„Тифани“ – СЈО се сомнева дека се купувалe долна облека и чанти преку фирма

 

Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека за даночните 2008-2014 осомничената како управител на наведените правни лица, ја намалила основицата за пресметување на данок на добивка, го злоупотребила правото на одбивка на данок на додадена вредност и не пријавила лични приходи, кои задолжително се пријавуваат согласно Законот за персонален данок од доход

 

На 23.03.2017 година Специјaлното јавно обвинителство  (СЈО)  на прес-конференција соопшти дека е отворена нова истрага со кодно име „Тифани“,  која се однесува за даночно затајување од страна на физичко лице како сопственик и управител на „Смарт центар ДООЕЛ експорт импорт Скопје“ и агенцијата „Смарт“. Според СЈО, осомничената во периодот од 2008-2014 година со намера таа и правните лица да одбегнат плаќање даноци, давала лажни податоци за фактите кои се однесуваат за пресметување данок.

Обвинителската Фатиме Фетаи соопшти дека оваа истрага  опфаќа

дејствие на извршување на едно продолжено кривично дело – Даночно затајување од член 279 став 2 в.в. со став 1 од Кривичниот законик, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на физичко лице како сопственик, управител и единствен овластен потписник на сметката Друштво за комуникации и консалтниг Смарт Центар ДООЕЛ експорт импорт Скопје и единствен овластен потписник на сметката на Друштвото за маркетинг и пропаганда Смарт Груп ДООЕЛ Скопје.

Имено, од доказите произлегува основано сомнение дека осомничената за даночните години 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013 и  2014 со намера таа и правните лица да одбегнат делумно плаќање на даноци, во книговодствената евиденција на друштвата, завршните сметки и даночните пријави давала лажни податоци за фактите од влијание за утврдување на износот на даночните обврски кои биле должни да ги платат, со што споменатите правни лица за наведените даночни години одбегнале да платат даночни обврски во значителен износ од 2.314.463 денари или 37.634 евра а осомничената одбегнала да плати даночни обврски во значителен  износ од 1.040.840 или 16.924 евра.

Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека за даночните 2008 – 2014 осомничената како управител на наведените правни лица, ја намалила основицата за пресметување на данок на добивка, го злоупотребила правото на одбивка на данок на додадена вредност и не пријавила лични приходи, кои задолжително се пријавуваат согласно Законот за персонален данок од доход.

Имено, постои основано сомнение дека осомничената ги користела правните лица како параван и всушност набавката на стока и услуги за себе, го евидентирала како набавка за правните лица, иако истите воопшто немале вработени за вршење на дејноста и за користење на опремата која ја набавувала.

Таквите средства во книговодството ги евидентирала како основни средства, опрема, тековни трошоци, со што ја намалила основицата за пресметување на данокот на добивка. На ваквите расходи, кои не се признаваат согласно законот, бидејќи не се употребени  за дејноста на друштвата, и се работи за лични потреби, осомничената го злоупотребила и правото на одбиток на влезниот ДДВ и ја намалила обврската и по тој основ.

Од доказите произлегува и дека износот за кој се набавени добра и се примени услуги, кои фактички биле употребени за лични потреби и согласно Законот за персонален данок од доход претставуваат нејзини лични примања, осомничената не ги пријавила во годишната даночна пријава за тој данок и со тоа ја одбегнала и таквата даночна обврска.

 

Целата прес-конференција можете да ја видите тука, а извештаите на медиумите поврзани за овој настан можете да ги прочитате на овој линк.

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *