Судот и доказите решаваат за правдата и неправдата, а не Мицкоски

Х.Мицкоски. Фото: ВМРО-ДПМНЕ, веб страна

Вистина е дека во период на политичка кампања се употребуваат сите вербални оружја од страна на политичките елити, и она што е вистина и она што е полувистина и она што е манипулација или невистина. Целта е да се совои поен повеќе, гласач повеќе. Па, така и Мицкоски се послужи со пресудите за настаните од 27 април 2017 година за да исползува политички поени со тврдење што е манипулативно искажано и што го оценуваме за невистина

 

Опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, во видео обраќањето до јавноста ја искажа и следната невистина:

-Неправда е и додека други родители на патриоти тажат за 211-те години затвор за случајот со 27-ми април

-Неправда е кога синот на Ченто, исто како трите чеда на Ангелов и другите притворени ќе треба 15 години да растат без своите родители, додека оваа власт претходно направи широка амнестија на над 1000 осудени криминалци

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Видео обраќање на Х.М. – датум: 19.03.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Вистина е дека во период на политичка кампања се употребуваат сите вербални оружја од страна на политичките елити, и она што е вистина и она што е полувистина и она што е манипулација или невистина. Целта е да се совои поен повеќе, гласач повеќе. Па, така и Мицкоски се послужи со пресудите за настаните од 27 април 2017 година за да исползува политички поени со тврдење што е манипулативно искажано и што го оценуваме за невистина.

Манипулативноста се гледа и генерално и сегментирано во речениците што ги искажува Мицкоски, а кои ги издвоивме погоре.

Генерално, за да донесе некој оценка дали некоја пресуда е праведна или неправедна, треба да ги знае сите детали од настанот, но уште поважно сите детали од судскиот процес преку кој се одвива докажувањето дали некое дело е сторено или не, според важечките прописи во земјата, во случајов според Кривичниот законик. Тоа, исто така, важи и за оценката дали некоја казна е превисока или не, за што, впрочем, конкретно образлагаше пред јавноста токму вчера судијката што донесе пресуда и ги изрече казните, Добрила Кацарска.

Генералната оценка што ја изрекува Мицкоски се однесува, всушност, на еден партиски и негов личен став во континуитет: нема осуда за настаните од 27 април, освен генерално изјаснување против насилства и безредија, луѓето што упаднале таму биле чесни и загрижени граѓани и патриоти, оние што беа обвинети, а сега и осудени не се терористи, што нема врска според конкретното дело за што се судени, бидејќи не им се судеше за тероризам и, конечно, целиот процес е политички монтиран и мотивиран.

Од оваа генерализација, манипулативноста се изведува и во структурата на речениците, со обид кај читателот/гледачот да се предизвика емотивна рекација.

Неправда е и додека други родители на патриоти тажат за 211-те години затвор

Секој родител тажи ако неговото дете се најде во затвор поради некакви околности и тоа е природен процес. Но, дали е тоа неправда ако осудениот, па во случајот уште и неправосилно, е осуден врз база на докази изведени во долга и транспарентна постапка?

Неправда е кога синот на Ченто, исто како трите чеда на Ангелов и другите притворени ќе треба 15 години да растат без своите родители

Се разбира дека е траума за секое дете да доживее родителот да му биде однесен во затвор и да бидат одвени макар и пократко, а не со години, но да се употребува само тој аргумент дека нешто е неправда, е целосна невистина и манипулација. Ниту еден кривичен законик никаде на светот не ги ослободува лицата од кривичен прогон ако се родители, иако секој суд во демократските земји, во принцип, зема олеснителни околности поврзани со семејните прилики.

Манипулација и невистина се гледа и во остатокот од реченицата:

…додека оваа власт претходно направи широка амнестија на над 1000 осудени криминалци.

Амнестијата направена во јануари 2018 година, со која беа опфатени над 800 лица, беше донесена, пред се, поради многу лошата сстојба во затворите. Со нејзе осудените на рок до 6 месеци затворска казна излегоа веднаш, а на другите им беше намалена казната за 30 отсто, но со исклучоци  за осудени за убиства, за полови напади и слично. И сосема е јасно дека Мицкоски невнимателно ги меша фактите и прави разлики меѓу луѓето. Во принцип, тоа значи дека секој кој бил осуден за случувањата на 27 април не е криминалец, а секој кој бил осуден, макар и за тепачка во кафеана или за сообраќајна несреќа со некакви последици, да речеме скршеница, што спаѓа во тешка телесна повреда, е криминалец.

Поради погоре наведените аргументи делот од изјавата на Мицкоски што се однесува на пресудите за настаните од 27 април, го оценуваме како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.