„Тотал“ – Истрага за затајување данок за сопственикот на „Тотал“, „Медиа макс“ и „Тотал медиа центар“

СЈО се сомнева дека во периодот од 8 години сопственикот на трите фирми одбегнал плаќање данок од околу 180 илјади евра. Фото: Мета

Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека за даночните 2008 – 2015 осомничениот како управител на наведените правни лица, ја намалил основицата за пресметување на данок на добивка, го злоупотребил правото на одбивка на данок на додадена вредност и не пријавил лични приходи, кои задолжително се пријавуваат согласно Законот за персонален данок од доход

 

Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека за даночните 2008 – 2015 осомничениот како управител на наведените правни лица, ја намалил основицата за пресметување на данок на добивка, го злоупотребил правото на одбивка на данок на додадена вредност и не пријавил лични приходи, кои задолжително се пријавуваат согласно Законот за персонален данок од доход

 

На 23.03.2017 година Специјaлното јавно обвинителство (СЈО) на прес-конференција соопшти дека е отворена нова истрага со кодно име „Тотал“, која се однесува за даночно затајување од страна на физичко лице кое било сопственик и управител на неколку маркетинг агенции: „Тотал“ ДООЕЛ Скопје, „Медиа макс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје. Според СЈО, сопственикот на споменатите компании во периодот од 2008 до 2015 година одбегнал плаќање данок во вредност од околу 180 илјади евра.

Обвинителската Фатиме Фетаи соопшти дека оваа истрага  опфаќа

дејствие на извршување на едно продолжено кривично дело – Даночно затајување од член 279 став 2 в.в. со став 1 од Кривичниот законик, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на физичко лице како сопственик и управител на Друштвото за маркетинг ТОТАЛ МАРКЕТИНГ АГЕНЦИЈА ДООЕЛ Скопје,  управител на Друштвото за маркетинг и пропаганда ТОТАЛ МАРКЕТИНГ ДООЕЛ Скопје, управител на  Друштвото за маркетинг и истражување на пазарот МЕДИАМАКС ДООЕЛ Скопје и сопственик и управител на  Друштвото за маркетинг ТОТАЛ МЕДИА ЦЕНТАР ДООЕЛ Скопје.

Имено, од доказите произлегува основано сомнение дека осомничениот за даночните години 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014 и 2015 со намера тој и правните лица да одбегнат делумно плаќање на даноци, во книговодствената евиденција на друштвата, завршните сметки и даночните пријави давал лажни податоци за фактите од влијание за утврдување на износот на даночните обврски кои биле должни да ги платат, со што споменатите правни лица за наведените даночни години одбегнале да платат даночни обврски во значителен износ од 7.466.981 денар или 121.414. евра, а осомничениот одбегнал да плати даночни обврски во значителен  износ од 3.876.471 денар или 63.032 евра.

Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека за даночните 2008 – 2015 осомничениот како управител на наведените правни лица, ја намалил основицата за пресметување на данок на добивка, го злоупотребил правото на одбивка на данок на додадена вредност и не пријавил лични приходи, кои задолжително се пријавуваат согласно Законот за персонален данок од доход.

Имено, постои основано сомнение дека осомничениот ги користел правните лица како параван и всушност набавката на опрема и услуги за себе, го евидентирал како набавка за правните лица, иако три од наведените правни лица воопшто немале вработени за вршење на дејноста и за користење на опремата која ја набавувал, а во едно правно лице биле вработени двајца работници, и тоа едниот од август 2014, а другиот од септември 2015 година, што во конкретниот случај не е од значење за одбегнатите даночни обврски…

Од доказите произлегува и дека износот за кој се набавени добра и се примени услуги, кои фактички биле употребени за лични потреби и согласно Законот за персонален данок од доход претставуваат негови лични примања, осомничениот не ги пријавил во годишната даночна пријава за тој данок и со тоа ја одбегнал и таквата даночна обврска.

 

Целата прес-конференција можете да ја видите тука, а извештаите на медиумите поврзани за овој настан можете да ги прочитате на овој линк.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција