Токму ВМРО-ДПМНЕ си направи партиска држава

Алекснадар Николоски ја заборава праксата на ВМРО-ДПМНЕ. Фото: скриншот

Заев и сите други функционери на СДСМ, повеќе пати изјавија дека нема потреба вработените во инстиуциите и во администрацијата да стравуваат за своите работни места, оти бркање нема да има во смисла на нови партиски вработувања и дека „никој нема да настрада“

 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во подолго интeрвју за „Радио Слободна Македонија“, меѓу другото, го изјави и следното, што го оценуваме како невистина:

Планот на СДСМ не е да понуди проекти кои што ќе го подобрат животот на Република Македонија, иако така им се викаше Програмата. Туку планот се состои од три дела практично: реваншизам, политички монтирани процеси и целосно партиско поклопување на институциите.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Александар Николоски е целосна невистина. Тој не понуди никаква аргументација, освен ако за аргументација не ги земеме неговите зборови дека „тоа го зборувал Заев уште пред 4-5 години во Валандово на митинг кога кажал дека се ќе се избрка, од чистачка до министер и дека ќе ‘јаделе живи луѓе’ и дека „потоа истото го зборувал и Стево Пендаровски како кандидат за претседател“.

Со сета должна почит кон сеќавањето и информациите на Николоски, пребарувањето по интернет за Пендаровски не може да се потврди, а пак, за изјавата на Заев, тој самиот неколку пати изјави дека бил ваден од контекст и дека смислата не била таа. Но, еве да речеме дека Заев само се вадел за таа своја изјава. Човекот, како политичар може и така да размислувал пред неколку години. Сега е 2017 г., а Заев заедно со парламентарно мнозинство очекува дека ќе добие мандат да ја формира идната Влада, а веќе ја има претставено и програмата на таа влада.

Ако се прелиста и прочита програмата, ќе се види дека никаде не постојат ни буквално, ни суштински, оние дела и намери кои Николоски им ги припишува Заев и на СДСМ, туку сосема спротивното.

Освен тоа, и Заев и сите други функционери на СДСМ, повеќе пати изјавија дека нема потреба вработените во инстиуциите и во администрацијата да стравуваат за своите работни места, оти бркање нема да има во смисла на нови партиски вработувања и дека „никој нема да настрада“.

Самиот Заев, но и другите, ставаат ограда во своите настапи, велејќи дека оној што правел незаконски работи, „ако некаде ставил потпис на нешто незаконско, ќе си одговара“.

Аналитичари и експерти во овие зборови гледаат намера за дополнителна професионализација на јавната и државната администрација, а не намера за „партсико поклопување на институциите“, нешто што, од друга страна, многу лесно може да му се припише на ВМРО-ДПМНЕ за време на неговото владеење со институциите, бидејќи е констатирано во многу релевантни извештаи и оценки на домашни и на странски организации и институции, од типот на Европската комисија или на американскиот Стејт департмент.

Дури и да не постоеше ниту еден од овие извештаи, јавноста го памети „тефтерчето на Горде“, поранешната шефица на кадровската комисија во ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкуловска. Од т.н. „бомби“ што ги објавуваше опозицијата, се гледа целосното партизирање на институциите, без оглед дали станува збор за вработувања на инженери за нуклерана програма во РЕК Битола или за избор на судии во сте три степена на судството.

Затоа, во голем дел од јавноста судски процеси се оценети како „монтирани“, но секогаш кога станувало збор политички или бизнис „противници“ на ВМРО-ДПМНЕ или, пак, оние во кои се обвинети функционери на партијата, како што беше на пример случајот за „Македонска банка“.

Оттука и најавите на СДСМ и идната влада дека ќе се прави темелна реформа и реорганизации на судството и обвинителството, како легитимно право на секој политички субјект да го стави како понуда, особено ако судската власт е оценета со катастрофални оценки и од домашните екеперти и од Европската унија. Но, тоа не е реваншизам, бидејќи тоа е клучен услов за отворање пристапни преговори за влез во Унијата.

Оттука, изјавата на Николоски ја оценуваме како е целосно непоткрепена и невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Teoфил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција