„Трезор“ – Опрема од УБК преплатена 860.000 евра

Преку фирмата „Финзи“ од буџетот на МВР преку сомнителни договори потрошени огромни суми за опрема Фото: Мета

Три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР прибавиле имотна корист за „Финзи ДОЕЛ“ од 862.045 евра при набавка на опрема за телекомуникација од Велика Британија

 

Три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР прибавиле имотна корист за „Финзи ДОЕЛ“ од 862.045 евра при набавка на опрема за телекомуникација од Велика Британија

На 28.09.2016 година Специјaлното јавно обвинителство (СЈО) на прес-конференција соопшти дека е отворена нова истрага со кодно име „Трезор“. Управител на „Финзи“ ДООЕЛ Скопје беше Коста Крпач, кој во април 2016 година во сомнителни услови изврши самоубиство.

Според истрагата, три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР прибавиле имотна корист за „Финзи ДОЕЛ“ од 862.045 евра при набавка на опрема за телекомуникација од Велика Британија. Во периодот од јули 2010 година до крајот на 2012 година, осмничени лица ја искористиле службената положба и набавиле опрема за потребите на УБК, а со што му е направена директна штета на буџетот на Република Македонија.

Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, се работи за груба злоупотреба на буџетски средства:

Паричните средства за кои ќе стане збор се средства на сите граѓани на Република Македонија, кои Вие секојдневно ги одделувате по разни основи од вашите примања и ги доверувате на владеачките елити за да креираат посигурно и попросперитетно општество за Вас и Вашите поколенија.

Наместо тоа, од доказите во предметот кој ќе Ви го презентирам произлезе основано сомнение дека таквите средства преку злоупотреба на службената положба на определени носители на функции, преку оштетување на буџетот, биле искористени за други цели, конкретно како имотна корист-лично богатење, што е казниво согласно Кривичниот Законик.

Во овој момент истрагата се отвора поради основано сомнение дека со дејствијата на три раководни лица од УБК при МВР на РМ и на едно раководно лице при МВР на РМ е прибавена имотна корист на, од скоро добро познато правно лице, регистрирано во РМ под името „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, во вкупен износ од 53.015.794,00 денари или 862.045 евра и за истиот износ е сторена директна штета на буџетот на Република Македонија…

Видеопорталот НОВА, повикувајќи се на судски извори, објави дека во случајот „Трезор“ се осомничени: поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началникот на петтата управа Горан Грујовски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски и бившиот помошник министер во МВР и член на Управен одбор на Телеком, Небојша Стајковиќ.

Целата прес-конференција можете да ја видите тука, а извештаите на медиумите поврзани за овој настан можете да ги прочитате на овој линк.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција