Со злоупотреба на службена должност вршени притисоци како да се гласа

Ве ги знаеме личните карти, гласајте за нас! Фото: ДИК/Гугл

Дали на локалните избори во 2013 година имало притисоци од највисоките кругови на ВМРО-ДПМНЕ, кон припадници на полицијата да гласаат за оваа партија и дали со тоа функционери во Владата ја злоупотребиле службената положба и овластувања, а злоупотребиле и лични податоци на граѓани?

 

 

Дали на локалните избори во 2013 година имало притисоци од највисоките кругови на ВМРО-ДПМНЕ, кон припадници на полицијата да гласаат за оваа партија и дали со тоа функционери во Владата ја злоупотребиле службената положба и овластувања, а злоупотребиле и лични податоци на граѓани?

 

Пишува: Александра Денковска

 

Во првите четири месеци од 2013 година, Генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски и поранешната министерка за внатрешни работи, Г0рдана Јанкулоска, направиле кривични дела со тоа што ги злоупотребиле своите службени позиции и собирале лични податоци од граѓани за да им наложат на претстојните избори да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Заедно со Божиновски и Јанкулоска, во манипулациите вклучен бил и Мирослав Јанковиќ, вработен во ИТ секторот во „Македонски Телеком“, се вели во кривичната пријава, која опозициската СДСМ ја поднесе до Јавното обвинителство заедно со триесетина други за сите оние кои на некој начин биле вклучени во криминалите и манипулациите за кои граѓаните слушаа во прислушуваните разговори.

Во кривичната пријавата која СДСМ ја достави до Јавното обвинителство, Божиновски се товари за две кривични дела и тоа Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 в.в. со член 23 од КЗ и едно кривично дело Злоупотреба на лични податоци со член 149 в.в. со член 23 од КЗ.

Во периодот на јануари, февруари, март и април 2013 година, првопријавениот Кирил Божиновски со умисла ја поттикнал второ пријавената Гордана Јанкулоска, Министер за внатрешни работи да го искористи своето службено овластување и со пречекорување на границите на своето службено овластување да му даде информации за живеалиштето на поголем број на лица, на начин што првопријавениот Кирил на второ пријавената Гордана најпрво и дал име и презиме на поголем број лица за кои второ пријавената Јанкулоска, искористувајќи ја базата на податоци од системот за евидентирање по што од страна на службени лица од МВР им било наложено да гласаат за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, стои во пријавата поднесена од опозицијата.

Поранешната министерка исто така се обвинува за две кривични дела, злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од КЗ и едно кривично дело со член 149 в.в. со член 23 од КЗ.

Јанкулоска по распитот во Основното јавно обвинителство рече дека не се чувствува виновна за ниту едно обвинување од Специјалното јавно обвинителство и дека должноста си ја извршувала чесно и професионално.

Не се чувствувам виновна ниту по наводите од овој ниту, пак, за претходниот случај на СЈО. Додека бев министер, должноста ја извршував чесно, професионално и во интерес на Република Македонија. Јас очекувам СЈО да отвори случаи затоа што тоа е нивна мисија и тоа е нивна политичка агенда. Не е прашање колку случаи ќе отворите, туку колку и на кој начин ќе ги затворите, а за сето тоа останува судот да одлучи како ќе бидат тие предмети затворени. Јас не сум сторила никакво кривично дело по однос на случаите кои СЈО веќе ги најави со отворање истраги ниту, пак, по кој било друг предмет што може ќе го конструираат – рече Јанкулоска.

Трето пријавениот, Мирослав Јовановиќ во кривичната пријава пишува дека сторил едно кривично дело Злоупотреба на лични податоци од член 149 став 3 в.в. став 1 од КЗ.

Во периодот на јануари, февруари, март и април 2013 година прво и второ пријавените со умисла го поттикнале трето пријавениот Мирослав Јовановиќ, вработен на работно место информатичар во „Македонски Телеком“ да го искористи компјутерскиот информатички систем и да им даде информации за местото на живеење на поголем број на лица, чии имиња и презимиња претходно ги давале прво и второ пријавената, преку службени лица во МВР и ги пронаоѓале конкретните лица, посочувајќи дека на изборите во горенаведениот период треба да гласаат за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, наведено е во кривичната пријава.

Како што е дефинирано според закон, службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека праксата за санкционирање за злоупотреба на службена должност во државава порано била многу добра.

Станува збор за сериозно кривично дело во кое обвинетиот добива корист врз штета која му ја нанесува на некој друг. Порано кај нас имаше добра пракса, ефективна. И ова кривично дело за кое сега зборуваме е сериозно, но ќе треба да се докаже, а потоа да се покрене обвинение. За злоупотреба на личните податоци кај нас нема многу голема пракса, тоа најчесто го водеше Дирекцијата за заштита на личните податоци – рече Давидовиќ.

Инаку, пред речиси два месеци, претседателот  Ѓорге Иванов донесе одлука да ги аболира сите лица за кои од прислушуваните разговори се добива впечаток дека направиле некакво кривично дело. Божиновски и Јанкулоска се на овој список за неколку дела, но меѓу аболираните се наоѓа и Јовановиќ, кој три години по услугата која им ја направил на Јанкулоска и Божиновски, станува директор на секторот за информатика во „Македонски Телеком“.

По голем притисок од меѓународната заедница, граѓанскиот сектор и опозициските партии, Иванов во два наврати ги повлече аболициите. Најпрво ја повлече за политичарите, а потоа и за сите останати лица меѓу кои е и името на Јовановиќ.

Во бомбата која ја објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев, во Универзална сала на 10 март минатата година, граѓаните можеа да слушнат како Божиновски и Јанкулоска се договараат од Јовановиќ да ги побараат податоците за граѓаните.

ГЈ: Па по телефони, да видиме каде живеат, склучиле договор…

КБ: Е тоа е.

ГЈ: Оти кај нас, мислам ние ќе ги најдеме ама ќе ни ја даде официјално таа адреса што ја пријавил, и после не знаеме…

КБ: Што ја има на Избирачки список

ГЈ: Да де да, ама тоа тебе не ти врши работа. Едино преку телекомуникацискиве компании, на пример ако си купил телефон во Скопје, барем знаеме дека си во Скопје, знаеш.

КБ: Со кој да зборам за тоа?

ГЈ: Па не знам некој таму, овој Мирослав, што е у „Телеком“ у информатика што е сектор, Миро Јовановиќ. Оти Миро треба да ги извади…

КБ: Или Жаре?

ГЈ: Па Жаре пак треба да, на пониско ниво да делегира, Жаре сигурно нема сам да ги бара, али може Жаре па да даде задача.

КБ: Добро, добро, да, добра идеја.

ГЈ: Па после, нешто ако ни треба пак ќе видиме со нашава база да вкрстиме..

КБ: Океј, океј, важи.

ГЈ: Оти друго е на пример да речеме на УБК да им дадеме име, тој и тој ви е у Кочани, така ќе го најдат.

КБ: Така, да, да.

ГЈ: Ама сега тој и тој барајте го во Македонија, малку по…може и ќе го најдат, ама поише време ќе им треба.

КБ; У право си.

ГЈ: А ние немаме многу време.

КБ: Важи, ќе гледаме.

ГЈ: Добро бе Кире, ајде чао.

Членови од КЗ според кои се покренати кривичните пријави против Божиновски, Јанкулоска и Јовановиќ:

Член 353 став 1

Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета ќе се казни со казна затвор од шест месеци до три години.

 

Член 23 од КЗ

Тој што друг со умисла ќе го поттикне да стори кривично дело ќе се казни како да сторил самиот.

 

Член 149 од КЗ

(1) Тој што спротивно на условите утврдени со закон, без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година

(2) Со казна од став 1 ќе се казни тој што ќе навлезе во компјутерски информатички систем на лични податоци со намера користејќи ги за себе или за друг да оствари некаква корист или на друг да му нанесе некаква штета.

(3) Ако делото од ставовите 1 и 2 го стори службено лице во вршење на службата ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција