Со сомнителни снимки од сомнителен извор се прави обид да се турне владата во Скопје

Не требаше да помине многу време од објавувањето на видео снимките од наводното земање на мито од страна на Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец во домот на Јордан Камчев, па да се дознае дека весникот „La Verita“, чиј веб-сајт ги објави овие снимки, всушност, е близок до актуелните популистички власти во Италија и веќе подолго време објавува написи, интервјуа и „скандали“ од земјава и тоа сите спинувани на начин да се нападне актуелната власт во Северна Македонија и да се оствари политичка предност за десничарската опозиција на ВМРО-ДПМНЕ.

Сопственикот на весникот, Маурицио Беилпетро, на пример, е добро познат во десничарските новинарски кругови во Италија и тоа и како поддржувач на актуелната владејачка партија „Лига“, на чело со актуелниот заменик-премиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини, за кој се смета дека има сериозни врски со Русија и режимот на Владимир Путин.

„Базфид“, на пример, објави напис, кој содржеше аудио разговори меѓу функционери на „Лига“ и нивните руски партнери, каде што се слушаат договарања за нафтени зделки со цел дел од профитите од тие зделки да завршат на сметките на партијата.

Во септември 2015 година, Беилпетро, како остар критичар на европските политики кон имигрантите. и тоа до ниво на користење говор на омраза, утредента по нападите на исламските екстремисти врз недолжни граѓани во Париз, во десничарскиот весник „Либеро“, кој го уредуваше до 2016 година пред да ја основа „Ла Верита“ , на насловната страница објави наслов кој гласеше „Исламски копилиња“.

Заради ова беше осуден во Италија, за конечно да биде ослободен од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, користејќи ги либералните одредби на Европската конвенција кои ја гарантираат слободата на изразување.

Следна точка на интерес на „Ла Верита“ и на Беилпетро е неизбежно Џорџ Сорос. Во пропратниот напис со видеото, едноставно се вели дека за скандалот со прислушувањето од 2015 година, всушност, била виновна Ангела Меркел, која преку филијалата на „Дојче Телеком“ во Скопје (се мисли на „Македонскиот Телеком“) му ги дала прислушуваните разговори на тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев, како и дека тие разговори, заедно со германскиот план помогнат од Џорџ Сорос, како наводен финансиер на протестите против режимот на Никола Груевски го довеле Заев и неговите социјал-демократи на власт.

Ваквиот наратив е типичен за сите авторитарни популисти на европскиот континент – од следбениците на Путин, на Орбан, па еве, како што гледаме и на оние на Матео Салвини. Се разбира, огромниот доказен материјал, обвиненијата, судските предмети, а сега веќе и пресуди, говорат за нешто сосема друго.

Но, за авторитарни популисти Џорџ Сорос е погодна, веќе и вообичаена мета на напади и неизбежен дел од нивните теории на заговор. Уште во 2017 година, „Ла Верита“ на прмер, објави интервју со тогашниот министер за надворешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски, во кое Сорос беше повторно омилена мета на напад и покрај комплетно неточните тврдењата на Попоски дека Џорџ Сорос финансирал дури 90 отсто од невладиниот сектор во земјава.

Но она што треба да се знае тоа е дека со објавувањето на овие снимки не дознавме ништо ново, односно ништо што не знаевме. Сето она за што се тврди дека овие снимки го покажуваат веќе беше кажано од страна на обвинителката Вилма Русковска, на нејзината прес конференција на која ја извести јавноста за отворената истрага „Рекет“.

Она што е најинтересен момент во однос на објавувањето на оваа снимка е нејзиното користење за да се спроведе координирана меѓународна хајка против актуелната власт во земјава и тоа, пред сѐ, против премиерот Зоран Заев. Насловот на текстот во „Ла Верита“ сугерира како македонскиот премиер да поднел оставка заради нивните снимки, а со уште посензационалистички наслови (АФЕРАТА НА ВЕКОТ ГО ТРЕСЕ РЕГИОНОТ, СЕ ПОЈАВИ НАЈСРАМНА СНИМКА ! Падна македонскиот премиер Зоран Заев! Со себе го повлече пејачот Боки 13 и Зоран Башановиќ) излегоа српските таблоиди блиски до тамошната власт, кои деновиве креираат скандал на уште една тема поврзана со Северна Македонија во кој, исто така, се обидуваат да ја вплеткаат актуелната власт и премиерот Заев.

Се разбира, ниту Заев поднел оставка, ниту пак „паднал“. Но, ваквата тензична ситуација и сите овие изнасилени напади ги искористи ВМРО-ДПМНЕ да побара предвремени избори без сериозна аргументација. Изгледа како сите да заборавија дека токму Заев беше оној кој случајот го пријави во јавното обвинителство, откако доби информации од повеќе извори за постоењето на рекетот.

(пишува: Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.