Цаноски: Процесот да продолжи без оглед на аболицијата

Директна штета од 15 милиони евра, индиректна 60! Фото: скриншот

 

Од една страна ми се правеше пријател, а од друга ми копал дупка. Секогаш ми велеше не се секирај, ќе го средиме тоа, а гледам што правел муабет со Јанакиески – заклучува Цаноски.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

На 21.04.2016 година, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) го отвори случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Во истражната постапка под името „ТНТ“, првоосомничена е градежната испекторка во Општина Гази Баба и уште три лица од Комисијата за јавни набавки на Општината.

Како што појасни обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, на прес-конференцијата за оваа истрага, уривањето на „Космос“ било „поттикнато“ од поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во координација со градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, тројцата аболирани од претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Целта на уривањето била да му се одмаздат на Цаноски „за неговата политичка одлука, зашто како претседател на политичката партија ПЕИ, ја напуштил коалицијата со политичката партијата ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со опозициската политичка партија СДСМ“.

 

СЈО: ПОЗАДИНАТА НА РУШЕЊЕТО НА КОСМОС Е ОДМАЗДА

Обвинителката Фатиме Фетаи на презентацијата на истражните наоди, изјави:

Имено, од прибраниот доказен материјал, произлезе основано сомнение дека во временскиот период од 01.05.2011 година до 17.08.2011 година,  во Скопје, тогашниот Претседател на Владата на РМ и Претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот Министер за транспорт и врски во Владата на РМ, кои со Одлука бр.08-523/1 од 12.04.2016 г. на Претседателот на Република Македонија се помилувани-ослободени од кривично гонење, заеднички, со цел да му се одмаздат на оштетениот Фијат Цановски за неговата политичка одлука, кој како претседател на политичката партија ПЕИ, ја напуштил коалицијата со политичката партијата ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со опозициската политичка партија СДСМ, искористувајќи ја нивната политичка моќ, со умисла го поттикнале да стори кривично дело Градоначалникот на општина Гази Баба, кандидиран од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и кој исто така со Одлука бр.08-523/1 од 12.04.2016 г. на Претседателот на Република Македонија е помилуван-ослободен од кривично гонење, да тој ја искористи својата службена положба и да најде начин да незаконски го сруши станбено-деловниот објект Космос, што бил граден од оштетениот-инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје и изведувачот КОСМОС ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Скопје, трговски друштва каде сопственик е оштетениот Фијат Цаноски, рече Фетаи.

Кривична пријава СДСМ поднесе на 03.03.2015 година и е против Никола Груевски тагашен премиер, сега претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиевски, тогашен министер за транспорт и врски, Тони Трајковски градоначалник во општина Гази Баба, НН лица вработени во општина Гази Баба.

– Кривичните пријави се поднесени за различни кривични дела кои произлегуваат од содржината на досега објавените разговори – изјави при поднесувањето на пријавата Љупчо Николовски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

 

И СДСМ ОЦЕНИЛ ДЕКА ГРУЕВСКИ Е ГЛАВНИОТ ИНСПИРАТОР

Во пријавата стои:

Во периодот на јули 2011 година, првопријавениот Никола Груевски со умисла го поттикнал второпријавениот Миле Јанакиески да ги пречекори границите на своето службено овластување и да го сруши објектот „Космос“, кој објект бил граден од правното лице ТД „Фине“ Скопје ДОО по претходно прибавена уредна градежна документација, а со намера да му наштети на сопственикот на правното лице ТД „Фине“ Скопје ДОО, оштетниот Фијат Цановски заради негова различна политичка определба, по што второпријавениот Миле Јанакиески, третопријавениот Тони Трајковски, градоначалник на општина Гази Баба и НН лица, вработени во општина Гази Баба, како службени лица, со пречекорување на границата на своето службено овластување, спротивно на член 57, член 128 и член 132 став 4, член 133 став 1 и 2 од Законот за градење, член 72 став 5 и 6 и член 73 од Законот за општа управна постапка и член 47 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, на 1.08.2011 година пристапиле кон рушење на објектот „Космос“ и истиот целосно го срушиле, со што на оштетеното правно лице ТД „Фине“ Скопје ДОО му предизвикале штета од големи размери во вкупен износ од 17.246.729 евра.

Фетаи, пак, на веќе споменатата прес конференција, образложувајќи го случајот, понатаму рече:

Градоначалникот го прифатил налогот и искористувајќи ја својата функција, положба и надреденост, ја повикал првоосомничената, службено лице-овластен градежен инспектор во Сектор за инспекциски работи во Одделение за урбанистичко градежна инспекција во Општина Гази Баба и и кажал дека од врвот на партијата ВМРО-ДПМНЕ побарале да се најде начин незаконски да го сруши објектот.

Таа се согласила со тоа и свесна за последиците и штетата што може да настане од нејзините дејствија, како овластен градежен инспектор со искористување на својата службена положба и овластување, во општина Гази Баба во Скопје во населбата Ќерамидница на ул.Перо Наков бр.94, постапила спротивно чл.47 т.4 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и чл. 134 т.4 од Законот за градење.

Истата за да ја реализира постапката за рушење на станбено-деловниот објект “Космос”, направила мерење на максималната височина на нултата плоча на градбата, без да постојат законски услови за мерење на таа височина и тоа без да биде изграден заштитен тротоар на градбата од страна на пристапната улица „8“ на објектот во однос на кој требало да се врши мерењето.

 

ШТО РАЗГОВАРАА ОСОМНИЧЕНИТЕ НА ТЕЛЕФОН

Наводите од случајот „ТНТ“, на СЈО, можеа да се слушнат и во дел од т.н. „бомби“ што минатата година ги објави СДСМ. Во „бомбата број 5“ и во „бомбата број 13“, како што тогаш објави опозцијата, Груевски и Јанакиески го договараат уривањето на „Космос“, со голем интерес ја следат динамиката на уривањето, а во еден од разговорите поранешниот премиер му раскажува на својот министер детали од неговата средба со Цаноски во својот кабинет и, смеејќи се, вели дека бизнисменот бил толку уплашен што „му тече низ панталони“.

Во првиот разговор, според СДСМ, Никола Груевски, тогаш премиер, му дава инструкции на Јанакиески да турка според планираното. Зборуваат во шифри (за тој Ф.Ц.) по што Груевски се интересира дали има некоја причина да се одлага и прашува дали Фијат Цаноски се јавувал кај Јанакиески. Тогашниот министер вели дека утре ќе биде испратено (решение или одлука) препорачано по пошта, а Груевски бара тоа да се случи попладнето, да не е „ептен од сабајле“.

Во вториот разговор, Груевски кажува дека градоначалникот на Гази Баба имал проблеми поради „ова со Фијат“ и имал управна инспекција во општината. Потоа Груевски кажува дека му текнала друга варијанта за оневозможување на изградбата на „Космос“ – да се смени ДУП-от, па плацот да се направи парк, со фонтани, со чуда“ … Груевски му наложува да се чуе со Тони (Трајковски, градоначалникот на Гази Баба), на што Јанакиески вели дека е доволно само да се намалат габаритите на градба.

Во третиот емитуван разговор, Груевски се јавува со нова идеја – да се смени ГУП-от, и во него да се внесе парк, оти смета дека и да има можност Цаноски да гради според ДУП-от, поради ГУП-от нема да може да се издаде дозвола.

Еве еден од разговорите:

Груевски: Миле?

Јанакиески: Молам.

Груевски: Што правиш?

Јанакиески: Комисија водам уште.

Груевски: Кај си ти, у кој дел на зградата?

Јанакиески: Долу, Влада, баш Влада кај што има.

Груевски: Ааа долу, а? Беше овој сега.

Јанакиески: Добро.

Груевски: Бааѓи исплашен. Бааѓи. Значи не сум го видел ваков досега, никад.

Јанакиески: Аха, овој…добро.

Груевски: Фијат.

Јанакиески: Да, ми текна, да.

Груевски: Го оставив, се испука. Сè… разни документи ми извади дека се у право, да не знаеш, вика, зошто вака. Еве пред месец дена ти си потпишал нешто, па некоја поправка требало, па сега за поправката чекаме месец дена. Не знам викам, не сум во тек, целосно, ќе провериме сигурно – викам – има нешто. Ама нема, ја прашав таму вработените, ова-она. И од прилика од околу, од околу, му кажав културно што се забелешките за него. Дека го нема жив таму да се појави, и викам знаеш, другото сега да не ти зборам, што овака се збори. Ама, викам тоа не значи дека човеков ради тоа не ти дал, него сигурно има некоја техничка…проблем некој, викам… И почна да се правда за тие две работи. И на крај му реков, ај викам, ќе поразговарам со Миле, да видам што се проблемите, па ќе ти јавам вечер. Мооолим те вечер да ми јавиш, утре ми е Рамазан, мирно да спијам вечер. Не можам више да спијам, хахахаха. Ми се виде стварно многу исплашен, дури жал ме фати у еден момент, да ти кажам.

Јанакиески: Заглавен е.

Груевски: А? Аууу, вака го неам видено никогаш до сега, а и ретко кој вака исплашен ми дошол. Молим те што сакаш да правам, тоа. Ако сакаш Велија да го довлечам еве, дај да ви организирам средба, ја стварно немам со него, ни бизнис, ни сакам да имам бизнис. Децава ни се сега заедно, утре може нема да бидат, нон-стоп се караат. Хахахаха. Молим те, хахахахаха.

Но покрај овие веќе познати детали за јавноста, Специјалното јавно обвинителство на прес-конференцијата презентираше и пораки што меѓусебе си ги испраќале Јанакиески и Ф.И.(сега починат), сопственик на фирма, кој бил ангажиран да раководи со уривањето на „Космос“ и посредувал во незаконското договарање на фирмата која ќе го врши демолирањето на објектот со експлозив.

„Јас ќе го испочитувам договорот со тебе и за партијата. Миле ти што ќе сториш брат за мене. Јас сум во клиничка смрт овие 7 месеци. Вчера моите подизведувачи МЗТ „Пумпи“ и „Трансмет“ како хиени почнале на препумпната станица во Лисиче каде имам судски спор со „Липицанерот“. Кај МЗТ дадов аванс 7.150.000 денари за пумпите, а другарот од „Трансмет“ од таму однесе околу 5000 кубни метри песок и сега на готов објект за 27.000.000 денари ќе се гостат со Коце и со „Липицанерот“. Каков масакр мене ми се случува, брат, од кого? Од моите? Има господ, ќе суди на сите. Јас бев, сум и ќе останам ист, сега помогни ми ти со твојот авторитет, јас ќе ја завршам работата, ќе се гордееш утревечер, а јас со пелин во душата, блокирана сметка и со доверители на врат и со добиен очен инфаркт? Ако треба така за партијата и за Човекот, ОК, ама лични профити не гревота е. РЅ. Викни денес на едно кафе, имам до толку брат, за стари добри времиња“, се вели во пораката испратена од Ф.И. до Јанакиески, еден ден пред уривањето со експлозив.

 

РАЗГОВОРИТЕ СЕ АВТЕНТИЧНИ

Со горенаведените дејствија, првопријавениот Никола Груевски сторил едно кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.3.в.в. со ст.1 в.в. со член 23 од КЗ, второпријавениот Миле Јанакиески, третопријавениот Тони Трајковски и НН лица, Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст3 в.в ст.1 в.в со член 22 од КЗ на РМ.

Според овие Кривични дела на Груевски, Јанакиески и Трајковски, ако не се аболицирани им прети затворска казна од најмалку шест месеци, до најмногу три години.

Фијат Цаноски за „Вистиномер“ потврди дека разговорите во кои е споменат тој се автентични. Тврди дека е горд на истрагата која ја работи СЈО и се надева дека ќе добие судска разрешница.

– Задоволен сум што се покрена случај. Јас бев на сослушување во Специјалното обвинителство и знам дека имам цврсти докази против осомничените. Инаку, ги потврдувам разговорите кои ги објави СДСМ, а се уште го чувам и листингот на разговори што сум ги имал со тогашниот премиер – вели Цаноски.

Тој вели дека процесот мора да се тера без разлика на аболицијата од претседателот Иванов.

– Сто процентно сум убеден дека сум во право – вели Цаноски.

На прашањето од „Вистиномер“, дали се уште има закани, тој вели дека сега нема потреба од тоа затоа што е во опозиција, а се што сакала власта си остварила.

Цаноски резигнирано вели дека е згрозен од постапките на поранешниот премиер Груевски:

– Од една страна ми се правеше пријател, а од друга ми копал дупка. Секогаш ми велеше не се секирај, ќе го средиме тоа, а гледам што правел муабет со Јанакиески – заклучува Цаноски.

 

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција