Студентскиот дом во Штип не е изграден

Фото: mk.wikipedia.org

 

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на студентски кампус во Штип.

[Предизборна програма на СДСМ – „План за живот во Македонија“ стр.6 и стр.205]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на студентски кампус во Штип е предизборно ветување на СДСМ од парламентарните избори во декември 2016 година. Ветувањето е дел од нивната програма насловена како „План за живот во Македонија“ (стр.6 и стр.205) и истото е неисполнето.

Во предизборието 2016 година социјалдемократите ветуваа дека овој проект ќе биде завршен до крајот на 2017 година. Петар Атанасов, претседател на Комисијата за образование на СДСМ, на прес-конференција одржана на 10.09.2016 година, посочи дека „новата Влада на СДСМ ќе ги има студентите на врвот на листата на приоритети“.

Додека Спиро Ристовски и Никола Груевски сè уште размислуваат за потребата од студентски дом, ние гарантираме дека после промената на власта во декември, новата Влада ќе изгради нов модерен студентски дом во Штип со капацитет од 300 легла до крајот на 2017 година – изјави тогаш Атанасов.

На 02.03.2018 година, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека „пред избори, градоначалникот и челниците од СДС ветуваа изградба на нов студентски дом во Штип, но обезбедија само лицемерие“.

СДС ветуваше изградба на студентски дом во Штип до крајот на 2017 година. Годината помина, а во моментов нема предвидено локациски услови, ни основна документација за подготовка на тендер. Таква инвестиција нема предвидено ниту во Буџетот на Владата на Република Македонија, ниту во Буџетот на Општина Штип. Градоначалникот Бочварски ветуваше дека ќе побара пари од државата за изградба на студентски дом, но и ова беше уште една предизборна лага на владејачката партија – изјави Филип Мајсторски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Вистиномер“ испрати прашање до Министерството за образование, до каде е реализацијата на овој проект на Владата и дали е почната изградбата на студентскиот кампус во Штип, но одговор не добивме.

Имајќи предвид дека ветувањето на СДСМ беше дека студентскиот дом во Штип ќе се изгради до крајот на 2017 година, но според расположивите информации тоа досега (09.11.2018) не се случи, ова ветување на социјалдемократите  го сметаме за неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција