Судот го штити идентитетот, а не исказот на заштитениот сведок

Фото: pexels.com

Одлуката на скопскиот кривичен суд да ја исклучи јавноста од судењето за „27 април“ поради сослушување на заштитен сведок, уште еднаш ја отвори правната дилема: што штити судот – идентитетот или исказот на сведокот. Неспорно дека е идентитетот, а сведокот како и сите други се испитува по редовните процесни правила на ЗКП.

 

Одлуката на скопскиот Кривичен суд да ја исклучи јавноста од судењето за „27 април“ поради сослушување на заштитен сведок, уште еднаш ја отвори правната дилема: што штити судот – идентитетот или исказот на сведокот. Неспорно дека е идентитетот, а сведокот како и сите други се испитува по редовните процесни правила на ЗКП.

 

Пишува: Саше Димовски

 

Иако воведен во 2006 година како Закон и со завидна бројка од околу 200 случаи досега на загрозени сведоци, Законот за заштита на сведоци во пракса сè уште прави „проблеми“. Најголемиот е, се чини јавноста во постапките кога се сослушува заштитен/загрозен сведок, според термините утврдени во споменатиот Закон од пред 12 години, кој досега претрпел и неколку измени.

Одлуката на Советот со кој претседава судијката Добрила Кацарска во случајот „27 април“, да ја исклучи јавноста при сослушување на заштитениот сведок „С1“ е процесна повреда на одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП), кои судиите во својата работа тешко и неволно ја отстрануваат и покрај јасната законска регулатива.

Во случај кога се испитува заштитен/загрозен сведок, само неговиот идентитет останува таен, но не и исказот, кој е јавен како и исказите на сите други сведоци, а испитувањето се врши според одредбите на ЗКП, кои предвидуваат директно и вкрстено испрашување.

Не се дозволени прашања кои се однесуваат на сексуална, расна, верска или друга припадност или прашања од личниот живот што можат да доведат до откривање на неговиот идентитет. Но, адвокатите и обвинетите, во случај каде што се сослушува ваков сведок имаат целосно право да поставуваат прашања што може да го дискредитираат сведокот или неговиот исказ и на тој начин да бараат да не се прифати неговиот исказ како доказ, како што само врз ваков исказ и не може да се заснова осудителна пресуда.

Член 228 од Законот за кривична постапка од 2010 година, ја утврдува следнава заштита на загрозениот сведок на главна расправа, откако тој статус го добил од обвинителот во претходна постапка:

(1) Писмено образложениот предлог за посебниот начин на испитување на загрозениот сведок, јавниот обвинител во запечатен коверт му го поднесува на судијата, односно Советот за оцена на обвинителниот акт при поднесување на обвинителниот акт.

(2) Судот одлучува за предлогот на јавниот обвинител со решение кое е должен да го донесе најдоцна во рок од 48 часа од приемот на предлогот.

(3) Ако судот го прифати предлогот на јавниот обвинител, ќе го определи со решение псевдонимот на загрозениот сведок, Ако дотогаш не бил определен , како и посебниот начин на Учество во постапката и на испитувањето. Против решението На судот не е дозволена жалба.

(4) Посебниот начин на испитување може да се состои од прикривање на идентитетот , а во определени случаи и изгледот на загрозениот сведок.

Токму начинот како се испитува под псевдоним и со помош на аудио визуелни средства, каде што на монитор му е заматен ликот и мутиран гласот, е предвиден во членовите 229 и 230 од ЗКП.  Во нив е наведено дека записникот го потпишува под псевдоним, се наоѓа во друга просторија, неговиот идентитет го знаат само јавниот обвинител и судијата претседател на Советот што суди, кој го утврдува пред сведочењето (не и вториот судија и поротниците).

Член 229 од ЗКП :

 Испитување под псевдоним

(1) Ако посебниот начин на испитување на сведокот се однесува само на прикривање на личните податоци, испитувањето ќе се спроведе под псевдоним без наведување на другите податоци од членот 219 став (3) на овој закон . Во другиот дел испитувањето ќе се спроведе според општите одредби за испитување сведок.

(2) По завршеното испитување загрозениот сведок го потпишува записникот со псевдонимот .

(3) Лицата кои во кое било својство ќе ги дознаат податоците за загрозениот Сведок се должни да ги чуваат како класифицирана информација.

Оттука, Законот за кривична постапка во кој е уредено правото на јавност и исклучување на јавноста прецизно уредува дека постапките се јавни, а исклучокот во членот 354 од ЗКП предвидел дека јавноста може да биде исклучена доколку има потреба за чување на државна, воена, службена или важна деловна тајна, чување на јавниот ред, заштита на приватниот живот на обвинетиот, сведокот или оштетениот, заштита на безбедноста на сведокот или жртвата и /или заштита на интересите на малолетно лице.

Но, бидејќи во конкретниов случај не бил исполнет ниту еден законска услов, а Судот не ги образложил причините за исклучување на јавноста, што автоматски значи забрана за користење на исказот даден во постапката од страна на заштитениот сведок, реагира и Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој исто така смета дека е повредена постапката.

Судечкиот совет при објавата на решението за исклучување на јавноста, не ги утврди и образложи точните причини за исклучување на јавноста наведени во членот 354 од ЗКП. Распитот на заштитен сведок, сам по себе, не може да биде причина за исклучување на јавноста, токму од причина што безбедноста на сведокот е загрозена истиот е ставен под заштита и се испрашува во постапката според одредбите за распит на заштитен сведок. Со самото тоа што идентитетот на сведокот е заштитен и истиот не се распрашува со директно присуство во судската сала туку преку технички уреди за пренос на слика и тон и замаглување на неговиот лик и глас се заштитува и гарантира безбедноста на заштитениот сведок. Од тие причини и законодавецот не одредил исклучувањето на јавноста да биде правило секогаш кога ќе се испитува заштитен сведок- реакција на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Покрај процесната заштита што ја добива заштитениот/загрозен сведок во ЗКП и Законот за заштита на сведоци, за неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица се предвидени и високи казни, што е дополнителна заштита од откривање на идентитетот на ваков вид на сведок, доколку би се сослушувал пред присутна јавност.

Тој што спротивно на Закон ќе ги оддаде: вистинскиот идентитет, домот, престојувалиштето на лицата од членот 2 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 на овој Закон, како и други информации што можат   да доведат до нивна идентификација која би им го загрозила животот,  здравјето, слободата, физичкиот интегритет или имотот од поголем обем на лицата од членот 2 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 на овој Закон ќе се казни  со затвор од најмалку четири години.

Доколку делото од ставот 1 доведе до нанесување на тешки телесни повреди на лицата од членот 2 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 на овој Закон сторителот ќе се казни со затвор од најмалку осум години.

Доколку делото од ставот 1 доведе до смрт или самоубиство на лицата од членот 2 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 на овој Закон сторителот ќе се казни со затвор од најмалку 15 години или со доживотен затвор – предвидел Законот во член 42.

Во досегашната 12 годишна пракса од околу 200 загрозени/заштитени сведоци кои поминувале во судските процеси, голем дел биле оспорувани и бил доведуван во прашање нивниот кредибилитет.

Скоро во сите случаи во кои се користени загрозени сведоци,  се работи за:  криминогени, несоцијализирани или проблематични личности, кои, заради проблемите во кои се нашле, станале  плен на уцена на органите на МВР, да го прифатат тоа својство, да го презентираат веќе подготвениот исказ од нивна страна, за возврат на нивно ослободување за исти или други нивни инкриминирани дејствија, и дека, за жал, пресудите претежно и исклучиво, се засноваат врз исказите на овие сведоци – се констатира во анализата „Заштитениот сведок како инструмент во македонскиот правен систем“.

Праксата досега познава два случаи во кои заштитените сведоци го откриле својот идентитет и признале дека биле лажни, инструирани сведоци од страна на полицијата. Тоа се случаите „Ореше“ и „Монструм“. Ретки се случаите во кои пак, судиите  дозволиле сведочење пред јавност.

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.