Социјалната помош не е покачена на 12.000 денари

СДСМ во 2016 година ветуваше дека социјалната помош никогаш повеќе нема да биде 2.000, 3.000 или 4.000 денари Фото: Принтскрин колаж

Членката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова го критикуваше премиерот Зоран Заев и, меѓу другото, кажа дека не го исполнил ветувањето дадено во предизборието на предвремените парламентарни избори (декември 2016) „дека веднаш по доаѓањето на власт ќе ја покачи социјалната помош на 12.000 денари“. Оваа изјава на Попова ја сметаме за вистинита

 

На 06.03.2018 година, Ирена Попова, претставник на ВМРО-ДПМНЕ , на одржаната партиска прес-конференција ја даде следната изјава, која ја оценуваме како вистинита:

Зоран Заев пред парламентарните избори во 2016 година ветуваше дека социјалната помош веднаш по преземањето на власта ќе ја покачи на 12.000 денари. Зоран Заев излажа. Година и пол по изборите и повеќе од 9 месеци по преземањето на власта од страна на СДСМ граѓаните гледаат дека се изманипулирани.

СДСМ ветуваше дека  на граѓаните кои имаат приходи под 12.000 денари ќе им биде исплаќана разликата до 12.000 денари од страна на државата. Ова не се случи. Дополнително Заев ветуваше дека државата ќе се впушти во потрага по работа за социјално загрозените граѓани и ќе ги вработи.

Едно ветуваа пред избори, друго прават кога се на власт. Поминаа повеќе од 9 месеци, а социјалната помош не е покачена.

[Извор: веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ (од од 0,20 до 2,06 минута од видеото), датум: 06.03.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Членката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова  вчера  (06.03.2018) на прес-конференција го критикуваше премиерот Зоран Заев и, меѓу другото, кажа дека не го исполнил ветувањето дадено во предизборието на предвремените парламентарни избори (декември 2016) „дека веднаш по доаѓањето на власт ќе ја покачи социјалната помош на 12.000 денари(од 1,22 до 1,53 минута од видеото) . Оваа изјава на Попова ја сметаме за вистинита.

На 28 ноември 2016 година претседателот на СДСМ, Зоран Заев (во тоа време опозициски лидер) на потпишувањето декларации со граѓанскиот сектор во областите економија и социјална држава кажа дека доколку на изборите ја добијат доверба од граѓаните, семејствата кои немаат никакви приходи ќе добијат социјална помош од 12.000 денари, а оние кои имаат некаков приход ќе им се  надополнат средства до 12.000 денари.

Она за кое што денеска ставаме потпис и даваме збор, односно обврска дека ќе го реализираме веднаш после овие 13 дена што остануваат до изборите е нашето ветување за социјална држава и социјална политика, воопшто, но, секако, економијата и посебно освртот на земјоделството за кое што се зборуваше.

Ветувањата кои што ги испорачуваме се дека социјалната помош никогаш повеќе нема да биде 2.000, 3.000 или 4.000 денари. 12.000 денари е минимален праг со којшто може едно семејство минимум да закрпи достоинствен живот. Секое семејство кое што нема никакви приходи по никаков друг основ, државата ќе даде 12.000 денари социјална помош, на она семејство кое што има некаков приход ќе му надополни до 12.000 денари, социјална помош и ако сака државата навистина да нема многу илјадници семејства за кои што дава по 12.000 денари, на вистински начин ќе се впрегне да им обезбеди пристојна работа и на соодветен траен приход за сите тие семејства, искрено обидувајќи се и да ја намали вкупната бројка на социјална помош, но секако и да паднат вкупниот број на тие семејства. ( Заев – од 1,15 до 2,28 минута од видеото)

Истото ветување тој го даде и на 04.12.2016 година во Битола на изборниот митинг  на  коалицијата „За живот во Македонија“ предводена од СДСМ. Тогаш Заев најави дека доколку победат на изборите уште во првите месеци ќе преземат конкретни мерки во повеќе сфери кои директно ќе влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните.

Ќе ја зголемиме социјалната помош од 2.500 на 12.000 денари за социјално најзагрозените да имаат достоинствен живот. Ќе ги зголемиме енергетските капацитети во државата, ќе инвестираме за да не увезуваме струја и да не трошиме по 180 милиони евра годишно за увоз на струја. РЕК Битола ќе продолжи да биде главниот енергетски производител во Македонија, но државата директно ќе инвестира во филтри, во еколошката заштита, бидејќи не можеме да живееме со раст на болести и карциномни заболувања. Ќе има новини во здравството и затоа ќе воведеме бесплатно болничко лекување за сите, рече Заев.

Ова негово ветување досега (07.03.2018) не е исполнето, така што изјавата на Попова ја оценуваме како вистина.

 

*Според податоците објавени на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика, социјалната помош на месечно ниво изнесува од 2.831 денари за домаќинства составени од едно лице до 7.020 денари за домаќинства со пет и повеќе членови.

Извор: ПИОМ
Извор: МТСП

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска