Топ 5 остварени економски ветувања во 2018

Фото: sdsm.org.mk

 

Во годината што изминува СДСМ успеа да исполни неколку ветувања кои се однесуваат на економијата дадени за парламентарните избори во 2016 година. Во овој напис издвојуваме пет реализирани  ветувања на СДСМ од економскиот пакет.

 

Пишува: Рада Исовска – Маневска

 

  1. Поддршка за домашните претпријатија и изедначување на условите за бизнис за домашните и странските компании. Донесен Закон за финансиска поддршка на инвестициите

Со години домашните компании бараа да бидат изедначени во поддршката со странските компании, бидејќи странските фирми кои работат во тенолошко-индустриските зони беа привилегирани со тоа што добиваа државна помош. Податоците покажуваат дека за 10 години за 10 странски инвестиции стационирани во зоните, државата потрошила 225 милиони евра како поддршка по различни основи.
СДСМ вети дека ќе ги изедначи во поддршката и дека годишно за домашните компании ќе издвојува 20 милиони евра во првата година, а тој износ ќе достигне 50 милиони евра во последната година од мандатот. Ова ветување Владата го преточи во Планот за економски раст, дефиниран преку три столба, чија главна цел е да се поттикнат инвестициите, технолошкиот развој и да се подигне конкурентноста на македонските компании, преку поддршка на компании кои се во добра кондиција и кои истовремено можат да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, како и зголемување на извозните потенцијали на македонското стопанство.
За реализирање на Планот во март годинава е донесен Закон за финансиска поддршка на инвестициите во кој се дефинирани критериумите по кои државата ги помага компаниите и за првпат компаниите аплицираа за државна помош под еднакви услови како и странските компании. Одобрената финансиска поддршка на компаниите кои аплицираа на првиот повик ќе биде исплатена најдоцна до 31.12.2018 година.

 

  1. Праведен даночен систем – Поправеден персонален данок на доход

Праведен даночен систем: „Воведуваме фер даноци. Сиромашните ќе плаќаат помалку, а богатите ќе плаќаат повеќе“. Ова го вети СДСМ пред парламентарните избори, во програмата „План за живот во Македонија“(стр.208),  а со донесувањето на Законот за данокот на личен доход Владата го остварени на крајот на 2018 година.
Воведувањето на прогресивното оданочување како и што беше најавено почна со воведувањето на нова повисока даночна стапка за повисоките приxоди. Законот требаше да биде донесен и да се применува од  годинава, но поради реакции на граѓаните и бизнис заедницата за висината на оданочените персонални примања од плата, која ќе се оданочува со дополнителна стапка од 8 отсто, неколку месеци се доработуваше и договараше. Министерството за финансии објави и анализа за тоа како ќе се одрази новото оданочување на примањата на населението. Во ноември е ставен во собраниска процедура и деновиве е изгласан од пратениците со обврска да стапи на сила од 1 јануари 2019 година.
Со него освен даночната стапка од 10 отсто се воведува и стапка од 18 отсто која ќе се однесува на даночна основа што надминува 1,8 милиони денари на годишно ниво, односно 90.000 денари на месечно ниво. За даночната основа до 1,8 милиони денари годишно и до 90.000 месечно останува примената на постојната даночна стапка од 10 отсто. Освен оваа промена, зголемено е даночното ослободување (намалување) кај платите и пензиите, односно делот на кој не се плаќа данок на 8.000 денари месечно.
Исто така, се предлага и оданочување на доходот од закуп, дивиденди, капитални добивки, игри на среќи и друг доход да се врши со примена на единствена даночна стапка од 15 отсто.

 


ПОГЛЕДНЕТЕ ГО И ОВА:

ТОП 5 НЕОСТВАРЕНИ економски ветувања во 2018


 

За воведувањето на прогресивното оданочување на доxодот, реагираа четирите стопански комори потписнички на Платформата за јавно-приватен дијалог, Стопанската комора, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори. Тие бараат примената на прогресивното оданочување да се одложи за пет години, оти нивните анализи, како што соопштија, покажуваат дека не е момент за негово воведување и ќе има негативни последици на врз целата бизнис-заедница.

 

  1. Донесен е нов Закон за енергетика усогласен со европските директиви

Со години Европската енергетска заедница (ЕЕЗ), во која членува и Македонија, ѝ дава забелешки на земјата за она што се случува во енергетиката и спроведувањето на европските директиви. Секретаријатот на Енергетската заедница поради одлагање на либерализацијата и доцнењето со Законот за енергетика кој требаше да биде донесен на почетокот на 2015 година, покрена две постапки за спорови кон Македонија. Првата поради кратењето на правото на избор на граѓаните, а втората за неспроведување на третиот енергетски пакет од европското законодавство. СДСМ  во програмата „План за живот“ на страна  86 вети дека ќе ги вгради директивите и ќе ја спроведе либерализацијата на енергетскиот пазар докрај. Новата Влада поради тоа доби рок до крајот на јуни 2018 година да ги донесе измените на законот.
Собранието на 21 мај (2018) го донесе новиот Закон за енергетика. Тој е објавен во Службен весник на 28.05.2018 година. Владата информира и дека Секретаријатот на Енергетската заедница ги повлекол и поднесените барања за спорови против Македонија.

 

  1. Воспоставен дијалог меѓу бизнис – заедницата и Владата

Ќе воведеме постојани канали на комуникација меѓу бизнис-заедницата и Владата. Владата и бизнис-заедницата ќе имаат редовна комуникација за консултации пред измените или носењето на нова регулатива. Бизнисмените ќе можат да укажат на сите недоследности, неусогласености и нелогичности на постојната регулатива. Владата ја презема обврската да ги разгледа и да се произнесе за укажувањата на бизнисмените, вети СДСМ во нивната изборна програма „План за живот стр. 211“.

И ова ветување на социјалдемократите е исполнето со потпишувањето на меморандум на 9 мај (2018) меѓу Владата и четирите стопански комори – Стопанската комора, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на северозападна Македонија и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.
Генералната оценка на соработката со Владата на коморите е дека постои силна волја за соработка и дека е воспоставен јавно-приватниот дијалог на високо ниво.

 

  1. Ревизија на државното земјоделско земјиште и негова правилна распределба

Една од радикалните промени кои ги вети СДСМ во  земјоделството („План за живот“ стр. 221),е дека ќе направи анализа на распределбата на земјоделското земјиште каде што имаше детектирани низа неправилности. На почетокот на годинава министерот за земјоделство Љупчо Николовски соопшти дека е во тек ревизијата на земјоделското земјиште  и 7.000 договорите со фирми и земјоделци за закуп на земјоделско земјиште.

Анализата утврдила низа неправилности при распределбата. Раскинати се огромен број на договори и се поднесени над 200 тужби по однос на неплатени концесии.

Деновиве, министерот соопшти дека досега се раскинати вкупно 212 договори поради ненамирен закуп, додека се очекува бројката да порасне и до  600.

Министерството за земјоделство, со цел да го подобри управувањето со земјоделското земјиште создаде  интегриран систем на управување, преку електронско поврзување на подрачните единици на Агенцијата за катастар,  за да има јасна слика за земјиштето кое не е дадено под концесија. На веб-страницата на Министерството за земјоделство се објавени целокупните земјоделски површини по региони, земјиштето дадено под закуп и слободното земјиште и објави на неколку огласи за доделување на земјиште под закуп.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.