Советот на јавни обвинители нема надлежност да дава и одзема предмети од Катица Јанева

Катица Јанева - наметнатите проблеми со надлежноста. Фото: Мета

Правната фела е безмалку едногласна дека Советот на јавни обвинители нема надлежност ни за одлучување, ни за изјаснување, ни за одземање на предметите кои ќе ги побара на разгледување или ќе ги преземе Спцијалното јавно обвинителство

 

 

Правната фела е безмалку едногласна дека Советот на јавни обвинители нема надлежност ни за одлучување, ни за изјаснување, ни за одземање на предметите кои ќе ги побара на разгледување или за кои ќе се прогласни надлежно Специјалното јавно обвинителство

 

 

Пишува: Александра Денковска

 

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, прес-конференција рече дека Советот на седница со седум гласа „за“ одлучил предметите кои специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за „Маѓар Телеком“, „Шпион“ и „Верушевски“ ќе бидат вратени во надлежност на Основното јавно обвинителство – Скопје и Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

Со седум гласа „за“, донесени се одлуки дека за законито постапување и понатаму ќе бидат надлежни Основното јавно  обвинителство Скопје и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Значи, сите предмети кои се кај нас ќе бидат вратени на постапување на овие јавни обвинителства“, изјави вчера Аневски.

Но, од каде му на Аневски и на Советот надлежност да одлучува кое Обвинителство по кои предмети ќе работи, кога автономноста на Специјалното јавно обвинителство е предвидена со Законот со кој тоа е формирано.

Во членот 6 став 2 од Законот за Специјално јавно обвинителство пишува дека „Јавниот обвинител има целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите“.

Понатаму, во членот 11 од истиот Закон пишува дека Јавното обвинителство ќе преземе контрола врз предметите кои спаѓаат во стварната надлежност на јавното обвинителство во било која фаза.

Член 11

Јавното Обвинителство ќе преземе контрола врз предметите кои спаѓаат во стварната надлежност на Јавното Обвинителство во која било фаза од постапката.

По писмено барање од Јавно Обвинителство, јавните обвинителства се обврзани, во рок од 8 дена, да предадат кој било предмет по кој постапуваат за да се одлучи дали предметот спаѓа во надлежноста на Специјалниот Јавен Обвинител, согласно  неговите/нејзините овластувања определени со овој закон.

Специјалниот Јавен Обвинител одлучува во рок од 8 дена дали случајот спаѓа во надлежност на Обвинителството.

Оттука, нејасно е како Аневски и Советот можат да одлучат на Специјалното јавно обвинителство да не му ги дадат предметите кои сака да ги преземе. Ниту Аневски, ниту, пак, Советот, имаат некакви ингеренции да распределуваат и прераспределуваат предмети и да решаваат спорови на надлежност меѓу јавните обвинителства.

Професорот Гордан Калајџиев вели дека однесувањето на Советот на јавни обвинители и нивниот претседател е класична злоупотреба.

Само специјалната јавна обвинителка е надлежна да одлучи за кои предмети ќе спроведе истрага, а Советот на јавни обвинители се поставува како ментор на Специјалното јавно обвинителство и мисли дека ако СЈО треба да поднесува извештај до Советот, тоа значи дека они треба да ѝ кажуваат што да работи. Ова е класична злоупотреба – вели професорот Гордан Калајџиев.

Она што е спорно и што можеби предизвикува забуна кај Аневски и кај останатите членови на Советот е членот 13 од Деловникот на Советот на јавните обвинители, во кој пишува дека „Советот ја следи работата на јавните обвинители врз основа на оцената за нивната работа согласно со Законот за јавното обвинителство“, но ова секако не важи за Специјалното јавно обвинителство.

Според Законот за Специјалното обвинителство, предвидено е тоа за својата работа да биде одговорно пред Советот на јавни обвинители и пред Собранието, но тоа не значи дека Советот треба да одлучува на кои предмети ќе работи СЈО.

Член 7

Јавниот Обвинител ќе биде одговорен за неговата/нејзината работа пред Собранието на Република Македонија и пред Советот на Јавни Обвинители.

Јавниот Обвинител ќе поднесува извештај секои шест месеци за неговите/нејзините активности, вклучувајќи  и опис за напредок во која било истрага или гонење преземено од Јавниот Обвинител. Во таквиот извештај може да бидат изоставени материјали кои според Јавниот Обвинител треба да се чуваат како доверливи, но ќе обезбеди соодветни информации за да ги оправда трошоците.

 Адвокатот и поранешен јавен обвинител, Александар Наков, вели дека ни случајно Советот на јавни обвинители нема некаква надлежност да се меша во тоа кои предмети ќе ги работи Специјалното јавно обвинителство.

СЈО има автономија да одлучува што ќе работи и по кој редослед ќе го прави тоа и никој не може да му се меша, па дури Советот на јавни обвинители. Тоа што го направи Советот вчера е кршење на Закон. Секој кога презема некоја функција ја презема со цел да ја заврши работата, но за жал во овој момент кај нас повеќето преземаат функција за да слушаат наредби. Во секој случај, СЈО е самостојно и автономно треба да одлучи по кои предмети ќе работи, нема што Советот да одобрува или да не одобрува – вели Наков.

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар