Тајни инвеститори повеќе не можат да се кријат за офшор компании

Нема повеќе тајни сопственици во фирми од офшор локации. Фото: Белизе сити, Википедија

Преку новиот Закон за спречување на перење пари, како и со измените на Законот за трговски друштва, кои налагаат сопственик на компанија да биде исклучиво физичко лице, како и секој претприeмач да настапува јавно во правниот промет, без можност да користи јавен содружник како параван, се оневозможува луѓето да водат бизнис, а патем да се кријат зад офшор компании или зад други физички лица

 

На предлог на владата, собранието донесе целосно нов закон и измени постоечки закон со што се реализираше едно исклучително важно ветување од владината програма, кое гласи:

Владата ќе предложи законски измени за сите оф-шор компании што инвестираат во Македонија да бидат обврзани да ги соопштат вистинските сопственици и да го достават целокупниот историјат на овие фирми.

[Извор: Програма за работа на на владата на Република Македонија 2017-2020, стр.21]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Кога во 2015 година ја обелодени аферата за плацевите на скопско Водно, тогаш опозицискиот СДСМ обвини дека поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е краен сопственик на овој имот во вредност од 5 милиони евра, бидејќи негови блиски луѓе се дел од менаџментот на компаниите што се јавуваат како формални сопственици. Поради тоа што две од трите компании беa регистрирани на офшор дестинациите Белизе и Лугано, кои го штитат и идентитетот на сопствениците, тогашниот СДСМ-овски гласноговорник, Петре Шилегов, најави дека по преземањето на власта ќе направат законски измени со цел сите офшор компании да бидат обврзани да ги соопштат вистинските сопственици и да го достават целокупниот историјат.

Инаку, ова ветување беше инкорпорирано и во предизборбата програма на СДСМ наречена „План за живот“ со цел транспарентност во трошењето и зајакнување на начелото за правда, сигурност и контрола на власта. Исто така, ваквата заложба беше зацементирана со тоа што беше вметната и во програмата за работа на новата влада во периодот од 2017 до 2020 година, што ја формираа СДСМ и ДУИ заедно со другите партнери по парламентарните избори на крајот на 2016 година и крвавите инцинденти во парламентот на 27 април следната 2017 година.

Една година откако парламентот ја изгласа владата на чело со премиерот Зоран Заев на крајот на мај минатата година, владата на 72-та седница, оддржана на 12 јуни годинава, утврди текст за сосема нов Закон за спречување на перење пари и финансирање тероризам, како и измени на Законот за трговски друштва. Впрочем, овие законски решенија, кои беа усвоени по скратена постапка на 50-тата собраниска седница оддржана на 26 јуни, меѓу другото, забрануваат на македонскиот пазар да настапуваат офшор компании со тајни и непознати сопственици, односно тие може да дејствуваат, ама претходно мора да ги откријат своите вистински сопственици.

Имено, новиот Закон за спречување на перење пари предвидува обврска за Централниот регистар да ги впишува вистинските сопственици на компаниите, што значи дека сопственик на компанија нема да може да биде друга компанија, туку тоа мора да биде лице со име и презиме. Воедно, со новиот закон се намалува и износот на забраната за вршење на готовински плаќања од 15.000 евра на 2.000 евра, се проширува опсегот на носителите на јавни функции спрема кои субјектите преземаат засилени мерки за анализа итн.

Преку измените на Законот за трговски друштва, пак, од законот практично се бришат одредбите за тајни друштва за да се зголеми транспарентноста во правниот промет и да се намалат можностите за даночно затајување. Пред овие измени, Законот опфаќаше таканаречено тајно друштво, кое настанува по пат на договор кога едно лице (таен содружник) вложува во претпријатието на друго лице (јавен содружник), при што јавниот содружник настапува во правниот промет и е носител на сите права и обврски, додека тајниот содружник има право врз евентуалната добивка.

На овој начин, преку новиот Закон за спречување на перење пари, како и со измените на Законот за трговски друштва, кои налагаат сопственик на компанија да биде исклучиво физичко лице, како и секој претприeмач да настапува јавно во правниот промет, без можност да користи јавен содружник како параван, се оневозможува луѓето да водат бизнис, а патем да се кријат зад офшор компании или зад други физички лица. И покрај доцнењето со оглед дека овие законски интервенции се случија по повеќе од една година по формирањето на новата владата, сепак, ова ветување дадено пред изборите од страна на СДСМ, а ставено на хартија при форирањето на владата, го оценуваме за исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко Стојановски