Ставрески: Дали навистина Македонија има четврт најнизок долг во Европа?

Потпретседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески на прес конференција

 

На својата прес конференција, по објавувањето на „бомбата“ на опозицијата на 2 март, министерот за финансии, Зоран Ставрески, во своето излагање рече дека Македонија има четврт најнизок долг во Европа од 35 отсто од БДП, додека многу земји и во Европа и соседството имале долг кој изнесувал над 100 отсто од БДП. Дали е ова точно?

Потпретседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески на прес конференција
Потпретседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески на прес конференција

Еве ја изјавата на Ставрески во текстуален формат:

Второ, овие резултати, исто така, се отсликаа и во состојбите со буџетот и одржувањето на нивото на задолженост меѓу најниските во Европа. Денеска, државниот долг на Република Македонија, согласно последната отплата предвремена на обврските кон ММФ, е спуштено под 35% од БДП, значи државниот долг е под 35% од БДП што е меѓу 4-те најниски во Европа и тоа покажува на каков начин сме се справиле со тој предизвик, кога во соседството, во многу земји во Европа, јавниот, државниот долг достигнуваат над 100 проценти.

А, еве ја и во видео формат:

 

Образложение:

Најпрвин неколку појаснувања. Ставрески тука ги спомнува јавниот и државниот долг и со тоа внесува забуна. Јавен и државен долг не е исто. Државниот долг (наречен и долг на Централната влада) ги содржи обврските на владата, на јавните фондови и општините, додека јавниот долг го вклучува централниот долг, но и гарантираните обврски на владата во јавните претпријатија и во акционерските друштва во државна сопственост. Оној долг кој паднал под 35 отсто е државниот, додека јавниот е некаде околу 40 отсто.

Овде ќе ја провериме вистинитоста на следниве тврдења од горната изјава:

  1. Дали државниот долг на Македонија е меѓу 4-те најниски во Европа, и
  2. Дали во „многу земји“ во соседството и во Европа тамошниот државен долг е над 100 проценти.

Како прво и основно, треба веднаш да кажеме дека е невозможно да се утврди со целосна точност дали македонскиот државен долг во моментов, со тоа што сега, по минатонеделната отплата на долгот кон ММФ, паднал на 35% од БДП, е меѓу 4-те најниски во Европа. За нивото на долгот на европските земји не се известува на дневно или на неделно ниво, туку на месечно, квартално или годишно ниво и тоа од страна на националните централни банки во европските земји, додека мултилатералните финансиски институции бројките за нивото на долгот на своите земји членки ги добиваат на годишно или двогодишно ниво. Компарации можат да се прават само преку податоците на мултилатералните финансиски организации, податоците на американската разузнувачка агенција ЦИА (за разлика од холивудските филмови, најголем дел од работата на ЦИА е обработка на јавни податоци од секакви видови) и донекаде преку податоците на Европското статистичко биро Еуростат (кое ги обработува податоците само за земјите членки и кандидатите за членство), зашто само за тие податоци може да се каже дека се проверени и на ниво на точност и на ниво на методологија, односно кај овие податоци е проверено дека она што е мерено за долгот во различни земји е според истата методологија, истиот начин, односно дека не се собирани „баби и жаби“.

За да ја направиме оваа проверка и да бидеме посигурни во резултатите, ќе земеме дури 3 извори, кои содржат податоци од крајот на 2013 година: и оние на Европското статистичко биро Еуростат, и на ЦИА World Factbook и на ММФ. Иако овие податоци се од пред 15 месеци, кога станува збор за долгот на една земја, тие се сметаат за валидни и споредливи, зашто по правило долговите на цели земји не се менуваат драматично во еден ваков период. Еве на пример, државниот долг на Македонија на крајот на 2013 и она актуелно ниво кое го спомнува на пресот Ставрески е исто во двете инстанци – 35 отсто од БДП. Покрај тоа, евентуални други, посвежи податоци и не можат да се споредуваат – и зашто ги нема и зашто не може да се знае по која методологија се добиени.

Како прво, еве ги податоците за државниот долг на крајот од 2012 и 2013 година (до трета децимала) од ММФ, распоредени во три групи на земји (напредни економии, економии во развој и економии во развој од ЦИС регионот) во долната табела:

(Напомена: кликнете врз табелата со десен клик за да ја отворите во посебен прозорец во полна големина)
(Напомена: кликнете врз табелата со десен клик за да ја отворите во посебен прозорец во полна големина)

А, еве ја истата табела каде земјите се во една единствена група, но подредени според големината на нивниот државен долг од оние со најголем, до оние со најмал:

(Напомена: кликнете врз табелата со десен клик за да ја отворите во посебен прозорец во полна големина)
(Напомена: кликнете врз табелата со десен клик за да ја отворите во посебен прозорец во полна големина)

Значи, податоците на ММФ покажуваат две работи:

  1. Македонија нема 4 најнизок долг како процент од БДП во Европа, туку 7 европски земји имаат помал долг од Македонија
  2. Во Европа нема „многу“ земји со долг кој изнесува 100 отсто или повеќе од БДП, туку само 6, при што само една (Грција) е од регионот за разлика од тврдењето на министерот.

Овие податоци се слични на оние од Еуростат. Комплетната табела со податоците на Еуростат може да се најде овде, но ние ќе употребиме веб апликација на Гугл за прикажување на долгот на земјите на ЕУ, со цел прикажувањето на податоците да биде поефективно и полесно за разбирање. Станува збор за графикон, кој е изработен според истите податоци на Еуростат. Графиконот, најпрвин, покажува дека просечниот државен долг на земјите членки изнесува 87,4 отсто, и исто така, како и податоците на ММФ, покажува дека само 6 земји (сите членки на ЕУ, затоа и ги има сите на овој графикон) имаат долг повисок од 100 отсто, од кои од регионот е само Грција:

Со оглед на тоа што овде станува збор за „жив“ графикон, можете да кликнете на копчето „Explore Data“, по што ќе ви се појават сите земји членки на Унијата и земјите кандидати (за жал, Македонија е на листата, но за неа нема податоци) и ќе можете да експериментирате и со податоците. Сите земји, пак, кои имаат долг помал од Македонија овде ги нема зашто дел од нив не се членки на унијата, а Еуростат работи само со податоци за земјите членки и земјите кандидати.

И на крај, да видиме како изгледа нивото на јавниот долг според CIA World Factbook. Комплетните податоци можете да ги најдете овде, но за потребите на оваа анализа ќе ја употребиме картата на Европа од блогот на Јакуб Мариан (http://jakubmarian.com/), направена според истите податоци, каде што нивото на државниот долг на европските земји е објавен најпрегледно:

(Напомена: кликнете на картата со десен клик за да отворите во посебен прозорец во полна големина)
(Напомена: кликнете на картата со десен клик за да отворите во посебен прозорец во полна големина)

Како што може да се види, и овде само 6 земји во Европа имаат јавен долг поголем од 100 отсто, а кога стнаува збор за земјите кои имаат понизок јавен долг од Македонија, нивниот број е поголем за една, значи од 7 на 8 земји, зашто ЦИА ја има објавено и бројката за Косово, каде што државниот долг изнесува само 9 отсто од БДП.

 

Извори:

  • International Monetary Fund, World Economic and Financial Surveys, World Economic Outlook Database, By Countries (country-level data), October 2014 Edition [Пристапено на: 12.03.2015] http://www.imf.org/external/pubs/ft/weo/2014/02/weodata/index.aspx
  • Eurostat, General government gross debt – annual data, [Пристапено на: 12.03.2015] http://ec.europa.eu/eurostat/tgm/table.do?tab=table&init=1&language=en&pcode=teina225&plugin=1
  • Central Intelligence Agency, The World Factbook, Public debt compares the cumulative total of all government borrowings less repayments that are denominated in a country’s home currency. Public debt should not be confused with external debt. [Пристапено на: 12.03.2015] https://www.cia.gov/library/publications/the-world-factbook/rankorder/2186rank.html
  • Map of public debt in Europe, by Jakub Marian [Пристапено на: 12.03.2015], http://jakubmarian.com/map-of-public-debt-in-europe/
  • Google Public Debt Explorer, Government debt as percent of GDP  [Пристапено на: 12.03.2015], http://www.google.com/publicdata/explore?ds=ds22a34krhq5p_&ctype=l&strail=false&bcs=d&nselm=h&met_y=gd_pc_gdp&scale_y=lin&ind_y=false&rdim=country_group&idim=country_group:eu&idim=country:be:cy:ie:pt:el:it&ifdim=country_group&ind=false
  • Рецензија: Македонија четврта најмалку задолжена земја во Европа,  [Пристапено на: 12.03.2015], http://proverkanafakti.mk/recenzija-makedonija-chetvrta-najmalku-zadolzhena-zemja-vo-evropa/
  • Еврообврзницата, одлично средство за медиумски манипулации и пропаганда, [Пристапено на: 12.03.2015], http://proverkanafakti.mk/evroobvrznicata-odlichno-sredstvo-za-mediumski-manupulacii-i-propaganda/

 

Оценил: Владимир Петрески