Создадени се законските услови за зголемување на урбаното зеленило

Построги мерки за поголемо зеленило. Фото: ЈП Комуналец, Битола

Законот за урбано зеленило не е нова идеја, но е идеја која конечно е усвоена во соодветна процедура во Собранието на РМ, како една од точките на 30-тата седница. Законот е инициран од партијата ДОМ, која активно учествуваше во неговата изработка, иако треба да се напомене дека тој е донесен во соработка и со коалициониот партнер СДСМ, кој, исто така, има дадено слични ветувања

 

Во предизборнaта програма на ДОМ за парламентарните избори во 2016 година се споменуваат ветувања поврзани со зголемување на површините за зеленило во државата, кои ги оценуваме како исполнети:

Носење на вистински Закон за урбано зеленило – ДОМ, во соработка со експерти од институциите, изработи Закон за зеленило, по примерот на германските и австриските закони, со обврска за строга заштита на зеленилото, со нормативи за 25 метри квадратни зеленило на ниво на град и 10-30% зеленило на ниво на градежна парцела.

[Извор: ДОМ – Зелена програма 2016-2020датум: 2016 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Законот за урбано зеленило не е нова идеја, но е идеја која конечно е усвоена во соодветна процедура во Собранието на РМ, како една од точките на 30-тата седница. Законот е инициран од партијата ДОМ, која активно учествуваше во неговата изработка, иако треба да се напомене дека тој е донесен во соработка и со коалициониот партнер СДСМ, кој, исто така, има дадено слични ветувања.

Историјатот на носење на овој закон е уште од пред неколку години. По иницијатива на ДОМ уште во 2011 година започнати се активности за уредување на оваа сфера со понови стандарди. Како што може да се види и пронајде во медиумските архиви на интернет, по бројни активности меѓу ДОМ, Град Скопје, Заедницата на локални самоуправи – ЗЕЛС и други, во 2014 година ДОМ го предлага овој Закон во Собранието, но тогаш наидува на блокада, односно предлогот е отфрлен.

Во јуни 2015 година, пратеничката и претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска во Собранието повторно го поднесува Законот за урбано зеленило. Законот и овој пат е одбиен од парламентарното мнозинство од тоа време, составено од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, иако ДОМ тогаш беше дел од тоа мнозинство. Поради процедурите за поднесување законски предлози по чекање од најмалку 6 месеци, на крајот од 2015 г.  ДОМ по трет пат го поднесува Законот за урбано зеленило, но повторно е одбиен овој предлог, а како замена, тогашното мнозинство по само два месеца, во март 2016 година го предлага и го усвојува Законот за зеленило поднесен од тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ . „Вистиномер“ и тогаш ги следел овие ветувања и нивната исполнетост, за што можете да прочитате на овој линк.

Во меѓувреме, траат подготовките за вонредните избори во 2016 година. ДОМ склучува коалиција за заеднички настап со СДСМ и други партнери. Како резултат на ова, а можеби и на слични визии и размислувања, и СДСМ во својата предизборна програма План за живот во Македонија на два пати ги наведува овие идеи:

Измени во законските и подзаконските акти кои се однесуваат на просторното и урбанистичкото планирање, во однос на зголемувањето на задолжителната квадратура со зеленило. (стр.78)

Ќе го зголемиме процентот на задолжителната квадратура на зеленило во законот за просторното и урбанистичкото планирање.(стр.219)

Овие предизборни ветувања влегуваат и во Програмата за работа на Владата 2017-2020 година, во делот Инфраструктура:

Владата ќе предложи ревизија и усогласување на законите од областа, мерки и прописи за контрола на објекти, зголемена безбедност и квалитет на градби и задолжителната квадратура со зеленило… Законски ќе се регулираат нормативите за урбано зеленило во секоја градежна парцела за да се овозможат потребите на граѓаните за хумано, здраво и квалитетно живеење (стр. 44-45)

Како резултат на сите овие ветувања и програми, ДОМ заедно со пратеници од СДСМ и парламентарното мнозинство, во октомври 2017 година го поднесуваат Законот за урбано зеленило.

Овој закон на продолжението од 30-тата седница на Собранието на РМ, конечно беше усвоен.

Според погоре изложените аргументи, може да се оцени дека станува збор за реализирано, исполнето ветување на ДОМ, кое во меѓувреме влезе и како предизборно ветување и на СДСМ и во програмата на Владата.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.