Со распуштањето на парламентот не престанува мандатот на пратениците

Каракамишева- Јовановска греши кога вели „на сите пратеници им е престанат мандатот, значи немаат веќе никакви права и должности“ Фото: Скриншот

 

Универзитетската професорката  Тања Каракамишева – Јовановска, во изјава за ТВ Нова, која ја пренесоа повеќе медиуми (07.04.2016), рече:

 Стапи на сила одлуката на самораспуштање на Собранието на Р.М. Што значи од денес Собранието престанува да функционира во оној состав како што функционираше до вчера. На сите пратеници им е престанат мандатот, значи немаат веќе никакви права и должности по основ на устав и по основ на мандатот кои што го добиле од мандатот во 2014

 [ Извор: НетпресДатум: 06.04.2016 ]

  ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквата изјава на професорката по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје , во која таа децидно кажува дека со „ распуштањето на парламентот на пратениците им престанал мандатот“, не соодветсвува со пропишаното во законската рамка што ја третира оваа материја и ја оценуваме како невистинита.

За  ова прашање во  Уставот на Република Македонија во  Член 63 е наведено:

 Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието.

Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.

 Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.

 Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.

Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.

Со закон се утврдува неспојливоста и неизбирливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии.

Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Законот за Собранието на РМ  прецизира точно кога престанува мандатот на пратениците. Во  втората глава од овој Закон,  II. ЗАПОЧНУВАЊЕ И ПРЕСТАНУВАЊЕ НА МАНДАТОТ И НЕСПОЈЛИВОСТ НА ФУНКЦИЈАТА ПРАТЕНИК СО ВРШЕЊЕ НА ДРУГИ ЈАВНИ ФУНКЦИИ ИЛИ ПРОФЕСИИ , Член 5  се вели:

(1) Мандатот на пратениците го верифицира Собранието.

(2) Мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, но не подолго од четири години.

Оттука јасно се гледа дека парламентарците имаат мандат сè додека Собранието не ги верификува мандатите на новиот пратенички состав . Што значи, иако Собранието е распуштено мандатот на актуелните пратеници  сè уште трае.

Имајќи ги предвид овие законски одредби изјавата на професорката Каракамишева- Јовановска дека „на сите пратеници им е престанат мандатот, значи немаат веќе никакви права и должности по основ на устав и по основ на мандатот кои што го добиле од мандатот во 2014“,  ја сметаме за  невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар