Споредување на неспоредливото за инвестиции низ три децении

Бројки низ децении - необјективна споредба. Фото: Скриншот

Странските директни инвестиции во земјата кумулативно, за периодот 2007-2015 година, достигнаа 2.281 милиони евра и се повисоки за 1.498 милиони евра во однос на периодот 2003–2006 (три пати повеќе). СДИ во периодот 2007–2015 година се за 1.513 милиони евра повеќе во однос на кумулативниот прилив на СДИ во 10-годишниот период на владите на СДСМ (исклучувајќи ја приватизацијата на ЕСМ во 2006 и продажба- та на 10% државен капитал во „Македонски телеком“ во јуни 2006 година).

[Извор: ОТЧЕТ  2016 Датум: март 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Станува збор за недоследна изјава изнесeна во Отчетот на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ 2016 година (стр.8 и 9), бидејќи дел од бројките се изнесени без методолошки пристап и без целосен контекст.

Во Отчетот се наведува бројката за директни инвестиции во период од 9 години (од 2007 до 2015) и се наведува дека „кумулативно“ тие изнесуваат 2 милијарди и 281 милиони евра. Оваа обројка според податоците што ги објавуваат и други институции, како што се Народна банка на Република Македонија или Државен завод за статистика, се проверливи и се точни. Но, веднаш потоа се прави неконзистентна споредба со период од четири години (од 2003 до 2006 година) кога на власт беше СДСМ и се наведува дека разликата за овој период е милијарда и 498 милиони евра, односно „три пати повеќе“.

Основната неконзистентност на вака соопштените податоци се гледа во тоа што бројките за периодот на владеење на ВМРО ДПМНЕ се поднесуваат на 9 години, а разликата во однос на периодот кога мандатот го имал СДСМ, се однесуваат на период од 4 години, односно се споредуваат бројки за кои постои разлика од пет години.

Во вториот дел од изјавата се повторува истата неконзистентност, при што се наведува дека кумулативно, разликата за 9 –те години владеење на ВМРО ДПМНЕ биле одбележани со милијарда 513 милиони евра повеќе во однос на „10 годишниот период на владите на СДСМ“.

Оваа неконзистентност на изнесените споредби, најпрво се гледа во тоа што не е прецизирано за кој десетгодишен период се наведени споредбите. Бидејќи тоа не е сторено, мораме да претпоставиме дека тоа се однесува на шест годишниот период на владеење на владите на СДСМ од 1992 (по разрешувањето на експертската Влада на Никола Кљусев) до 1998, кога на парламентарните избори победи ВМРО ДПМНЕ, како и на периодот од 15 септември 2002, до јуни 2006 г., период во кој владееле влади предводени од СДСМ.

Кога овие бројки би биле ставени во реален контекст на периодите на транзиција во Македонија, секој објективен набљудувач би морал да ги вметне и следниве работи:

  • Во периодот од 1992 до 1995 година, Република Македонија се наоѓаше под економска блокада од Грција.

  • Во периодот од 1992 година до 1995 година, РМ беше во опкружување на сериозни воени конфликти во регионот, кој започнуваа веднаш од северните граници на земјата.

  • Во периодот од 1992 до 1997 година, Македонија се уште ги етаблираше основните односи со меѓународните организации и институции, а многу од нив, се уште немаа отворено канцеларии во Скопје.

  • Договорот за Стабилизација и Асоцијација со ЕУ е беше потпишан на 9 април 2001 г., а стапи во сила на 1 април 2004 г. Времената спогодба, која опфаќа аспекти од трговијата и аспекти кои се поврзани со трговијата, стапи во сила во јуни 2001 г.

  • Република Македонија стана кандидат за членка на Европската унија во декември 2005 година, а во 2008 година беше усвоено од страна на ЕУ „Партнерството за пристапување за земјата“, а со тоа беше ажурирано претходното Европско партнерство од јануари 2006….

 

Овие и многу други факти се сосема доволни за да се процени дека не можат да се споредуваат споменатите периоди. Се разбира дека во услови на војни во регионот, на невоспоставени односи на високо ниво на билатерален (како на пример дипломатски односи со САД или пак со првиот сосед Србија) или на мултилатерален план, странските директни инвестиции ќе бидат многу помали, пред сè поради несигурноста на подрачјето на кое се вложува. Сосема спротивна состојба во однос на поврзаноста на Странските директни инвестиции (СДИ) и сигурноста е забележана кај сите земји соседи на пример, откако тие обезбедија пристап кон „клубовите“ какви што се ЕУ и НАТО.

Не е јасно зошто се исклучени парите од ЕВН и Телеком. Фото: скриншот
Не е јасно зошто се исклучени парите од ЕВН и Телеком. Фото: скриншот

Конечно, во изјавата што ја оценуваме, забележана е уште една неконзистентност, а тоа е, дека од оценувниот период за владите на СДСМ, се одземени инвестициите со продажбата на дел од поранешното Елкестростопанство на Македонија во 2006 година и 10-те посто акции на државата од Макеоднски Телеком. Сосема е нејасно зошто би се одзеле овие средства, кога за продажбата на акциите од Телеком се добиени 62 милиони евра, а за продажбата на Дистрибуција на ЕВН, државата доби 225 милиони евра. Секоја директна кеш пара легната на сметка на буџетот на РМ за купување на делови и или на цели претпријатија кои биле во општествена или државна сопственост, се сметаат за Странска дирекна инвестиција (СДИ).

За тоа колку играта со бројките може да биде „залажувачка“ за широки народни маси, ако цифрите се изнесуваат нецелосно или надвор од контекст, може да послужи и следниот показател: Според официјални податоци на НБРМ (Основни економски показатели за РМ), за движењето на СДИ во РМ, изразено во проценти од бруто-домашниот производ, учеството на СДИ во 2004 година изнесувало 5,7 отсто,  додека воо 2014 г., 2,3 отсто од БДП.

Поради овие аргументи, без да ги проверуваме во детал наведените бројки изнесени во Отчетот, таквото тврдење го оценуваме како недоследно

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција