Сорос не е на листата донатори на „Фридом Хаус“

vmro-dpmne-logo

 

Новоименуваниот амбасадор на Република Македонија во Мисијата на ЕУ во Брисел, поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во емисијата  „Топ тема на ваша страна“ на телевизија „Телма“ (05.04.2017), меѓу другото, изјави:

Факт е дека Организацијата „Фридом Хаус“ е директно финансирана, како главен и основен финансиер токму од Џорџ Сорос, така што необјективно е да ја коментираме…

Но, секако сме спремни да дискутираме за било кое прашање кое што е дел од извештајот: можеме да дискутираме за состојба во демократијата, медиуми, итн. но, извештајот не би можел да го прифатам како релевантна точка за којашто треба да се зборува.

[Извор:  YouTube , (54,40 до 55,12 минута од видеото) датум: 05.04.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на новиот  шеф на македонската мисија при Европската унија во Брисел, експратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во која вели дека американската невладина организација „Фридом Хаус“ е финансирана од Џорџ Сорос,  е невистинита. Сорос не е меѓу донаторите наведени на веб-страницата на „Фридом Хаус“.

Ваквото паушално тврдење, инаку, Николоски го изнесе одговарајќи на прашањето на новинарката поврзано со последниот Извештај на „Фридом Хаус“ за „Нации во транзиција“, а во кој за Македонија се забележува натамошен пад на демократијата и има најголемо назадување од балканските држави. Според овој Извештај , Македонија во 2016 година е на најниско демократско ниво од 2001 година кога земјата се соочи со насилен етнички конфликт.

Во споменатиот Извештај на „Фридом Хаус“, Македонија е сместена во групата земји со транзициски-хибриден режим на граница кон автократија.

Генералниот индекс на демократијата во земјава, кој е збир на седум специјални индекси за минатата година изнесува 4,43, на листа од 1 до 7, каде 1 означува највисоко ниво на демократски прогрес, а 7 означува најниско ниво. Тој индекс паѓа 10 години по ред, па од 3,86 за 2007 година стасал до 4,29 за 2015 година, а изминатата година паднал дополнително.

Доколку во наредниот период земјата ја „достигне“ оценката 5, веќе ќе влезе во групата авторитарни режими заедно со Киргистан, Белорусија, Русија, Азербејџан и други поранешни советски републики.

По одделни ставки, Македонија веќе се смета за авторитарен режим во однос на демократското владеење на национално ниво (оценка 5) и  слободата на медиумите (5.25), а многу блиску до таков статус е и во однос на независноста на судството и корупцијата – за кои заедничката оценка е 4.75.

Но, ВМРО-ДПМНЕ го смета за нерелевантен извештајот на „Фридом Хаус“. Според партијата, тој наводно не е одраз на фактичката ситуација во земјата, туку се потпира на лажни и нарачани извештаи од Сорос. А, истиот став го соопшти и Николоски во емисијата  „Топ тема на ваша страна“, каде  во два наврати кажа:

Не можам да се согласам дека ВМРО-ДПМНЕ или Владата која беше досега,  довела до она што е наведено во извештајот. Факт е дека извештајот е крајно необјективен, факт е дека извешатојот има одредени цели коишто треба да ги оствари и затоа е таков напишан. ВМРО-ДПМНЕ  без разлика дали е во власт или во опозиција во овие 25 години постоење на партијата секогаш имала проблем со невладините организации и Фондацијата овде во Македонија финанисрани од Џорџ Сорос… (53,55 до 54, 40  минута од видеото)

Меѓутоа, на листата поддржувачи објавена на  сајтот на „Фридом Хаус“, не се посочени  Џорџ Сорос и Фондацијата „Отворено општество“.  На списокот на поединци, фондации, компании и влади, кои имале донации и грантови во износ од 100.000 долари и повеќе, сметајќи од 1 јули 2015 година досега, го нема ниту Сорос , ниту неговата Фондација.

„Фридом Хаус“ е американска невладина организација (НВО), основана уште во октомври 1941 година и нејзиниот фокус се почитувањето на демократијата, политичките слободи и човековите права. Почнувајќи од  1972 година Фридом Хаус објавува годишни извештаи (од 1978 во форма на книга) за степенот на граѓанските демократски слободи и права во земјите ширум светот, притоа оценувајќи ги на скала од 1 (највисоко) до 7 (најниско ).

Сепак, не е првпат сѐ уште владејачката ВМРО-ДПМНЕ да ги критикува извешатиите на „Фридом Хаус“ и да излегува со невистинито тврдење дека е финансирана од Сорос. Такви се нејзините реакции после секој Изветшај на оваа организација во последните години.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *