Социјалната помош не се изедначува со минималната плата безусловно

Фото: скриншот

Славески се осврна на намерата на Владата да ја зголеми социјалната помош за четиричлено семејство некаде во висина многу блиска до моменталната минимална пата од околу 12 илјади денари. Тој тврди дека на овој начин ќе биле обесхрабрени да работат оние што сакале да работат и со тоа да стекнеле работни навики, квалификации и слично

 

Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ ја даде следната изјава за која оценуваме дека не одговара на вистината:

 

За Република Македонија, изедначувањето на социјалната помош со минималната плата ќе има катастрофални последици затоа што ги обесхрабрува они кои што сакаат да работат и со тоа да стекнуваат работни навики, квалификации и итн.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна – датум: 03.11.2018]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Тврдењето на универзитетскиот професор и висок функционер на ВМРО – ДПМНЕ, Трајко Славески, дека реформите во социјалната помош ќе имаат катастрофални последици, а кои беа искажани со критиките за најавите за измена на даночната политика на Владата на РМ, не одговараат на вистината.

Славески се осврна на намерата на Владата да ја зголеми социјалната помош за четиричлено семејство некаде во висина многу блиска до моменталната минимална пата од околу 12 илјади денари. Тој тврди дека на овој начин ќе биле обесхрабрени да работат оние што сакале да работат и со тоа да стекнеле работни навики, квалификации и слично.

Оваа мерка, како дел од пакетот на сеопфатни социјални реформи беше најавена од страна на Владата на 18.09.2018 година, на заедничка прес-конференција одржана од премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. На таа прес конференција многу јасно беше потенцирано дека зголемувањето на сумата до 11.700 денари, не е безусловно.

И премиерот Зоран Заев и министерката Царовска изјавија дека паралелно со мерката се прави реформа во Центрите за социјална заштита, а која ќе биде поврзана и со Агенцијата за вработување. Дека на секое лице кое е работоспособно, без работа и припаѓа на оваа категорија граѓани, ќе му биде понудено, согласно побарувачката на пазарот на труд, докфалификација, обука или преквалификација со цел да може да му биде понудено работно место.

Премиерот и министерката најавија дека доколку таквото лице потоа ја одбие понудата за работа повеќе од еднаш, или два пати, ќе го загуби правото на зголмена социјална помош. Тоа може да се види и од видео клипот од таа прес конференција после 26-тата минута.

И на последната прес конференција што ја одржаа во Владата на РМ министерот Тевдовски и министерката Царовска, на која, всушност, реагираше Славески, беше кажано речиси истото.

Царовска, појаснувајќи дека Македонија е социјална држава и дека реформите во даночниот систем се тесно поврзани и со реформите на системот на социјална заштита, изјави дека зголемувањето на минималната социјална заштита за околу 300 отсто е поврзана со „активирање на група на граѓани кои што ќе можат да бидат понудени на пазарот на труд, за она што ѝ е потребно на македонската економија“, што може да се види после 9.35 мин..

Поради погоре изложените факти, оценката е дека тврдењето на Славески околу катастрофалните последици од изедначувањето на минималната социјална помош со минималната плата, е невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција