Генералниот секретар на ДИК не е од СДСМ

Фото: Скриншот

 

Во интервју за една телевизија со национална концесија, членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и министер за здравство, Никола Тодоров зборувајќи  за политичката криза, меѓу другото,  изјави:

Морам да напоменам дека во ДИК, ВМРО-ДПМНЕ има двајца од девет членови. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство во ДИК и ВМРО-ДПМНЕ не е таа која може да ја наметнува брзината со која што ДИК ќе работи, затоа што организацијата на ДИК и на службите во ДИК е во надлежност на Генералниот секретар на Државната изборна комисија. Генералниот секретар на ДИК е од СДСМ, неговата жена, сопруга е исто така функционер и советник, мислам во една скопска општина, така да се гледа интенцијата и правецот во кој што се тера работата.

[ИзворСител (од ,  Датум: 22.02.2016)]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во Изборниот законик , член 26 предвидува:

(1) Државната изборна комисија е составена од претседател, потпретседател и седум членови.

(2) Претседателот и потпретседателот се членови на Државната изборна комисија.

(3) Членовите на Државната изборна комисија функцијата ја вршат професионално, со право на повторен избор.

(4) Собранието на Република Македонија избира нов состав на Државната изборна комисија за време од пет години, најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот на постојниот состав. (5) Државната изборна комисија има генерален секретар.

(6) Државната изборна комисија има својство на правно лице.

(7) Државната изборна комисија, во рок од 30 дена од изборот на нов состав, донесува план за работа и истиот го доставува до Собранието на Република Македонија на информирање и до Владата на Република Македонија за имплементација.

(8) Државната изборна комисија има посебна буџетска сметка во рамките на единствената трезорска сметка и самостојно располага со своите средства.

(9) Буџетот на Државната изборна комисија се обезбедува од Буџетот на Република Македонија.

(10) По правило, седницата на Државната изборна комисија ја свикува и со неа раководи претседателот на Државната изборна комисија.

(11) Во случај на отсуство или спреченост на претседателот на Државната изборна комисија, седницата на Државната изборна комисија ја свикува и со неа раководи потпретседателот на Државната изборна комисија.

(12) Државната изборна комисија ќе одржи седница и на предлог на член на Државната изборна комисија, ако предлогот е поддржан од мнозинството од вкупниот број на членови на Државната изборна комисија.

 

Според  член 30  од овој Закон, став 2 :

За генерален секретар може да биде избрано лице кое:

– е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија;

– има завршено високо образование во областа на менаџмент, јавна администрација и други општествени науки;

– не е член на орган на политичка партија;

– има стручно познавање и искуство во областа на менаџмент во јавниот сектор.

– е од редот на административните службеници од категорија Б, односно од редот на раководните вработени согласно Законот за административни службеници.

Ставот  3  (член 30) предивдува:

Генералниот секретар не влегува во составот на Државната изборна комисија и нема право на глас.

Во ставот 4 стои:

Генералниот секретар својата работа ја врши професионално.

Во истиот член став 5 пишува:

За вршење на стручно-административните и организационо-технички работи на Државната изборна комисија, се формира стручна служба на Државната изборна комисија.

Во став 6:

Со стручната служба раководи генералниот секретар на Државната изборна комисија.

Став 7:

Генералниот секретар и вработените во стручната служба на Државната изборна комисија имаат статус на државни службеници.

Според изменетиот Изборен Законик во членот 27 став 5 стои:

Од кандидатите на предлог листата за членови на Државната изборна комисија, тројца членови предлагаат политичките партии во опозиција и тоа, политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието предлага двајца членови, а политичката партија во опозиција со втор најголем број на пратеници во Собранието предлага еден член на Државната Изборна Комисија. Партиите на власт предлагаат тројца членови на Државната Изборна Комисија, и тоа политичката партија на власт со најголем број пратеници во Собранието предлага двајца членови, а политичката партија на власт со втор најголем број на пратеници во Собранието предлага еден член на Државната Изборна Комисија. Тројцата членови на Државната Изборна Комисија од став (2) на овој член се избираат на заеднички предлог на партиите од власта и опозицијата од редот на пријавените кандидати.

Членовите на ДИК со ниту еден  глас против, на 4 јануари го избраа Добре Јанчев за нов генерален секретар на Државната изборна комисија. Јанчев е и досегашен вработен во Државната изборна комисија и е еден од првите меѓународно акредитирани обучувачи за избори.

„Вистиномер“ се јави и во СДСМ да побара одговор на прашањето: Дали генералниот секретар на ДИК, Добре Јанчев, има членска книшка на оваа партија.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов ни изјави:

Генералниот секретар на ДИК е избран со акламација, од повеќе кандидати, на јавен конкурс. Тој и според Закон не треба да е партиски човек. Инаку Јанчев не е член на СДСМ, никогаш не бил и нема партиска книшка од нашата партија 

Од сето ова може да се заклучи дека изјавата на Тодоров: „генералниот секретар на ДИК е од СДСМ “ е невистинита.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Владо Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција