Термини и простор за судење во Скопска единица ни за лек

Кривичен суд, Скопје - нова зграда, стара зграда. А што е со кадрите? Фото: скриншот колаж

Судството не може да се справи со напливот од предмети предизвикан од обвинителните акти на Специјалното јавно обвинителство, судските процеси кои произлегоа од насилството во Македонскиот Парламент на 27 април 2017, но и од редица други предмети со поголем број обвинети. Како едно од решенијата се смета преселбата на Кривичниот суд во новата зграда, но тоа нема да го реши кадровскиот проблем. Реформата во судството треба да се позанимава и со капацитетите на судовите за справување со големиот број различни видови судења

Судството не може да се справи со напливот од предмети предизвикан од обвинителните акти на Специјалното јавно обвинителство, судските процеси кои произлегоа од насилството во Македонскиот Парламент на 27 април 2017, но и од редица други предмети со поголем број обвинети. Како едно од решенијата се смета преселбата на Кривичниот суд во новата зграда, но тоа нема да го реши кадровскиот проблем. Реформата во судството треба да се позанимава и со капацитетите на судовите за справување со големиот број различни видови судења

 

Пишува: Саше Димовски

 

Васко (не е вистинско име) бил уапсен заедно со група од неколку лица, кои се обиделе да прошверцуваат одредена количина марихуана од Македонија во Грција. Васко тврди дека нема никаква врска со транспортот на дрогата, а единственото нешто што го поврзало со групата е тоа што еден од обвинетите побарал да им изнајми приколка за камион. Васко тврди дека станува збор за деловен однос, а тој ниту има врска, ниту знаел тие што ја изнајмиле приколката што ќе пренесуваат.

Другите уапсени ја признале вината и биле осудени во брза постапка, поради признанието на вина, а на Васко, кој решил да докажува дека нема вина му се суди во раздвоена постапка. Тој веќе 10 месеци е во притвор, последниве месеци во куќен притвор.

На судењето во скопска единица беше донесен од полицајци на СВР Велес, но во судница немаше обвинител. Судиите (суди петчлен судски совет) по 15 минути чекање, решија да го бараат обвинителот на телефон и да прашаат дали ќе дојде на судење, за предмет, кој поради притворот се смета за итен.

 

ОБВИНИТЕЛ НИ ЗА ЛЕК

Обвинителот, од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција им објаснува на телефон дека е во обвинителството, сослушува други луѓе за некој предмет, па ако го почекаат ќе дојде, ама во исто време има и друго судење кај друга судијка во истиот суд.

По дополнителни 15 минути, се појавува обвинителот, додека другата судијка која исто така го чека и не почнува со судењето, нервозно оди нагоре-надоле по судскиот ходник.

– Колега, ќе бевте првиот обвинител што ќе бевте казнет поради недоаѓање. Законот ни ја дава таа можност. Не може да не се појавите на притворски предмет – вели судијата Огнен Ставрев, кој до сега има казнето повеќе адвокати со по 1.000 евра во предметите на Специјалното јавно обвинителство, кои не се појавиле на судење.

– Прифаќам судија, вели обвинителот Наум Пановски и се правда дека цело обвинителство е окупирано од странки и адвокати, има сослушувања кои ги закажал, а судења се трупаат и тој како во овој случај, треба да биде на две судења во исто време.

По воведните зборови, судењето на Васко се одложи за изведување на доказите на обвинителството, но тука настапи вториот проблем: како да се најде термин за ново судење.

Двајцата судии ги вртат роковниците и велат дека немаат термини, бидејќи судат неколку предмети на СЈО, кои се со повеќе обвинети, обемни се, имаат и уште низа други притворски предмети. Едвај наоѓаат еден термин, кој им одговара на судиите, но не и на адвокатот кој истиот ден има судење во Штип, сообраќајка со смртни последици и мора да се појави таму. Судиите се одлучни, немаат друг термин, мора тогаш, и паѓа договор да се одржи судењето попладнето, со тоа што ќе почнат кога ќе дојде адвокатот, зашто предметов како притворски е итен, а немаат друга можност кога да го судат.

 

ТЕРМИНИ НИ ЗА ЛЕК

Овој предмет не е единствен кој се одлага или за кој нема термин, поради предметите на СЈО и тековниот за „27 април“, кој има закажано преку 60 датуми за судење заклучно со март 2019 година.

Во тој предмет, со 32 обвинети, има над 60 адвокати, па сега е вистинска потера да се најде адвокат чија специјалност е кривичната област за други предмети, а веќе да не е ангажиран во овие големи предмети.

Поради ангажманот на адвокатите во повеќе предмети, денеска се одложи судењето за предметот „Топлик“ против екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и други обвинети за склучување договори за познатиот случај „Сончев град“ во Сопиште.

Тројцата адвокати на Јанакиески: Сања Алексиќ, Еленко Миланов и Дончо Наков во исто време биле на судењето за „27 април“ и пред два дена со писмо го известиле судот дека не можат да дојдат на „Топлик“ затоа што „27 април“ е притворски предмет и треба да се таму.

Но, судијата Осман Шабани не го прифати нивното известување и иако се на „27 април“ во исто време кога беше закажано и ова судење, реши да ги казни со по 1.000 евра.

Адвокатите, кои и досега беа казнувани од овој совет, не поднеле жалби на решенијата со кои се казнети.

Судиите во скопска единица, покрај проблемот што го имаат да најдат термин за другите предмети што ги судат, кои се „поситни“ во поглед на тие на СЈО, се соочуваат и со просторен проблем, бидејќи судниците се мали и во нив не собира повеќе од десетина луѓе, а во овие предмети има само по толку обвинети, плус нивните адвокати, и кога на тоа ќе се додадат новинарите, полицијата, обвинителство, во малите судници има над 30 луѓе, па нема каде да се фрли „игла“ во судница.

 

ДАЛИ СЕЛИДБАТА Е ЛЕК?

Претседателот на судот Иван Џолев, не сака да прогнозира кога би се преселил судот во новата зграда, која стои празна, иако два пати беше „свечено пуштена“ и од Владата на ВМРО ДПМНЕ и од Владата на СДСМ. На 31 март, пред 6 месеци беше второто пуштање, но во тој суд, сега импровизирано се користат само две судници, а судот се отвора во деновите кога има судење, додека другото време и останатиот дел од просторот и натаму се заклучени.

– Можеби ќе се преселиме во октомври, не знам – вели Џолев. Во судот, иако два пати пуштан во работа, недостасувале многу работи, почнувајќи од констатирани технички недостатоци, до елаборати за безбедност, како и банални проблеми од типот дека канализационата мрежа била наполнета со цемент и истата е нефункционална.

Во новата зграда на Кривичниот суд има една голема судница во која сега се суди „27 април“ и која собира над 100 луѓе, и една помала на третиот кат, каде што од две мали судници со спојување е направена една поголема  за околу 50 луѓе. Кога би профункционирала зградата, би имало три судници, со таа во старата зграда и судиите би можеле да се договараат кој која судница ќе ја користи за судење на предметите во кои има поголем број обвинети.

До префрлање на судиите и судската администрација од старата во новата зграда, проблем им прават и доказите на СЈО кои се спакувани во големи пакети и стојат кај судиите. Па, така, ако влезете во канцеларија на судија, прво што паѓа во очи се пакетите со докази, означени со познатите имиња кои почнуваат на „Т“- Топлик, Тенк, Траекторија, Титаник, Тортура…

По селидбата на Кривичниот суд од едната во друга зграда, сегашната зграда на „Скопска единица“, според едната варијанта треба да стане Управен суд, а според другата варијанта, тука би се вселила Академијата за судии и јавни обвинители.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.