Театарот во Велес наместо 10,5 чинеше 12 милиони евра

Велешкиот театар се градеше повеќе од шест години Фото: Принтскрин Влада на РМ

ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА ТЕАТАР ВО ВЕЛЕС

 Изградбата на театарот во Велес е во завршна фаза и ќе биде промовиран во првата половина на оваа година. Со изградбата на новиот театар, Велес – градот на првото училиште на македонски јазик, првата гимназија, првиот музеј, првиот театар, првото музичко училиште во Македонија – ќе добие современа театарска зграда опремена според сите светски стандарди во која ќе се презентираат продукциите на овој, но и на другите театри од Репу- блика Македонија и од странство. (Буџет: 269.000.000 денари за дозавршување, вкупно 650 милиони денари РОК: ПРВА ПОЛОВИНА ОД 2014 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Новиот театар во Велес „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ е изграден и пуштен во употреба во јуни 2014 година.  Ова е исполнето ветување на ВМРО-ДПМНЕ дадено во изборната програма  „Проверено“ (2014-2018) во делот „Поквалитетен живот за сите (Култура и уметност  стр.321). Неговата изградба (според тогашниот премиер Никола Груевски) чинеше околу 12 милиони евра, што е за 1,5 милиони евра повеќе од вкупната сума наведена во програмата „Проверено“ – 650 милиони денари (10,5 милиони евра).

На 26 јуни 2014 година Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, официјално го отворија новиот објект на велешкиот театар.  Груевски во оваа пригодга рече дека  по неколку години градба и исклучително комплицирани околности на светска и економска криза,  сепак успеавме да ја завршиме изградбата на театарот.

Во овој објект се инвестираа околу 12 милиони евра и тој е еден од најсовремените во Македонија. Театарот ќе биде место каде од есен велешани и сите љубители на театарот од земјава ќе можат да уживаат во театарските претстави и во оваа прекрасна театарска зграда, (Груевски)

Новиот театар во Велес се  споменува во реализираните проекти во  Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија” (стр.357), каде што,  меѓу другото,  е напишано:

Објектот е изграден на 4.200 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет од 370 посетители и мала сцена со можност да прими до 110 посетители. Објектот располага со опрема и уреди, аудио и видео системи од врвни светски производители со можност за презентација на театарски дела со ефект и квалитет како во најсовремените театри во Европа и во светот, со што е овозможено во Велес да гостуваат сценски дела од која било светска продукција.

Изградбата на зградата на Велешкиот театар се одвиваше повеќе од шест  години – камен темелникот за овој објект беше поставен во мај 2008 година.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска