Топ пет досега неостварени ветувања од „Планот за живот во Македонија“

Фото: sdsm.org.mk - Принтскрин

Во овој напис издвојуваме пет значајни ветувања кои, според  проектираниот рок за реализација, наведен во изборната програма „План за живот во Македонија“,  СДСМ  требаше да ги  реализира во првите шест месеци од формирањето на Владата, но досега не се исполнети

 

За предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 11 декември 2016 година,  СДСМ излезе со големи ветувања за „враќање на животот во Македонија“. Но, повеќе од година и половина од формирањето на Владата предводена од СДСМ многу од ветените проекти се останати само на хартија.

Во овој напис издвојуваме пет значајни ветувања кои, според  проектираниот рок за реализација, наведен во изборната програма „План за живот во Македонија“,  СДСМ  требаше да ги  реализира во првите шест месеци од формирањето на Владата, но досега не се исполнети

 

Пишува: Оливера Војновска

 

1. Сè уште нема независна и ефикасна Антикорупциска комисија

Во предизборието  2016 година СДСМ вети дека во првите 180 дена од мандатот ќе предложи „нов формат за вистинска Антикорупциска комисија, со пристап до сите институции и информации, со силен мандат и независен состав“. Ова изборно ветување на социјалдемократите, дадено во нивната изборна програма во „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“,  во делот „Правда, сигурност, контрола на власта“ ( стр. 233). досега  не е исполнето.

Веќе десет месеци нема никаква Антикорупциската комисија, откако петмина од вкупно седум членови си поднесоа оставки, по објавувањето на ревизорскиот извештај за работата на ДКСК, во кој се изразени сомневања за исплата на фиктивни патни налози на дел од антикорупционерите.

Комисијата треба допрва да се формира и, според последните информации, нејзиниот избор може да се случи во текот на наредната година (2019).

 

2. Нема нов закон за конфискација на криминален имот 

Владејачката СДСМ во предизборието во 2016 година, вети и не го исполни ветувањето дека „по примерот на земјите од Европската Унија, ќе биде донесен ефикасен закон за запленување на криминално стекнатиот имот, вклучувајќи и корупција и организиран криминал, веднаш по првата правосилна пресуда.“ (стр.233 од изборната програма).

Во април оваа година (2018), направени се измени и дополнувања на овој Закон, но тие се само од формално-правен карактер и се однесуваат на изборот на директорот на Агенцијата која управува со одземениот имот. Инаку, ветениот закон во предизборната програма на СДСМ, воопшто го нема во Програмата за работа на Владата за периодот 2017-2020 година, ниту пак, во одделните програми како онаа за 2018 г. или пак, во Планот 3-6-9.

 

3. Не е покрената иницијатива за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет

Пред доаѓањето на власт, социјалдемократите ветија дека во првите шест месеци од мандатот „ќе покренат иницијатива за уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет“. И ова изборно ветување на СДСМ дадено во „Планот за живот во Македонија“  (стр.232)   не е исполнето. Наспроти плановите на социјалдемократите, досега не е покрената иницијатива за  вакви уставни корекции и министерот за правда сѐ уште е дел од Судскиот совет.

 

4. Не е направена реформа на Комисијата за заштита од дискриминација

Ветувањето на СДСМ, дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.), дека во првите шест месеци од мандатот „ќе ја реформираат Комисијата за заштита од дискриминација“, не е исполнетоВо врска со ова прашање, во нивната изборна програма „План за живот во Македонија“ на стр.35 и стр. 233 е наведено дека воспоставувањето на систем на целосно отстранување на сите форми на дискриминација во Република Македонија ќе биде еден од приоритетите на новата Влада.

Организацијата на работата и надлежностите на Комисијата за заштита од дискриминација, како и изборот и разрешувањето на нејзините членови, се уредени со Законот за спречување и заштита од дискриминација, донесен во 2010 година. На овој закон во изминатиот период се направени неколку измени, а последен пат е менуван во јануари 2018 година (околу условот за познавање на англиски јазик).

Новиот закон за спречување и заштита од дискриминација треба допрва да се донесе. Законскиот текст е изготвен и тој е во собраниска процедура.

 

5. Ветените измени на Изборниот законик стојат во место

Во „Планот за живот во Македонија“, стр.229 и стр. 231, социјалдемократите ветија дека ќе ги предложат следниве измени на Изборниот законик:

  • пратениците да се избираат во една, наместо во шест изборни единици;
  • пратениците и советниците да се избираат на отворени листи;
  • градоначалниците во еден изборен круг;
  • намалување на цензусот за референдумот за локални прашања.

Иако ова изборно ветување на СДСМ е дел од „Планот 180 – итни реформски приоритети во првите 6 месеци на новата Влада“ (229 -231) и требаше да се реализира до крајот на ноември 2017 година, сепак, 18 месеци откако СДСМ ја формираше Владата, тоа не е исполнето.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција