Субвенциите за литар овчо и козјо млеко се четири денари

Фото: pxhere.com

 

Зголемена финансиска поддршка по литар за овчо и козјо млеко во преработувачката индустрија. Наместо сегашните 3 денари, во иднина ќе се исплаќаат 4 денари по литар млеко.

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр. 223 , датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.), дека финансиската поддршка за овчо и козјо млеко во преработувачката индустрија ќе биде зголемена на 4 денари по литар, е исполнето.

Ова  ветување на социјалдемократите  е посочено  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , во  „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“ (стр.223). 

На петти април оваа година (2018)  Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој  ( АФПЗРР) ги извести млекопроизводителите дека започна рокот за поднесување на барања за директни плаќања за произведено и предадено овчо, козјо и кравјо млеко во период од октомври до декември 2017 година и ќе трае до 16 мај (2018).

Висината на поддршката изнесува 4 денари по литар за овчо и козјо млеко и 3,5 денари по литар за кравјо млеко. Барањата се поднесуваат по електронски пат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде што е регистрирано земјоделското стопанство.

Соопштението беше објавено на веб-страницата на АФПЗРР и во медиумите.

На почетокот на мај од АФПЗРР информиираа дека рокот за аплицирање за субвенции за литар продадено млеко во октомври, ноември и декември 2017 година, наместо до 16-ти мај, ќе се продолжи до 23-ти мај. И ова известување беше објавено на веб-страницата на АФПЗРР и во медиумите

На  01.06.2018 година  министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на настан организиран по повод  Светскиот ден на млекото, меѓу другото, рече:

За производство на квалитетно млеко, МЗШВ презема конкретни мерки . Преку  Програмата за финансиска поддршка годинава годинава  субвенциите се 3,5 денари по литар за предадено сурово кравјо млеко и четири денари по литар за предадено овчо и козјо сурово млеко во преработувачки капацитети . (Љупчо Николовски).

На први јуни (2018) од Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кочани ги информираа млекопроизводителите дека  започна рокот за пријавување за субвенции за предадено кравјо, овчо и козјо млеко во преработувачките капацитети за првите четири месеци од оваа година (2018).

Можат да поднесат сите оние кои имаат предадено млеко за првите четири месеци од 2018 година. Барателите е потребно со себе да ги донесат откупните белешки од преработувачките капацитети каде што го имаат предадено млекото. Да напоменеме дека субвенцијата по основ на предадено кравјо млеко е 3,5 денари и 4 денари за предадено овчо и козјо млеко  –  Горанчо Миладиновски, раководител на ПЕ на МЗШВ Кочани.

Имајќи ги предвид презентираните информации објавени  во медиумите, како и на официјалната веб-страница на АФПЗРР,  ова изборно ветување на СДСМ го сметаме за исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Оливера Војновска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.