„Транспаренси Интернешнл“ сè уште ја мери корупцијата од периодот кога владееше ВМРО-ДПМНЕ

Фото: принскрин

Обраќањето на Христијан Мицковски  е неточно и манипулативно, односно, според методологијата на „Вистиномер“ и невистинито. Мицковски не само што не ја кажа вистината пред јавноста, туку шири невистини и пред сопственото членство и симпатизери на кои им се обрати

 

Во текот на својот говор пред зградата на Владата на Република Македонија, а кој претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го одржа пред партиските членови и симпатизери во рамките на третиот протестен марш на оваа партија во средата на 12 декември 2018 година, тој ја даде и следнава крајно манипулативна и невистинита изјава:

Ќе речат реформи правеле во судството. 112-та земја според „Транспарентност Интернационал“. 112-та земја сме на ранг листата. Танзанија и Етиопија се пред нас. Ќе речат во Европа нѐ носеле. Не Европа, Африка ја донесоа во Македонија. Африка ја донесоа во Македонија. Ете тоа направија од европска Македонија. Афричка Македонија според степенот на корупција која што владее во моментот во Република Македонија.

[Извор: 24инфо Скопје, датум: 12. 12. 2018 – од 1:55-2:32 од видеото]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Како прво, оваа изјава е дискриминаторска кон африканскиот континент. Со упорното повторување „Африка ја донесоа во Македонија“ и како од „европска Македонија“ направиле „афричка Македонија според степенот на корупција“, Мицкоски сите африкански земји ги става во иста категорија и гради стереотип како сите да се синоним за корупција. Се разбира, тоа не е точно. И во Африка, како и на другите континенти, има различни земји при што едни се повеќе, а други се помалку корумпирани.

Поконкретно, Боцвана, Сејшелите, Капо Верде и Намибија, сите имаат подобар ранг од земји членки на ОЕЦД (клубот на најбогатите земји на светот) какви што се Италија, Грција и Унгарија. Уште повеќе, Боцвана и Сејшелите се подобро рангирани дури и од Шпанија. И тоа ова не е првпат. И во минатото имало земји од Африка кои имале добар ранг кога станува збор за корупција. Така што, нема никаква потреба да се дискриминира целиот континент и да се создаваат лажни стереотипи за цела Африка и за сите земји во неа. Корупција има насекаде. Иако во Африка има значителен број земји со системска и долгогодишна раширена корупција, тоа во никој случај не се однесува на сите.

Понатаму, не е јасно од каде му е на Мицкоски овој ранг за Македонија на 112-то место. Ова не е точно. Македонија според последното и сè уште актуелно рангирање на „Транспаренси Интернешнл“, се наоѓа на 107 место и тоа место го споделува со Ерменија, Етиопија и Виетнам. Филипините се следни на 111 место, додека 112-тото место го делат 5 земји и ниедна од нив не е нашата: Алжир, Боливија, Ел Салвадор, Малдивите и Нигер.

И сега од дискриминаторските сегменти на изјавата и сомнителните неточности да преминеме на она што е најважно. А, тоа е фактот што последното рангирање на „Транспаренси Интернешнл“ не се однесува на периодот во кој СДСМ е на власт. Напротив. Ова истражување за перцепцијата на корпуцијата сѐ уште се однесува на периодот од пред доаѓањето на СДСМ на власт, односно се однесува на периодот кога токму ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.

Имено, последното и сè уште актуелното рангирање за перцепцијата на корупцијата на „Транспаренси Интернешнл“ е објавено на 21 февруари 2018 година и го носи името „Индекс за перцепција на корупцијата 2017“ (CORRUPTION PERCEPTIONS INDEX 2017). Но, ова едноставно значи дека мерењата се собрани и систематизирани во 2017 година. Но, податоците во овие мерења се извршени во претходните 2 години – значи главно во 2015 и 2016 година, како што јасно пишува во Кратката методолошка белешка: „Индексот за перцепција на корупцијата користи 13 различни извори на податоци од 12 различни институции кои ги зафаќаат перцепциите за корупцијата во изминатите две години.“ Настрана фактот што дури и кога сите податоци користени за индексот од 2017 година би се однесувале на истата 2017 година, вината за лошиот ранг на Македонија на оваа листа во никој случај не би можела да ѝ се припише само на актуелната власт, туку во таква ситуација вината би ја споделиле и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ рамноправно зашто лани ВМРО-ДПМНЕ беше на власт до 31 мај 2017 година, што значи дури 5 од вкупно 12 месеци.

Но, како што ќе видиме од документот наречен „Индекс за перцепција на корупцијата 2017: Целосен опис на изворите“, убедливо најголем дел од податоците се однесуваат главно на 2016 година, а помал дел се однесува на 2015 година и на првата половина или првите месеци на 2017 година, значи во оној период од годината кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.

Сето ова покажува дека за актуелното и постоечкото лошо рангирање на земјава кога станува збор за Индексот за перцепција на корупцијата 2017 на „Трансапернси Интернешнл“, за падот од 38 места во период од 5 години, или за падот од дури 16 места само во 2016 година, единствен виновник е претходната влада раководена од ВМРО-ДПМНЕ и никој друг. Сето ова, исто така, покажува и дека овој дел од обраќањето на Христијан Мицкоски  е неточно и манипулативно, односно, според методологијата на „Вистиномер“ и невистинито. Мицкоски не само што не ја кажа вистината пред јавноста, туку шири невистини и пред сопственото членство и симпатизери на кои им се обрати.

На крај, исто така, треба да се напомене и фактот дека еден од донаторите на „Транспаренси Интернешнл“ е и Фондацијата отворено општество од Њујорк, која е дел од синџирот фондации кои се основани и спонзорирани од финансиерот и донаторот Џорџ Сорос. Како што е познато, овие фондации за ВМРО-ДПМНЕ се на рамниште на црниот ѓавол, тие се обвинувани за сите зла и во земјава и во светот, партијата водеше цела една кампања во период од неколку години против овие фондации и тоа и во земјава и низ Европа, па дури и во Конгресот на САД, каде што се потрошија милиони долари за да се убедат американските конгресмени и сенатори за сите „зла“ кои овие фондации наводно ги прават, за сега одеднаш да видиме како се цитираат наводи (макар и погрешно, макар и манипулативно како што е овде случај) на организација која е спонзорирана од Фондацијата отворено општество како ништо да не се случило. Како тоа одеднаш таква организација, која е спонзорорана од веројатно најголемиот непријател на ВМРО-ДПМНЕ на меѓународно ниво, одеднаш стана легитимна, а нејзините наоди релевантни? И како ВМРО-ДПМНЕ, а особено нејзиниот лидер Христијан Мицкоски мисли дека ваквото лицемерие ќе остане незабележано?

 

Оцени: Владимир Петрески

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција