Трамвајската линија Струмица-Цареви Кули застана на физибилити – студија

Струмичани, изгледа уште долго ќе го чекаат панорамскиот трамвај до Цареви Кули Фото: Принтскрин

 

Проект: Панорамско поврзување на градот со Цареви кули. Проектот Панорамско поврзување на градот со ридот над градот предвидува поврзување на градот Струмица со Цареви кули со помош на модерна железничка жичница. Жичницата овозможува искачување на ридот на градот за неколку минути од каде граѓаните и туристите ќе можат да уживаат во извонредниот панорамски поглед на градот и околината надополнет со новите објекти за спорт, забава и рекреација. Модерната железничка жичница ќе се движи по шини, при што две кабини со патници ќе се движат истовремено во спротивна насока и приближно на средина од трасата ќе се разминуваат. Притоа ќе се почитуваат највисоките стандарди за безбедност за ваков вид на транспортни уреди.(Рок: 2013-2017 година)

 

Ова ветување е дел од изборната програма на градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, во делот посветен на туристичкиот концепт за економски развој на Струмица.

Трамвајската линија од Ловен дом до Цареви Кули Заев ја најави  на 26.02.2014 година, а неговата изјава, објавена на Јутјуб, ја пренесе Радио Струмица нет. Тој посочи дека Општина Струмица добила 32.000 евра донација за целокупната проектна документација и физибилити студијата и дека со изградбата на овој проект треба да се почне од втората половина на 2015 година.

Физибилити студијата за проектот беше презентирана во Струмица, на 28.08.2014 година, а на презентацијата присуствуваше и градоначалникот Заев.

Во наредните дваесетина денови ќе организираме донаторска конференција во канцеларијата на Европската унија во Скопје, каде што ќе ги повикаме сите потенцијални донатори кои постојат и функционираат во Македонија за да видиме евентуална привлечност за финансирање на проектот или партиципирање во финансирањето, за да знаеме како понатаму со другите можности кои ни стојат на располагање, како јавно-приватно партнерство и секако на крајот стопроцентно финансирање од буџетот на општината“, рече градоначалникот Заев

На 02.12.2014 година, проектот за Панорамска трамвајска линија беше претставен на Експо изложба во Скопје, во хотелот Александар Палас. Информацијата беше објавена на официјалната страна на општина Струмица.

Проектот, детално, преку фотографии беше прикажан и во списанието Порта, кое на 07.10.2015 објави текст под наслов „Со панорамски трамвај до Цареви кули“.

Големата висинска разлика на локалитетот Цареви Кули во однос на теренот на кој се лоцирани урбаните содржини во градот Струмица налага потреба од примена на специјален транспортен систем кој на релативно кратко растојание од 200-300 метри ќе овозможи брз и еколошки подобен пристап до историските ископини.

За панорамското поврзување на Струмица со Цареви кули, пишуваше и магазинот „Патоказ“ во своето 26-то издание.

Туристите и жителите на Струмица до легендарните „Цареви Кули“ ќе можат да пристигнат со панорамско – трамвајска линија. Таа е најновата понуда во искористувањето на туристичкиот потенцијал, со што значително ќе се олесни пристапот до овој познат архелошки локалитет, лоциран на ридот над градот со прекрасен поглед кон него. Со овој проект, општина Струмица и нејзините партнери ќе придонесат за регионалниот економски развој преку обезбедување на алтернативна туристичка дестинација и одржлив развој на туризмот во регионот. 

На 29.12.2015 година, како што беше објавено на страната на општина Струмица, беше усвоен буџетот на општина Струмица за 2016-та, во кој, како што посочи градоначалникот Заев, се проектирани преку 400 капитални проекти, меѓу кои и Трамвајската линија до Цареви кули.

… ќе пробиеме и огромен пат од Свети Илија до Ловен дом кој што е основа за панорамското поврзување помеѓу Ловен дом и Цареви кули…

На 02.02.2016 година, весникот Нова Македонија, објави текст за Цареви кули, „Крепост на спомени од старите цивилизации“. Во овој напис, во рамка е издвоено дека се планира изградба на трамвајска линија од Струмица до Цареви кули.

Туристите и жителите на Струмица треба да добијат . На тој начин значително би се олеснил пристапот до овој археолошки локалитет и би се овозможило дотаму да се стигне полесно и во секое време. За овој проект е изработена студија за оправданост, но сѐ уште нема конкретни знаци за реализација.

Имајќи го предвид сето ова, како и фактот дека досега е изработена само физибилити стдуија, може да се каже дека овој проект е во тек. Неговата реализација „Вистиномер“ ќе ја разгледува повторно, бидејќи рокот за изградба на трамвајската линија, даден во изборната програма е 2017 година.

Извори:

 

Оценето од: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција