното јавно обвинителство е службено лице, вработено во државен орган, со самото тоа таквото лице според Кривичниот закон врши злоупотреба на кривичниот закон и заради тоа и СЈО и редовното обвинителство треба да го имаат ова предвид – вели тој пред камерите.

 

Член 287 од ЗКП

(1) Обврска за доставување барани податоци до јавниот обвинител (1) По барање од јавниот обвинител, државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа, организации, правни и физички лица што вршат јавни овластувања или други правни лица ќе му ги достават податоците кои од нив ги барал. Јавниот обвинител од овие субјекти може да бара контрола во работењето на правно и физичко лице и привремено одземање до донесување на правосилна пресуда на пари, хартии од вредност, предмети и документи кои можат да послужат како доказ, да бара вршење на даночна контрола и да му бидат доставени податоци кои можат да послужат како доказ за сторено кривично дело или имот стекнат со извршување на кривично дело, извршување на инспекциска контрола и да бара известувања за податоци кои се во врска со необични и сомнителни парични трансакции.

(2) Субјектите од ставот (1) на овој член се должни на јавниот обвинител да му достават податоци, известувања, документи, предмети, банкарски сметки или списи кои му се потребни во текот на постапката. Јавниот обвинител има право да бара податоци, известувања, документи, предмети, банкарски сметки или списи и од други правни лица и од граѓаните за кои може основано да смета дека располагаат со такви податоци или информации. (3) Субјектите од ставот (1) на овој член се должни да ги преземат потребните мерки и без одлагање, но најмногу во рок од 30 дена да ги достават на јавниот обвинител бараните податоци, известувања, документи, предмети, банкарски сметки или списи. (4) Доколку субјектите од ставот (1) на овој член не постапат согласно со ставот (3) на овој член, јавниот обвинител може да му предложи на судот да изрече парична казна во висина од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за одговорното, односно службеното лице во субјектите од ставот (1) на овој член. (5) Јавниот обвинител има право самиот да ги обезбеди и да изврши увид во бараните податоци, известувања, документи, предмети, банкарски сметки или списи, а за нивното недоставување ќе го извести одговорното односно службеното лице во субјектот до кој се обратил и може да предложи преземање на соодветни мерки определени со закон. (6) Ако јавниот обвинител согласно со ставот (5) на овој член предложил преземање на соодветни мерки, одговорното, односно службеното лице во органот или лицето до кое се обратил е должно во рок од 30 дена да го известат за мерките кои се преземени. (7) Увидот во банкарски сметки согласно со ставовите (1), (2) и (3) од овој член не претставува повреда на банкарска тајна. (8) На барање на јавниот обвинител операторите на јавни комуникациски мрежи и даватели на јавни комуникациски услуги се должни да достават податоци за остварени контакти во комуникацискиот сообраќај.

Неовластеното оддавање детали што можат штетно да влијаат на истрагата подразбира и кривична одговорност, а постапката се поведува по службена должност (ова подразбира дека може да биде поведена и од полиција и од јавен обвинител). „Појаснуваме дека постои можност и медиумот да одговара за оддавање на тајна, особено што јавно е познато дека предистражната постапка е тајна и објавувањето на информациите потребно е да биде во координација со јавниот обвинител“ – ни беше пренесено од кабинетот на Катица Јанева, на прашања за оваа тема веќе објавена во „Вистиномер“.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *