Трајковски неосновано тврди дека владата на СДСМ му блокирала проекти

Тони Трајковски Фото: Фејсбук

Тврдењето на Трајковски дека градбата на салата и градинката во Стајковци била блокирана од владата на СДСМ ја сметаме за недоследна од повеќе причини

 

 

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Трајковски, кој е и актуелен градоначалник, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, имаше ТВ соочување со својот противкандидат Борис Георгиевски од СДСМ. Во текот на дебатата, како што пренесе Курир, Трајковски посочил дека владата на СДСМ му блокирала одредени проекти.

Кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за Гази Баба Тони Трајковски во вчерашната емисија „Само вистина“ на Канал 5 телевизија истакна дека градбата на салата и градинката во Стајковци беше блокирана од владата на СДСМ и истите ќе бидат изградени со средства од општината.

[Извор: Курир, датум: 21.10.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Тврдењето на Трајковски дека градбата на салата и градинката во Стајковци била блокирана од владата на СДСМ ја сметаме за недоследна од повеќе причини кои ќе ги посочиме подолу во текстот.

Имено, проектите за изградба на градинка во Стајковци и спортска сала во ОУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци се дел од приоритетните проекти на Трајковски наведени во неговата предизборна програма за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Гази Баба“ (стр.11).

Овие два проекти на Трајковски останаа неисполнети во текот на неговиот мандат 2013-2017 година. Според програмата на локалните избори, фискултурните сали во училиштата во Хиподром и во Стајковци требаше да бидат готови во 2017 година, но тендерот е распишан дури во мај 2017 година, кога е склучен и договорот за изградба.

Новата детска градинка, исто така, според програмата на Трајковски, требаше да биде готова во 2017 година, но ветувањето остана неисполнето.

Мандатот на градоначалниците формално истече на 15 мај 2017 година, а локалните избори требаше да се одржат во првата половина на мај. Но, со оглед на тоа што не беше избран претседател на Собранието, истекоа сите рокови за нивно распишување во предвидениот термин. Поради тоа, мандатот на градоначалниците беше продолжен до 15 октомври, денот за кога Собранието донесе одлука да се одржат локалните избори.

Новата влада предводена од СДСМ, пак, беше формирана на 1 јуни 2017 година. Имајќи го предвид фактот дека мандатот на Трајковски формално истекол на 15 мај и дека 15 дена подоцна била формирана новата влада, недоследно е да се тврди дека владата на СДСМ ги блокирала изгрдабата на салата и на градинката во Стајковци. Понатаму, Собранието ребалансот на Буџетот го усвои на 6 август 2017 година.

Значи, до формалниот истек на мандатот на Трајковски, на чело на извршната власт беше неговата матична партија, ВМРО-ДПМНЕ, во чиј што мандат, тој не успеал да ги реализира двата посочени проекти.

Исто така, Трајковски не објаснува дали од Владата побарал и обезбедил пари за изградба на спортска сала и градинка во Стајковци, што, исто така, е многу важно доколку сака неговата изјава да добие на тежина. Ако имал одобрени пари, колкава е сумата, каде е доказот дека тие пари се стопирани? На овие прашања нема никакви одговори од Трајковски.

Поради сето ова, може да се заклучи дека неговот тврдење, дека владата на СДСМ ги блокирала изградбата на сала и градинка во Стајковци, е недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција