Над 60 отсто од законите по скратена постапка!

Тепачките во Собранието на РМ не резултираа со квалитет и демократија. Фото: Bigthink.com

 

Анализата на Годишните извештаи за работата на Сбранието на РМ од 2011 па до денес, се јасни и недвосмислени – повеќе од половината закони се носени по скратена процедура, што значи скратено време за расправа. Оттука, квалитетот на законите, но и самиот демократски амбијент, се жртви на ваквата тенденција

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Меѓународниот посредник во преговорите за излез од политичката криза од 2015 година, Питер Ванхојте во еден од последните свои популарни твитови се занимава со законодавниот дом, Собранието на РМ, па ја напиша следнава изјава:

Во 2014 година над 50 отсто од законите биле донесени во „ургентна“ процедура. Во 2015 година 70 отсто од законите биле донесени во „ургентна“ процедура. Демократија загуби!

Проверката на точноста на изјавата на Питер Ванхојте ја започнавме и ја завршивме со официјалните податоци што ги нуди самото Собрание на својата веб страница

Процентите кои ги наведе посредникот се приближно точни но,  целосно точна е констатацијата дека „демократијата загуби“, зашто вистина е, дека во овие две години енормен број закони се носени набрзина, надвор од редовната процедура.

 

БРЗАЊЕТО КАКО ТРЕНД

Во делот за Извештаи за работата на Собранието на Република Македонија може да се најдат годишните и мандатните извештаи за работата на пратениците на парламентот од 2002 година до денес.

Во Извештајот за работата во 2014 година, кој се однесува на периодот од 10.05 до 31.12 2014 година, на страница 26 во делот „Донесени закони“, може да се види графичко претставување на вкупниот број закони и по која постапка се донесени.

Па, така може да се утврди дека во тој период од споменатата година, кога Собранието бавно се усогласуваше во својата работа и кога во истото не присуствуваа избраните пратеници од опозицијата, бидејќи  таа одби да ги признае резултатите од вонредните избори, биле донсени вкупно 155 закони. Притоа, во редовна процедура биле донесени 96 закони, додека по скратена постапка 59. Ова значи дека околу 40 отсто од законите во 2014 година и тоа само за периодот од мај до декември биле донесени по скратена процедура, што подразбира носење на закон или измена на закон без јавна расправа и во една седница во која второто и третото читање се извршуваат во ист ден, па се гласа на пленрана седница.

FireShot Screen Capture #038 - '' - www_sobranie_mk_content_izvestai_2011-2014_IZVESTAJ 2014 10_05 - 31_12_2014_pdf

Во Извештајот за 2015 година бројките се без малку шокантни. Имено, во годината на најдлабоката политичка криза на Република Македонија од независносто во 1991 година (оценка на повеќе експерти), Парламентот бил хиперактивен, иако 8 месеци работеше без пратениците на најголемата опозициска партија СДСМ.

Лани Собранието донело вкупно 574 закони, при што 234 биле во редовна постапка, 339 биле во скратена и еден закон бил донесен во итна процедура. Ова значи дека околу 60 отсто од законите се носеле надвор од редовната процедура, а многу голем број од нив беа носени во скратена постапка.

FireShot Screen Capture #039 - '' - www_sobranie_mk_content_izvestai_2011-2014_IZVESTAJ ZA 2015 godina_pdf

Дека е висок процентот на носење на закони по скратена процедура за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, збоорува и мандатниот извештај за пратеничкиот состав од 2011 до 2014 година. Во над тригодишниот период биле донесени над 900 закони (907), при што една третина биле носени по скратена процедура. Во редовна постапка биле усвоени 493 закони, по скратена процедура 297, а во итна постапка 3 закони, а биле донесени и 114 закони за ратификации на договори. Ако од бројкта се изземат 114-те ратификации, бидејќи станува збор или за меѓународни договори и конвенции или за договори за задолжување на странските пазари и тиеобично се носат во редовни процедури, произлегува дека околу 60 отсто од законите во мандатниот период се носени по скратена процедура.

FireShot Screen Capture #040 - '' - www_sobranie_mk_content_izvestai_2011-2014_Mandaten izvestaj 7 sostav 2011-2014_pdf

 

СКРАТЕНА ПРОЦЕДУРА – ЗАКОНИ БЕЗ  РАСПРАВА

Скратена постапка на носење на законите значи скратена процедура која се сведува на многу побрзо усвојување на законите во парламентот. Редовната постапка, предвидува надлежни собраниски комисии да го претресат законот, па оди на општа седница на Прво читање. По изминати седум дена започнува Второ читање, каде има амандмански дел и конечно ако се сменети над 1/3 од законските членови во текстот, се оди на Трето читање, а ако не, тоа се прави на самата седница. Оваа постапка од денот на приме до пленараната седница кога се гласа некој закон, трае во просек две недели, иако имало случаи и на поефикасна и на многу понеажурна работа.

За разлика од тоа скратената постапка значи дека второто и третото читање се спојуваат и се извршуваат на иста седница. Еве како е тоа објаснето во Деловникот (од член 132 до член 178) за работа на Собранието, поконкретно во членот 171:

(1) Ако Собранието одлучи да расправа, предлогот на законот да се донесе по скратена постапка, претседателот на Собранието веднаш го задолжува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот на законот.

(2) Кога предлогот на законот се разгледува по скратена постапка Собранието одржува општ претрес.*

(3) Второто и третото читање се одржуваат на иста седница. Во тој случај второто читање започнува со претрес по предлогот на законот во согласност со одредбите од овој деловник за второ читање. Амандмани можат да се поднесат на седницата до почетокот на третото читање на предлогот на законот.

 

Сосема е јасно дека тука времето на расправа е скратено. Но во деловникот пишува и за кои закони се применува скратена процедура (член 171):

Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога:

– не е во прашање сложен и обемен закон,

– престанок на важноста на некој закон или  одделни одредби од некој закон или
– не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија.

Тоа, во праксата на овој и на претходниот мандат на Собранието секако не било случај, во најголем број случаи. Тоа може да се процени од само неколку вести за случаите на носење на голем број закони во 2014 и во 2015 година. Еднаш во февруари 2014 година и еднаш во август 2015, значи непосредно пред враќањето на опозицијата во Собранието, кога беа донесени огромен број закони.

Затоа, констатацијата на Ванхојте од почетокот на текстот, дека „демократијата загуби“, е сосема точна и ја отлсикува нашата реалност за законодавниот процес и за тоа каква улога во поделбата на власта во земјава има Собранието на РМ. Ако таа улога не се промени, се разбира не може ниту да има оддржлив излез од политичката криза.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција