Судскиот буџетски совет не смее колективно да ги намали платите

Каде правдата во платите на судските службеници што штрајкуваат. Фото: pixabay

Според генералниот секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) Трпе Дејаноски, ова е уште еден обид да се скрши штрајкот на судската администрација и обид да се тргне вниманието од проблемите на судските службеници

 

 

Според генералниот секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) Трпе Дејаноски, ова е уште еден обид да се скрши штрајкот на судската администрација и обид да се тргне вниманието од проблемите на судските службеници

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Судскиот буџетски совет (СБС) до вработените во судовите доставил известување во кое стои дека колективно ќе им се намалат платите за 40 отсто за оние месеци во кои судската администрација штрајкувала. Оваа одлука на СБС доаѓа неколку дена по првото решение во кое се бараше од претседателите на судовите да изготват решенија со намалени плати за 60 проценти за вработените кои два месеци штрајкуваат барајќи поголеми плати.

Судската администрација штрајкува од 18 мај годинава. Тие бараат зголемување на додатоците на плата за 35 отсто и враќање на старото работно време од 7.30 до 15.30 часот.

СБС, пак, е тело на Судскиот совет на Република Македонија (ССРМ) кој е самостоен и независен орган на судството.

Судскиот буџетски совет меѓу другото ги има следниве надлежности:

  • ги утврдува критериумите и методологијата за изготвување на судскиот буџет;,
  • врши распределба на средствата од судскиот буџет на судовите и презема мерки за навремено извршување на судскиот буџет;
  • одобрува средства за нови вработувања во судовите во рамките на утврдениот судски буџет за маса на исплата на плати;

Сепак, според генералниот секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) Трпе Дејаноски, ова е уште еден обид да се скрши штрајкот на судската администрација и обид да се тргне вниманието од проблемите на судските службеници.

Со првото решение СБС сакаше да ги намали платите на оние вработени кои штрајкуваат за 60 проценти. Потоа го повлече тоа решение, за да издаде известување дека колективно ќе им се намалат платите на сите вработени во судовите. Во известувањето се инсистира претседателите на судовите да ги изготват новите решенија со намалени плати до 08.07.2016 година. Тоа е невозможно и уште повеќе ќе ја одолжи исплатата на платите. Тие воопшто не се водат од Законот за судска служба и од Уставот – вели Дејановски за „Вистиномер“.

Според член 77 од Законот за судска служба:

За време на штрајк судскиот службеник има право на плата во висина од 60% од платата што ја примил претходниот месец.

Во член 114 се вели:

Судскиот службеник на кој со решение му е повредено право од работен однос има право на жалба до Советот во рок од осум дена од приемот на решението, освен кога со овој закон поинаку не е утврдено.

(2) Советот е должен да одлучи по жалбата во рок од 15 дена од приемот на жалбата, освен кога со овој закон поинаку не е утврдено.

Во член 115 е предвидено:

Судскиот службеник кој не е задоволен од конечната одлука на Советот или ако Советот не одлучил во рок од 15 дена од приемот на жалбата, има право во рок од 15 дена од приемот на решението да бара заштита на своите права пред надлежен суд.

(2) Судскиот службеник не може да бара заштита на правото пред надлежен суд ако претходно не барал заштита на правото пред Советот, освен за правото на парично побарување.

И Дејановски вели дека противзаконски е да се казнуваат со намалување на платите сите вработени (колективно), затоа што Законот за судски службеници (член 77) предвидува само поединечни решенија за време на штрајк. Притоа како што тврди и Дејановски тоа не може да се регулира со известување, туку мора да биде решение за да може потоа да се обжали.

Инаку, според Уставот на Република Македонија (член 15) се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Член 21 од Уставот, пак, предвидува:

Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

Поради тоа што вработените во судската администрација се граѓани на Република Македонија тие ги имаат сите права според Уставот, затоа што е предвидено дека (член 9) граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

 Дејаноски најави дека штрајкот ќе продолжи и во наредниот период со евентуална пауза за време на колективниот одмор што го користат вработените во правосудството.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција