Тони Трајковски во трка за трет мандат – заслуга или оддолжување?

Гази Баба после поплавите и 4-годишниот мандат на Тони Трајковски. Што е сработено. Фото: Вистиномер/Општина Гази Баба

По осум години владеење со Гази Баба, ВМРО-ДПМНЕ и на овие локални избори одлучи во оваа скопска општина да се трка со Тони Трајковски, човек кој зад себе носи кривична пријава од СЈО, а го понесе и дел од товарот од најголемата трагедија која ја потресе општината летото во 2016 година, кога се поплавија голем дел населени места. Во оваа природна катастрофа згаснаа повеќе од 22 човечки животи. Беше нанесена огромна материјална штета на населението во населените места околу Скопје, Стајковци, Сингелиќ, Економија, Инџиково, Црешево, Виниче, Смилковци, Страчинци и Брњарци

 

 

По осум години владеење со Гази Баба, ВМРО-ДПМНЕ и на овие локални избори одлучи во оваа скопска општина да се трка со Тони Трајковски, човек кој зад себе носи кривична пријава од СЈО, а го понесе и дел од товарот од најголемата трагедија која ја потресе општината летото во 2016 година, кога се поплавија голем дел населени места. Во оваа природна катастрофа згаснаа повеќе од 22 човечки животи. Беше нанесена огромна материјална штета на населението во населените места околу Скопје, Стајковци, Сингелиќ, Економија, Инџиково, Црешево, Виниче, Смилковци, Страчинци и Брњарци

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

На дел од јавноста не ѝ е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ го одбра токму Трајковски како свој кандидат за Гази Баба, кога се знае дека тој е осомничен во еден од предметите кои ги покрена Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Прашањата кои се наметнуваат се дали тој по партиска заслуга влезе во трка за трет градоначалнички мандат, дали партијата на овој начин му се оддложува, или, пак, тоа е поради неговата добра работа? Имајќи ја предвид општата состојба на општината и нејзините населени места, не може да се каже дека таа цвета, согласни се дел од познавачите на состојбите.

 

ПРЕДМЕТОТ „ТНТ“ ЈА ЗДРМА ГАЗИ БАБА

На 21.04.2016 година, СЈО информира дека врз основа на прислушуваните разговори од „бомбите“ кои ги објави СДСМ, отворило истрага за предметот „ТНТ“, во кој екс премиерот Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески се осомничени дека незаконски нарачале рушење на објектот „Космос“ во Гази Баба во сопственост на бизнисменот Фијат Цаноски и дека незаконски го спровеле со помош на градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски. Целта била една и единствена: политичка одмазда.

lOK-IZB

Првоосомничена во случајот е градежната инспекторка од Општина Гази Баба, а освен неа СЈО сомничи уште три лица од Комисијата за јавни набавки на општината.

Градоначалникот го повикал налогот и ја искористил својата функција и надреденост и ја повикал прво осомничената инспекторка и ѝ кажал дека од врвот на партија ВМРО-ДПМНЕ побарале начин незаконски начин да се сруши објектот. Таа се согласила и свесна за штетатата ја реализирала пoстапката. Фактот дека осомничената постапила незаконски произлегува од изготвеното вештачење од Архитектонскиот факултет во Скопје, кое е направено во предистражната постапка и од сведоци, рече обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО.

Образложението на градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, пак, беше дека објектот се градел спротивно на законите, односно дека отстапил од предвидениот проект за околу метар и половина.

Иако специјалното обивнителство бараше од Кривичниот суд да му одреди мерка притвор на Трајковски, сепак судот само му одреди мерка на претпазливост, односно му го одзеде пасошот.

 

ВОДЕНА „БОМБА“ ЈА ПОПЛАВИ ГАЗИ БАБА

Во август 2016 година, градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски го погоди уште една „бомба“, но овојпат водена. Во големата поплава тоа лето, во која згаснаа повеќе од 22 човечки животи, најдебелиот крај го извлече населението од населените места во Гази Баба, Стајковци, Сингелиќ, Економија, Инџиково, Црешево, Виниче, Смилковци, Страчинци и Брњарци.

Опозицијата тогаш го обвини Трајковски дека не ги решил потребите на граѓаните од овие населени места во инфраструктура, водоснабдување, патишта, канализации, дека не ги презел мерките за одржување на каналот за одводнување на потегот од Камник, Сингелиќ, Стајковци, Брњарци и Арачиново.

Веднаш по оваа катастрофа, од партијата Беса побараа кривично да се гонат градоначалниците на Арачиново и Гази Баба, градоначалникот на Град Скопје, како и министерот за животна средина и просторно планирање.

Од политички аспект, се очекува градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, градоначалникот на општина Арачиново, Брахим Ајвази, и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, да приложат оставки во знак на политичка и морална одговорност, бидејќи не успеале да менаџираат со соодветната инфраструктура, побара, меѓу другото, Беса.

Трајковски, пак, на памет не му падна да приложи оставка или да понесе било каква одговорност.

Една година по поплавите, жителите на овие населени места и понатаму велат дека стравуваат од секој поголем дожд и посочуваат дека работите се менуваат многу бавно.

Завршени се само дел од инфраструктурните работи. Обновени се дел од тротоарите, јавното осветлување, некои од главните патишта, дел од канализацијата, но не се готови голем дел од споредните улици, кои и натаму се во катастрофална состојба. Се соочуваме со недостиг на вода во текот на летото, а се плашиме и од вишок атмосферска вода, сведочи жител на Стајковци кој се надева дека локалните избори ќе ги придвижат работите заради прибирањето политички поени.

Со обвинувања дека голем дел од улиците сè уште се во катастрофална состојба во Стајковци сметаат и од СДСМ во Гази Баба. Оттаму велат дека голем дел од ветувањата на Тони Трајковски и ВМРО-ДПМНЕ дека сите улици во Стајковци ќе бидат целосно реконструирани, не се исполнети.

 

ШТО СРАБОТИ ТРАЈКОВСКИ ВО ИЗМИНАТИТЕ 4 ГОДИНИ?

„Вистиномер“ во изминатиот период ги има анализирано дел од ветените проекти на градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски. Анализа на неговите проектите направи и Призма. Врз основа на овие анализи, доколку се погледнат приоритетните проекти во изборна програма на Трајковски на минатите локални избори, за мандатот 2013-2017 година, (стр.11), може да се заклучи дека поголем дел од нив не се реализирани.

  • Изградба на нова општинска зграда. Во приоритетните ветувања на Трајковски на изборите во 2013 година, како прва е наведена изградбата на нова општинска зграда. Новата општинска зграда требаше да биде изградена до 2017 година, но тоа досега не е направено.
  • Нов училиштен објект во ОУ „Вера Јоциќ“. Училиштето не е изградено во ветениот рок. Објектот почна да се гради на 27 мај 2017 година, а најавите се дека ќе биде готов за една година.
  • Ново училиште „Глигор Прличев“. Новото основно училиште во населбата Железара требаше да биде готово до 2014 година, но пуштено е во употреба една година подоцна.
  • Фискултурни сали во ОУ „Вера Јоциќ“ и ОУ „Кирил и Методиј“. Според програмата, фискултурните сали во училиштата во Хиподром и во Стајковци требаше да бидат готови во 2017 година, но тендерот е распишан дури во мај 2017 година, кога е склучен и договорот за изградба. Се предвидува изградбата да заврши за 13 месеци.
  • Нова зграда за ОУ „Крсте Мисирков“. Ова ветување на Трајковски не е реализирано.
  • Спортска сала во населба Ченто. Новата спортска сала во близина на ОУ „Крсте Мисирков“, во населбата Ченто е пуштена во употреба со задоцнување од две години.
  • Нова детска градинка во Стајковци. Нова детска градинка во Стајковци не е изградена.
  • Изградба на фекална канализација. Во период од 2013 до 2017 година е ветена изградба на фекална канализација за населените места: Ергеле, Трубарево, Гоце Делчев, Јурумлери, Колонија, Идризово, Дрма, Црешево, Смилковци, Булачани, Виниче, Раштак, Брњарци и Страчинци.

Според информации од официјалната страна на општината, проблемот со канализацијата во Трубарево сè уште не е решен. Во август таму се работеше на поставување примарна и секундарна мрежа. Притоа, изградбата на канализацијата е на товар на Општината, додека за секундарната мрежа, освен општината, со свои средства се вклучени и самите жители, објави Призма.

  • Асфалтирање на приоритетните улици. Според отчетот на градоначалникот Трајковски, на почетокот на годинава, само во текот на 2016 година се асфалтирани 55 улици во Општина Гази Баба, во должина од 18 километри. Приоритет биле улиците погодени од катастрофалните поплави, кои се обновени со финансиска помош на Градот. Трајковски најави и дека во текот на годинава ќе бидат асфалтирани уште 80 улици.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција