Собранието донесе Закон за минимална плата од 12.000 денари

sdsm-logo

МИНИМАЛНА ПЛАТА

Ќе го вратиме достоинството на работниците и ќе обезбедиме со закон минимална плата од 12.000 денари уште во 2017 година. Тоа ќе важи и за вработените во текстилната и кожарска индустрија, кои се денес потценети…

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во предизборието за предвремените парламентарни избори кои се одржаа во декември 2016 година, СДСМ вети дека во 2017 година ќе биде донесен закон со кој ќе се гарантира минимална плата од 12.000 денари. Ова  ветување на СДСМ наведено во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“(стр.3), е исполнето.

На 19 септември 2017 година Собранието на Република Македонија го донесе Законот за зголемување на минималната плата, кој предвидува таа да изнесува  12.000 денари. Медиумите информираа дека Законот е донесен  со 70 гласа „за“ и ниту еден против и воздржан. Во извештајот на агенцијата „Мета“ е наведено дека собраниската  расправа поминала во меѓусебни обвинувања на владејачкото мнозинство и на опозицијата, по што опозицијата решила да го поддржи законот и да гласа за него. Зголемувањето на минималната плата ќе се однесува на сите работници, односно таа ќе треба да биде исплатена и за вработените во кожарската, текстилната и во индустријата за обувки. За таа цел месечно од државната каса за субвенционирање на претпријатијата ќе се одвојуваат по 1,5 милиони евра.

plata glasanje
Гласање за Законот во Собранието Фото: Мета

Минимална плата во висина од 200 евра најави министерот за финансии Драган Тевдовски пред три месеци,  по средбата со претставниците на стопанските комори и на Организацијата на работодавачите. Набрзо по стапувањето на функцијата (јуни 2017), Тевдовски изјави дека за оваа цел до крајот на годинава ќе бидат потрошени шест милиони евра државни пари.

Средствата за финансиска поддршка на компаниите од септември до декември 2017 година се предвидени со ребалансот на Буџетот (Тевдовски)

Тевдовски најави зголемување на минималната плата на 12.000 денари,  уште во март 2017 година, кога беа во тек преговорите за состав на новата влада.  Како претседател на Комисијата за економски прашања на СДСМ, тој тогаш на прес-конференција соопшти:

Најниската плата во првата година од мандатот ќе ја зголемиме на 12.000 денари, ќе обезбедиме по 20 милиони евра годишно за поттикнување на малите и на средните бизниси, а сите институции и јавни претпријатија ќе мора да даваат отчет еднаш месечно за тоа како ги трошат парите од државниот буџет

На 10 мај 2017 година, дваесет дена пред  изборот на новиот владин кабинет, Тевдовски на прес-конференција кажа:

Новата влада, веднаш по формирањето, во консултации со социјалните партнери, ќе го пушти во собраниска процедура законот за зголемување на минималната плата.

Парламентот  на 19 септември 2017 година го усвои ова законско решение, така што,  споменатото изборно ветување  „ќе обезбедиме со  закон минимална плата од 12.000 денари уште во 2017 година“, го сметаме за исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *