ТИРЗ Берово сè уште не е завршена и нема најави за странски инвестиции

Камен темелник во ТИРЗ Берово, Фото Скриншот

…ТИРЗ Радовиш, ТИРЗ Берово, ТИРЗ Делчево и ТИРЗ Виница ќе започнеме да ги градиме во текот на 2014 година, со што до крајот на 2014 година вкупната бројка на основани технолошки индустриски развојни зони на територијата на Република Македонија ќе биде вкупно 14. (Рок: 2014 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изградбата на технолошка индустриска развојна зона (ТИРЗ) во Берово беше најавена во предизборната Програма на ВМРО-ДПМНЕ за период 2014 – 2018 година. Целта е да се подобрат условите за инвестирање преку отворање на нови фабрики кои би донеле нови технологии и би овозможиле отворање на нови работни места.

Во Програмата беше најавено дека изградбата на оваа зона би започнала во текот на 2014 година, со што до крајот на истата година во Македонија би имало вкупно 14 основани технолошки индустриски развојни зони. Ова имплицира дека комплетирањето на  споменатата технолошка индустриска развојна зона ќе се случи до крајот на 2014 година. Сепак, досега (16.03.2016), ова  ветување не е исполнето, но отпочнати се одредени инфраструктурни зафати, па оценката за овој проект е во тек.

Отворањето на технолошко индустриски развојни зони, инаку,  според помпезните најави од Владата, требаше да овозможи економски раст, влез на странски инвестиции и илјадници вработувања кои би биле спроведени во краток период. Сепак, во недостаток на транспарентност на соодветните институции, ветените бројки не можат да се потврдат.

На 18.10.2014 година тогашниот премиер Никола Груевски „фрли лопата“ со која  симболично ја најави изградбата на ТИРЗ во Берово на површина од 17 хектари. Со проектот беа најавени 10 парцели во Шушлевац, изградба на внатрешна улична мрежа, довод на вода, струја и гас, посебна мрежа за улично осветлување, канализациска инфраструктура, воспоставување на базична инфраструктура која е неопходна за функционирање на потенцијалните производствени капацитети како и кружен тек за поврзување со регионалните патишта. Според првичните најави, за воспоставување на оваа индустриска зона Владата ќе инвестира 500.000 евра. Досега (16.03.2016), нема најава за влез на странски инвеститор во оваа индустриска развојна зона.

Зоната ќе претставува индустриски комплекс во кој со влез на нови инвестиции ќе се овозможи креирање нови работни места, развој и примена на нови технологии, зголемување на конкурентноста во меѓународната трговска размена и ќе има удел во забрзувањето на растот и развојот на економијата воопшто. (Изјава на Виктор Мизо при поставување на камен темелник за ТИРЗ Берово, 18.10.2014)

На 19.10.2015 година МИА објави информација дека изградбата на инфраструктурата на ТИРЗ Берово е во завршна фаза:

Во досегашниот период , завршени се работите околу поставувањето на канализациската инфраструктура, доводот на вода, а изградена е и тротоарската мрежа од улиците. Проектот предвидува довод на струја, како и инсталации за улично осветлување.

Во истата информација на МИА, беше пренесена и изјава  на градоначалникот на Берово, Драги Наџински дека  очекува  градежните работи во ТИРЗ Берово да завршат кон крајот на 2015 година.

Во ТИРЗ Берово предвидени се 8 градежни парцели за индустриски капацитети од областа на лесната и незагадувачка индустрија. Оваа зона е од огромно значење за оваа општина, но и за целиот регион, бидејќи според проекцијата се очекува овде да работат 200-300 луѓе. Со новите вработувања ќе се подобри стандардот на граѓаните, но и ќе се сопре иселувањето на младите кое последните години зема голем замав. (Драги Наџински)

Но, наспроти ваквите негови очекувања,  тоа не се случи.

Во јануари 2016 година од СДСМ соопштија дека ТИРЗ Берово е уште една нереализирана инвестиција на ВМРО-ДПМНЕ:

ТИРЗ Берово е уште една во низата лажни инвестиции на манипулаторот во заминување Никола Груевски.За индустриската зона во Берово, досега се потрошени над 35 милиони денари а наместо инвестиции, фабрики и отворање нови работни места како што најави Груевски има празна површина од 17 хектари со шут и камења.На празната ливада се уште стои таблата, пред којашто Груевски фрлаше лопата при поставувањето на камен-темелникот на 18 октомври 2014 година…

Така што, и покрај најавите од ВМРО-ДПМНЕ за скоро завршување на основната инфраструктура на ТИРЗ Берово, досега (16.03.2016), нема информации дека градежните работи кои треба да овозможат базична инфраструктура за функционирање на странските инвеститори  се финиширани. Дополнително, досега нема ниту најава за влез на странски инвеститори.

*Забелешка

Рокот за исполнување (2014 година) на споменатото изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ е одамна пробиен, но со оглед на тоа што се отпочнати одредени активности  за  реализација на овој проект, го оценуваме „во тек“.

ЛИНКОВИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција