Тодоров: За првпат по 50 години Македонија доби државна кардиохирургија

Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство, Никола Тодоров на собраниската седница (21.12.2015 година),  на која се расправаше за неговата интерпелација, изјави:

Основана и успешно функционира Универзитетската клиника за државна кардиохирургија. За првпат по 50 години во Република Македонија, Владата на РМ ја основа првата државна кардиохирургија. Вкупната инвестиција е во вредност околу 140 милиони денари (околу 36 милиони денари за градежниот дел и над 100 милиони денари за најсовремена опрема со која може да се вршат сите типови кардиохируршки процедури).

  [Извор: Курир  Датум: 23.12.2015]

Образложение:

На 24.01.2014 година министерот Тодоров соопшти дека Владата донела одлука за изградба на државна кардиохирургија. Министерот тогаш информираше дека Државната кардиохирургија прво ќе биде сместена во објектот на Хируршки клиники, сè додека не заврши реализацијата на тендерот и градежните работи за реконструкција на Клиниката за кардиологија, каде во иднина ќе биде сместена таа јавна здравствена установа. Тодоров посочи дека првпат по 50 години во Република Македонија Владата ја основа првата Државна кардиохирургија, со што се решава повеќедецениски проблем кој претставува еден од националните медицински приоритети. [Пристапено на 23.12. 2015]

На 24.06.2015 официјално беше  отворена првата државна кардиохирургија. Во изјава за медиумите министерот за здравство тогаш рече:

Целиот овој објект од околу 750 метри квадратни чинеше околу 36 милиони денари градежниот дел и над 100 милиони денари опремата која што е набавена. Инвестицијата е околу 140 милиони денари.  Опремата опфаќа операциски столови, апарати за анестезија, машини за дишење, ЕКФ апарати, апарати за торакална дренажа, апарати за мерење на коагулација на крв во тек на отворена операција на срце, перфузори, инфузиомати, машина за вонтелесно прочистување крв, надворешни пејсмејкери, централна мониторинг станица (во вредност од 5 милиони денари), дигитален мобилен рентген апарат (во вредност од 9.597.884 денари) и друга опрема. [Пристапено на 23.12.2015]

На 25 јуни 2015 година и на веб-страницата на Министерството за здравство беше објавено дека е отворена првата дражвна кардиохорургија:

Првата државна кардиохирургија е пуштена во употреба денеска во рамки на Скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“. На отворањето присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за здравство Никола Тодоров, медицинскиот персонал кој ќе работи во оваа болница, странските доктори кои помогнаа за едуцирање на тимот  проф. Предраг Милиевиќ од Институтот за кардиоваскуларни заболувања од Дедиње,  проф. Омер Џемаили од Клиниката Триемли во Цирих, проф. Антонио Маруло од Клиниката Сапиенца во Рим, Италија и проф. Бојан Биочин од Клиниката за кардиохирургија Ребро , директорите на ФЗОМ и на клиниките. [Пристапено на 23.12.2015]

Во изминатиов период медиумите известуваа за извршените интервенции на оваа клиника.  Така што, имајќи го предвид сето ова, може да се каже дека изјавата на министерот за здравство  е вистинита.

Линкови:

 

Оценето од: Владо Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција