Центар не ја доби ветената „вертикална шума“

Фото: Изборна програма на Андреј Жерновски

Ќе се пристапи кон изградба на вертикално зеленило, односно зелени фасади и огради, како понов тренд во светските метрополи, во оние делови каде просторот за зеленило е лимитиран.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

„Изградба на вертикално зеленило, односно зелени фасади и огради“, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, вети за локалните избори  во 2013 година. Овој проект е наведен во неговата  изборната програма „Иднината сега! Време е! Андреј Жерновски за Центар“  (стр.21), и досега (08.05.2017) , на самиот крај на мандатот на Жерновски, тој не е реализиран.

Проектот се спомнува во делот „Драстично зголемување на урбаното зеленило во Општината“,  при што повикувајќи се на  „ најновите стандарди за озеленување и негово ставање во функција на подобрување на животната средина, заштеда на енергијата и промовирање на биоразноликост,  како една од мерките за подигнување на квалитетот на урбаното живеење се посочува и изградбата на „вертикално зеленило“ (стр.21)

Досега  (08.05.2017), нема информации дека се спроведени активности за имплементација на овој проект. На интернет пребарувачите никаде не може да се најдат податоци околу изградбата на вакви „пошумени згради“. И тоа не само во Центар, туку воопшто во Македонија. Единствените информации  што се добиваат се поврзани за „зелени покриви“,  но кои главно се на управни згради на различни правни субјекти.

„Нова Македонија“ неодамна (март 2017) пренесе изјава од Општина Центар  во која велат дека засега „зелените кровови“  се само идеја, додека „зелените фасади“ не се споменуваат

Во тек се првични разговори и разгледување на можностите за проектот-зелени покриви. Има идеја прво ова да биде поставено во новото основно училиште кое се гради во Капиштец. Но сѐ е во фаза на договор и идеја и испитување на можностите – (Општината Центар)

Информација за тоа дека во Центар е направено „вертикално зеленило, односно зелени фасади и огради“,   нема  ниту на официјалната веб-страница на Општина Центар, каде со пребарување може да се добијат написи за уредување на јавното зеленило, паркови, игралишта, но не и за „вертикални шуми“.

Имајќи предвид дека мандатот на Жерносвки завршува деновиве (според последните информации на 15.05.2017), а досега (08.05.2017) нема достапни информации дека се спроведени некакви  активности за реализација на проектот,  ова ветување го оценуваме како неисполнето.

Инаку, првата вертикална шума во светот е изградена во Милано .

Проектот вертикална градина или “Bosco Verticale”, дизајниран од архитектонското студио “Boeri” и изведен од “Hines”, вклучува две станбени згради високи 110 и 67 метри, на чија фасада се поставени по целата должина дрвја и зеленило.

Овој иновативен модел на пошумена зграда во Милано, во 2014  година доби меѓународна награда за дизајн на облакодер, како најубав и најиновативен проект.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција