Стево Пендаровски: Преку два претседателски кабинета до бирото на шефот на државата со свое име

Фото: sdsm.org.mk

 

Познато е дека Пендаровски работеше како советник  кај двајца поранешни претседатели – Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, како и дека веќе еднаш беше во трка за функцијата шеф на државата

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Со одлука на клучните владини фактори – лидерите на СДСМ и ДУИ, на која се придружи еден голем спектар на други, помали партии, дресот во претседателската трка годинава ќе го носи и Стево Пендаровски. Тој победи во селекцијата која е правена меѓу десеттина имиња во редот на социјалдемократите и меѓу нешто нешто помалку кои беа запишани како можни кандидати за таа функција во штабот во Мала Речица.

Во моментот Пендаровски ја обавува функцијата национален координатор Македонија во НАТО. На последните парламентарни избори (декември 2016) беше носител на листа во првата изборна единица (како непартиец), и  донесе девет парламентарци за социјалдемократите.  Од пратеничкиот мандат се откажа  по една година – декември 2017 г., кога  беше назначен за национален координатор во НАТО.

Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал на Правниот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1987 година. Магистрирал на истиот Универзитет, на Институтот за политички, правни и социолошки истражувања на тема: „Новата геополитика на Република Македонија: Контрадикциите на комунистичките и транзициски матрици”. На истиот Институт докторирал на тема „Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и малите држави: Рамката на националниот дискурс”.

По завршувањето на високотo образование, станува раководител на Одделот аналитика во Министерството за внатрешни работи (МВР), а покрај тоа, три години паралелно е и портпарол, заменик-министер за односи со јавност. Интересен е податокот дека работел за двајца поранешни претседатели на Македонија. Од 2001 е назначен за шеф за национална безбедност и главен советник за надворешна политика во кабинетите на Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Во 2004 и 2005 година е шеф на Државната изборната комисија (ДИК).

Од 2008 година досега бил професор од областите на меѓународната безбедност, глобализацијата, светската политика и САД, меѓународните организации и институции, надворешната политика и тероризмот на Факултетот за политички науки на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје.

На изборите за претседател на Републиката Пендаровски учествуваше и во 2014 година заедно со актуелниот претседател (кој конкурираше за втор мандат) Ѓорѓи Иванов, а во првиот круг учествуваа Идриз Халими и Зоран Поповски од ГРОМ. ДУИ одлучи да ги бојкотира претседателските избори, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не го прифати нивниот предлог за избор на „консензуален кандидат“. Покрај овие кандидати, 10.000 потписи собираа и Стојанче Ангелов од Достоинство, како и професорката Билјана Ванковска. И двајцата не успеаја да ги соберат потребните потписи за поднесување своја кандидатура на изборите. Водство во првиот круг оствари Иванов со освоени 448.303 гласови, односно 51,65 отсто, додека второпласиран беше Пендаровски со 326.069 гласови или 37,57 отсто од избирачите кои гласале. Во вториот круг Иванов освои 534.910 гласови (55,28 отсто), додека Пендаровски  398.007 гласови (41,14 отсто). Бидејќи во вториот круг се одржаа и вонредни парламентарни избори се обезбеди доволна излезност, а според неподелени мислења помогнаа доста и гласовите од редовите на избирачите Албанци, пред сè од ДПА.

Теоретски, без гласот на Албанците не е можно да имате легален претседател заради спуштениот праг за изборна излезност, но, и во таква ситуација тоа сигурно нема да го засили неговиот легитимитет. За жал, во јавноста, зад синтагмата консензуален претседател, наместо дебата за индивидуалните вредности и политичките платформи на кандидатите започна да се подразбира меѓупартиски договор за клиентелистичките приоритети на политичката елита и нивните бизнис поддржувачи – истакна уште тогаш Пендаровски, кој во овој миг би требало да ги има во првиот круг гласачите на ДУИ, а во вториот можеби и гласовите на другите граѓани – Албанци

Оттаму, тој може да се наметне како фаворит за овие избори, иако не е јасно дали ќе се собере доволна излезност во вториот круг, која се проценува на околу 730 илјади гласачи.

Уште сега е познато за што Пендаровски ќе биде напаѓан од политичкиот конкурент на изборите. Пред пет години му се замеруваше дека не бил во авионот во кој загина експретадателот Трајковски (морбидно, нели), со поттекст дека се работи за некаков наводен заговор бидејќи тој како советник не бил со него. Тој ги отфрли како неточни сите шпекулации околу тоа зошто не полетал со претседателот Трајковски за Мостар:

Ден пред несреќата јас заминав за Даблин како дел од македонската државна делегација која требаше да ја предаде апликацијата за членство во ЕУ. На тој пат бев испратен од претседателот Трајковски како негов личен претставник и за тоа постои уредна писмена документација во кабинетот на претседателот. Интересно е што постојат најмалку тројца блиски советници на претседателот кои не се качија со него во авионот за Мостар, иако тој ден беа во Скопје, меѓутоа, нив никој не ги прозива од едноставна причина што беа и се високо позиционирани членови во владејачката партија  (Пендаровски)

 

Иако припаѓа на старо и угледно галичко семејство (зборот „пендар“ означува дукат кој се става на градите на младоженецот), Пендаровски е скромен политичар – живее во зграда во населбата Автокоманда. Сопругата му е стоматолог и имаат син тинејџер. Можат да се видат речиси секоја сабота како појадуваат во еден ист ресторан меѓу „обичен свет“.

ТВ „Телма“ го истражувала имотот на  кандидатот и констатирала дека има два имотни листови – од пред неколку години, како пратеник и сега, како национален координатор, а и двата се слични. Пендаровски како свој имот има југо темпо 1.1 старо дваесет години, проценето на илјада евра. Недвижнини нема. Како негов личен имот тој уште пријавил и заштеда од 12 илјади евра, кои, како што пишува, се стекнати со наследство. Сопругата пак на Пендаровски вози Рено меган од 2005 та, а има заштеда од 3 илјади евра. Друго, семејството Пендаровски не пријавило.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција